Ја отпуштиле од работа додека се лекувала од рак на грлото на матката
Овој и слични на него се случаите на жени кои боледуваат од рак на грлото на матката, а биле дел од анализата на здружението ЕСЕ која се однесува на цената на чинење во пари и изгубени години на живот заради тоа што во државата немаме организиран скрининг на рак на грлото на матката
Месец јануари е месец за подигање на свесноста за ракот на грлото на матката кој претставува четврт најчест карцином помеѓу жените. Меѓународната агенција за истражување за рак се фокусира на три приоритети кои имаат влијание врз намалувањето на оптоварувањето од ракот на грлото на матката на глобално ниво. Тоа се: (1) вакцинација против ХПВ, (2) навремено лекување на предраковите промени на грлото на матката (3) унапредување на опфатот на жените со скрининг на рак на грлото на матката.
Македонија нема соодветно организиран скрининг за рак на грлото на матката и како последица од тоа, само во 2017 година се изгубени 574 години на живот помеѓу жените, заради предвремена смртност од ова заболување.
Поради ненавременото дијагностицирање на ова заболување кај нас, Фондот за здравствено осигурување годишно троши најмалку 29 милиони денари за лекување на жените каде што карциномот е откриен во напредна фаза. Жените кај кои ова заболување е откриено во напредна фаза годишно трошат најмалку 11 милиони денари, за трошоци кои се поврзани со заболувањето.
Годишните трошоци поврзани со ракот на грлото на матката (од страна на државата и од страна на жените) се проценуваат на минимум 39 милиони денари. Во анализата спроведена од здружението ЕСЕ велат дека со оглед на тоа што тие немале можност за пристап до сите податоци за трошоците, најверојатно реалните годишни трошоци се повисоки од оваа сума.
Со цел да се намали смртноста од ракот на грлото на матката и да се намалат трошоците за лекување, државата треба да обезбеди опфат со скрининг за рак на грлото на матката на 80 % од жените на возраст од 24 до 60 години. За да се постигне бараниот опфат, од здружението бараат државата за тригодишен период да одвои 168 728 100 денари или во просек 56 242 700 денари годишно за оваа намена.
Со овие средства и со доследно спроведување на скринингот ќе се спречи предвремената смртност и ќе се унапреди квалитетот на животот помеѓу жените. Воедно ќе се избегнат трошоците на товар на државата и на жените, што се резултат на ненавремено откривање на ова заболување.
Дел од жените стравуваат за нивните приходи и нивната финансиска егзистенција, бидејќи дијагнозата на заболувањето носи дополнителни трошоци за нив и нивните семејства, а воедно ги оневозможува да работат и да заработуваат. Особено се погодени жените што немаат доволно работен стаж и немаат право да остварат инвалидска пензија, а заради дијагнозата не се способни да работат.
„Не сум сигурна дали ќе можам да продолжам да работам. Јас работам во текстилната индустрија како шивачка и сега не се чувствувам способна да продолжам да работам. Немам доволно години стаж за да побарам инвалидска пензија, така што не знам што ќе правам понатаму“ , вели жена која боледува од рак на грлото на матката, а била опфатена со анализата на ЕСЕ.
Друга вели дека додека била на боледување ја отпуштиле од работа. Таа сè уште прима терапија, а потоа не знае како и дали ќе биде во можност да најде нова работа.
Одреден дел од жените опфатени со анализата изјавиле дека повеќе не се во можност ниту во иста мера да ги извршуваат домашните обврски и обврските околу грижата за децата, како што тоа го правеле пред да се појави заболувањето. Воедно, кај еден дел од жените бил присутен изразен страв за нивното здравје и живот.
„Јас имам две малолетни деца, а сега не се чувствувам способна да се грижам за нив. Сè уште ја примам терапијата тука во болница. Многу сум загрижена и не знам како понатаму ќе се грижам за моите деца и за домот. Сè што сакам е да се вратам дома и да можам да си ги чувам децата“, вели жена што боледува од рак на грлото на матката. Оваа и слични на нив се само дел од изјавите на жени кои боледуваат од рак на грлото на матката, а биле опфатени со анализата на здружението ЕСЕ која се однесува на цената на чинење во пари и изгубени години на живот заради тоа што во државата немаме организиран скрининг на рак на грлото на матката.