Има ли пилот во авионот? Не, има пилотка, а нејзиното име е Стефанија Димеска

„Посакав да станам пилотка уште како мал со моето прво одење на аеродром, кога првпат ги видов авионите и имав можност да се возам. Иако почнав да се школувам во друга бранша, таа желба која сега ми е реалност цело време беше тука некаде“, раскажува 29-годишната Стефанија Димеска за својот пат од детските мечти до нивното остварување.

2.309

Прилепчанката Стефанија Димеска ја запознавме на првата глобална женска лидерска конференција „Јас Сум Жена“, а темата на која беше повикана да зборува беа кариерните стереотипи со кои се соочуваат жените.

Имено, Стефанија е пилотка. Да, да, добро прочитавте, може да се случи наскоро кога ќе патувате некаде со авион и ќе ви се обрати капетанот на авионот, тоа да биде токму таа.

Зборувајќи за кариерните стереотипи Стефанија признава дека имало моменти кога била потценувана токму заради својот пол, како и моменти кога почувствувала дека ѝ попуштаат во некој поглед бидејќи е женско.

„Имало моменти кога се сомневале дали сум доволно способна да го работам ова, но на крајот од денот јас со мојата посветеност и работа докажувам дека сум и тоа како способна и дека го можам истото како и секој друг“, децидна е Стефанија која смета дека ако сме способни за она што сакаме да го работиме, полот воопшто не е важен.

„Важен е професионализмот во работата и ефективноста, не е важен полот. Стереотипите се присутни насекаде во светот и во секоја професија, но можеби кај нас на Балканот се малку повеќе изразени. За жал, сѐ уште постои онаа поделба на машки и женски работи и мислам дека тоа тешко може да се искорени. Но како и да е, секогаш е борба да се докажеш дека можеш, иако постојат исклучоци, односно, луѓе на кои тоа не им е битно, туку им е битно да се заврши успешно работата. Мислам дека повеќето жени се соочуваат со стереотипи во која било професија што се смета за „помашка“ професија“, објаснува нашата соговорничка.

Таа признава дека токму дента кога ја добила поканата за учество на конференцијата, бил еден од оние лоши денови, денови кога не се чувствуваме доволно добри и силни за да продолжиме со обврските, кога се чувствуваме тажни, исцрпени, немоќни.

„Авијацијата е константно надоградување и учење па да, некогаш станува премногу, бидејќи сепак животот не е само работа, тука е и социјалниот и приватниот дел. И кога ќе се собере сѐ, понекогаш станува премногу, но се разбира дека таквите денови поминуваат и тоа што следи е уште подобро и така растеме и стануваме посилни личности и успеваме да ги совладаме и најголемите препреки“, вели таа.

Стефанија има 29 години и основно училиште завршила во Прилеп, а потоа, откако семејството се преселило во Скопје се запишала во гимназијата „Јосип Броз Тито“. Иако уште од мала имала желба да стане пилотка, по завршувањето на средното образование се запишала на Машинскиот Факултет во Скопје, отсек Мехатроника. По професија е дипломиран машински инженер по мехатроника, но моментално чека вработување како професионален пилот бидејќи во меѓувреме решила сепак да се послуша себеси и да стане она што го посакувала целиот свој живот: пилотка.

„Посакав да станам пилотка уште како мала со моето прво одење на аеродром, кога првпат ги видов авионите и имав можност да се возам. Но како поминуваа годините и времето почнав да правам други работи и да се школувам во друга бранша, но желбата не ми се изгуби. И онака цел живот сум по аеродроми и опкружена со авијација па цело време беше тука некаде таа желба, која сега ми е реалност. Татко ми не носеше со него на аеродромите, заедно со мојата сестра. Не можам да се сетам со што ми беше тој прв лет бидејќи бев доста малечка, но се сеќавам на чувството кое го имав и колку бев среќна и насмеана. Секако дека татко ми имаше непосредно влијание, бидејќи и тој е пилот и на некој начин цел мој живот бев вклучена во авијацијата, но сепак, изборот е само мој. Татко ми на почетокот имаше дури и отпор кон мојата желба, со оглед на тоа што знаеше колку треба да се вложува во оваа професија, но откако сфати колку е јака таа желба, го прифати мојот избор и до ден денес ми помага и ми е поддршка“, раскажува Стефанија за својот пат од детските мечти до нивното остварување.

