Истражувањето потврди: Мозоците на тинејџерите „oстареле“ за време на ковид-пандемијата

Карантините за време на пандемијата на ковид-19, како што беше затворањето на училиштата, откажаните спортски активности и наредбите за останување дома, предизвикаа тинејџерските мозоци да остарат предвреме, дури за четири години, открија научниците од Универзитетот во Вашингтон.

103

Нова студија, објавена во понеделникот во списанието Proceedings of the National Academy of Sciences, е дополнителен доказ дека пореметувањата во секојдневните рутини може да придонесат за развој на проблеми во однесувањето, пораст на нарушувања во исхраната и развој на анксиозност и депресија кај адолесцентните девојчиња и момчиња, пренесува NBC.

Научниците од универзитетскиот Институт за истражување и наука на мозокот (I-LABS) ја започнаа студијата користејќи магнетна резонанца уште во 2018 година за да утврдат на кој начин се развивала структурата на мозокот на 160 тинејџери од областа Сиетл со текот на времето. Учесниците во студијата, речиси еднаков број на момчиња и девојчиња, биле на возраст меѓу 9 и 19 години на почетокот на студијата.

Водителката на истражувањето, ко-директор на I-LABS, Патриша Кухл, вели дека тие не можеле да ги следат скенирањата на мозокот до 2021 година, откако започнал карантинот поради ковид во 2020 година, поради што го префрлиле фокусот на студијата за да дознаат како изолацијата влијаела на структурата на мозокот кај адолесцентите.

Со мерење на дебелината на церебралниот кортекс – надворешниот слој на мозочното ткиво што ги контролира неговите функции на повисоко ниво, како што се расудувањето и одлучувањето – тие открија дека мозокот на тинејџерите старее предвреме – за 1,4 години, додека скенирањето на мозокот на девојчињата покажало забрзано стареење за дури 4,2 години, покажала студијата.

Церебралниот кортекс природно се разредува како што старееме.

И хроничниот стрес може да предизвика слични промени во мозокот.

Но, во периодот од три години помеѓу првото скенирање и следењето, церебралниот кортекс се разредил кај тинејџерите многу повеќе отколку што очекувале истражувачите.

„Како што старееме, разредувањето на кортексот е поврзано со помалку време за брзо процесирање на информациите, помалку флексибилно размислување и сите други проблеми што ги поврзуваме со стареењето“, рекла Кухл.

„Генерално, го забележавме ова забрзано стареење кај сите тинејџери кои учествуваа во истражувањето.

Стареењето на мозокот е поизразено кај тинејџерките

Стареењето на мозокот било поизразено кај тинејџерките.

Скенирањето покажало дека истенчувањето е раширено низ целиот мозок на девојчињата, дека се случувало во 30 региони во двете хемисфери и во сите лобуси.

Во машкиот мозок, истенчувањето било ограничено на само два региони, и двата во окципиталниот лобус, кои влијаат на перцепцијата на растојанието и длабочината, на препознавањето на лицата и меморијата.

Поголемото влијание врз девојчињата може да се должи на разликите во важноста на социјалната интеракција за девојчињата во споредба со момчињата, според Кухл.

Момчињата се собираат за спорт и физичка активност, а девојчињата адолесценти имаат тенденција да се потпираат на личните односи за емоционална поддршка и развој на сопствениот идентитет.

„Кога девојчињата и жените се под стрес, постои природен одговор да се здружат и да разговараат за тоа, кога ќе се ослободат окситоцинот и другите невротрансмитери кои се чувствуваат добро“, рече д-р Елен Ром, раководител на адолесцентна медицина во болницата Cleveland Clinic Children’s Hospital, која не учествувала во истражувањето.

Што значи предвременото стареење на мозокот во секојдневниот живот на младите луѓе кои биле принудени да се справуваат со пандемични ограничувања, често сами во своите соби, да посетуваат настава преку Зум или без социјални врски?

Дали постојат долгорочни ризици за „пандемиските мозоци“?

Истражувањето не укажува дека карантините предизвикале промени во мозокот.

Имено, нарушувањата на менталното здравје биле во пораст кај децата и пред пандемијата на Ковид.

Но, студијата сугерира дека истенчувањето на кортексот може да биде поврзано со зголемена анксиозност, депресија и други нарушувања во однесувањето, рекла Кухл.

Друга студија за скенирање на мозокот спроведена во 2022 година на Универзитетот Стенфорд покажала слични промени во дебелината на кортикалниот мозок кај тинејџерите за време на ограничувањата за ковид.

Истражувачите од Стенфорд го споредиле стресот и нарушувањата предизвикани од пандемијата со детските трауми, како што се насилството, запоставувањето и семејната дисфункција.

Кул истакнува дека пандемијата беше трауматично време за сите, особено за младите луѓе кои доживуваат интензивни промени во нивниот емоционален и бихејвиорален развој во тој период од нивниот живот. Изолацијата имаше уште поштетно влијание врз нивното емоционално здравје.

„Пандемијата беше драматична и неочекувана, на некој начин драматична и катастрофална не само за физичкото, туку и за менталното здравје“, смета Кухл.

Самоубиствени мисли и огромни нивоа на безнадежност кај тинејџерите

Од 2021 година, неколку извештаи за менталното здравје на младите од Центрите за контрола и превенција на болести открија невидени нивоа на безнадежност и самоубиствени мисли кај тинејџерите.

На почетокот на август, истражувањето на ЦДЦ покажало мало подобрување на менталното здравје кај тинејџерите, иако дури 53 отсто од средношколките велат дека сè уште чувствуваат постојана тага.

Постојат периоди во развојот на мозокот кога одредени видови на учење се најефективни, вели д-р Џонатан Познер, професор по психијатрија на Медицинскиот факултет на Универзитетот Дјук, наведувајќи го како пример странскиот јазик што е многу полесно да се научи како дете отколку како возрасен.

„Тинејџерските години се исклучително важни за општествениот развој“, вели Познер, кој не бил вклучен во новото истражување.

„Ако не постои таа социјална интеракција, едноставно нема можност за таков вид на социјално учење. Кората не може повторно да расте и продолжува да се намалува во текот на животот.

Сè уште не е целосно јасно дали прерано стареење на „пандемичниот мозок“ на младите луѓе исто така може да биде изложен на поголем ризик од развој на нарушувања како АДХД и депресија, а можеби дури и болести како Алцхајмерова и Паркинсонова болест, вели Кухл.

Децата се издржливи и може да им се помогне да се вратат во нормала

Многу детски социјални вештини заостануваат по пандемијата.

Во овој период, тие ја изгубија способноста да се движат во општествениот свет со своите врсници. Но, експертите велат дека губењето на мускулите за социјална интеракција не мора да биде трајно ако и социјалните интеракции и односите на младите луѓе се опоравиле по пандемијата.

„За среќа, децата се навистина издржливи и можеме да им помогнеме да се вратат во нормала. Но, во исто време не сакаме да се залажуваме, мислејќи дека сето тоа е безначајно. Напротив, имаше значително влијание врз нивниот раст и развој“, смета Познер.

Повеќе