Со обука за летање започнала на спортскиот аеродром Стенковец, во Аероклуб Скопје и таму ја зела првата лиценца за спортски авиони, односно Приватна пилотска дозвола PPL(A) – Private Pilot License (Aeroplanes). Потоа ја продолжила обуката во Бугарија, кадешто го завршила теоретскиот дел и најпосле продолжила во Хрватска кадешто го довршила остатокот од своето школување.

„Зедов европска лиценца за професионален пилот CPL(A) – Commercial Pilot License (Aeroplanes). Одлучив да одам по модуларен пат бидејќи тоа ми дојде најдобро, да можам јас да бирам во која школа сакам и со цел да имам повеќе искуства со различни инструктори. Постои и друг пат како да се стигне до професионална дозвола, а тоа е да се заврши сѐ во една школа, односно од нула до ATPL(A)“, раскажува нашата соговорничка чиј прв самостоен лет бил со Цесна 172 (Cessna 172) во 2017 година.

„Тогаш првпат управував сама во текот на мојата обука кога доаѓа делот да нѐ пуштат сами на првиот лет, односно да „лашираме“, како што се нарекува првиот самостен лет“, објаснува таа.

Моментално чека вработување како професионален пилот, односно во патничка авијација или како би рекле некои, на големите авиони за возење патници.

Конкретна можност нема туку, како и за секоја работна позиција, се аплицира и потоа се чека да ве повикаат на интервју. Кога би добила веќе работен договор, тогаш би почнала со обуките за конкретната компанија.

„Станува збор за курсеви кои мора да се завршат за одреден тип на авион, зависи која компанија каков тип на авион има. Потоа следат низа други курсеви претпоставувам, но исто тоа зависи од компанија до компанија. Како што кажав и претходно, авијацијата е константно надоградување и учењето никогаш не запира“, вели Стефанија.

Со оглед на тоа што досега се обучувала, немала долги релации на летање, но во текот на обуката имала летови кои траеле и по 3-4 часа. „Пилотските кабини во кои сум била досега се од авиони од генералната авијација, т.е. од малите авиони со кои сум летала. Во делот од патничка авијација не сум имала досега можност, освен додека бев на симулатор, што исто ми беше дел од обуката. Последниве години компаниите се движат во насока на поголема застапеност на жените во авијацијата“, вели Стефанија.

Во однос на стереотипите, дека жените се за стјуардеси, а мажите за пилоти вели дека ако една личност е способна, дали е стујардеса или стујард, може да стане и пилот. Сум имала и јас интересни искуства во овој поглед каде ме замениле со стујардеса наместо пилот, но сѐ тоа се сфаќа на шега, барем од моја страна“, се смее Стефанија.

Таа во својата работа добива поддршка од најблиските, пред сѐ, од фамилијата, пријателите, момчето, дури и од познаници и од непознати луѓе и тоа ѝ е многу важно.

Сепак, смета дека мажите генерално, се плашат од способни жени, од жени кои знаат што сакаат, од жени кои имаат необични професии, од независни жени. „Можеби и не е толку до професијата, колку што е до карактерот и ставот на личноста, а професијата само ја додава црешата на шлагот“, вели оваа девојка која освен во пилотирање, е добра во повеќе работи.

„Сакам да скијам, пливам, играм одбојка. Тренирав боречки вештини подолг период, а додека бев основно школо посетував и музичка школа и учев да свирам на пијано. Сакам да фотографирам и да цртам, сакам да читам, возам и мотор, а тренирам и јога. Уживам во присуството на позитивни и инспиративни луѓе, уживам кога се гледам со моите пријатели. Многу сакам да патувам и да учам за нови култури, уживам да бидам спонтана“, завршува Стефанија која во иднина се гледа себеси како реализирана личност на професионален и на приватен план.

А ние ѝ посакуваме што поскоро да се најде во пилотската кабина на некој патнички авион и мирно небо на сите летови.

Повеќе