Како да постапите доколку вашето дете е жртва на булинг?

Голем број родители не знаат како да постапат, па понекогаш дури забележуваме нормализирање и минимизирање на она што му се случува на детето оправдувајќи го како детска игра или нешто што мора да се помине во училишните денови, охрабрувајќи го да се брани, што му создава дополнителен притисок на детето.

3.764

Булингот или врсничкото насилство е повторувачко однесување, односно се работи за насилство со намера, и може да се случи преку удирање, туркање, закани, потсмев, гестови, ширење гласини, исклучување итн. Сајбер булингот пак, се случува на социјалните мрежи, исто така, со закани, потсмев, ширење гласини, уценување, но, и размена на фотографии.

Булингот не треба да се споредува со ситуациите кога децата во текот на играњето се задеваат, понекогаш се лутат, но, тоа не е штетно кога се прави пријателски и во тоа учествуваат децата на заеднички начин. Но, кога задевањето доаѓа само од едната страна и има цел да повреди, се случува на нељубезен начин и го гледаме дека се повторува, потребно е да реагираме.

Особено е болно за родителите кога ќе дознаат дека нивното дете е отфрлено, исклучено, или на училиште е мета на останатите деца. Голем број родители доцна го забележуваат булингот, не знаат како да постапат, немаат идеја како да му пристапат на сопственото дете, па понекогаш дури забележуваме нормализирање и минимизирање на она што му се случува на детето, оправдувајќи го како детска игра или нешто кое мора да се помине во училишните денови, охрабрувајќи го да се брани, што му создава дополнителен притисок на детето. Исто така, голем број деца не го споделуваат она што им се случува поради срам, страв, или поради немање идеја за тоа како би реагирале родителите.

Што да направите?

Внимавајте доколку забележите промени во однесувањето кај вашето дете и не ги игнорирајте. Поради страв или засраменост, децата може да не ви кажат доколку се жртви на булинг. Искината облека, двоумење околу одењето на училиште, намален апетит, кошмари, плачење, потиштеност или вознемиреност, може да бидат знаци дека нешто се случува со вашето дете.

Ако откриете дека вашето дете е жртва на булинг, прво внимавајте на вашите сопствени чувства бидејќи може да се појави кај вас бес кој детето може да го доживее како негова вина поради чувство на неможност за справување со ситуацијата, но и вина за лутината која ви ја предизвикало. Останете смирени и уверете го вашето дете дека ќе се погрижите за неговата безбедност и објаснете му дека не постои оправдана причина за насилство.

Не го нормализирајте булингот со зборовите дека е очекувано да го доживее во училишните денови, или пак нервозно да му кажете дека мора да издржи и да се спротивстави. Наместо тоа, имајте отворени разговори каде што ќе можете да разберете што навистина се случува на училиште, за да можете да ги преземете соодветните чекори.

Внимателно извлечете ја приказната од вашето дете, собирајте информации и запишете ги деталите и фактите. Понекогаш децата не сакаат да ги откријат имињата на другите поради страв.

Проценете ја сериозноста. Можете ли да го поддржите детето за почеток да дејствува без ваше директно учество? Ова може да вклучи заеднички конкретни стратегии за решавање на проблемот. Или можеби е премногу за детето да се справува, па вие ќе треба да се вклучите со училишниот персонал.

Ако постои сајбер-булинг, соберете ги податоците и направете слики од екранот, а потоа помогнете му на вашето дете да го блокира сторителот. Пријавете го сајбер-булингот.

Ако има булинг на училиште, можеби вашето дете не е единственото. Обидете се да најдете поддршка со тоа што ќе контактирате други родители чии деца се засегнати и ќе се обратите заедно до училиштето.

Ако училиштето не преземе нешто, контактирајте одговорно лице од министерството, невладина организација, или пријавете во полиција доколку процените дека ситуацијата е сериозна. Имајте план и кога да го повлечете вашето дете. Доколку насилството е сериозно и сè уште трае, а реакцијата од институциите е премногу спора, отстранете го вашето дете од небезбедната ситуација додека го решавате проблемот.

Не заборавајте да поминете дополнително време со вашето дете. Опкружете го со љубов, наклонетост и поддршка и запомнете дека вашата грижа, заедно со брзата реакција, ќе биде нова вештина за вас, но и за вашето дете кое ќе гледа како возрасните се соочуваат со проблемите.

Вклучување на професионалец од областа на менталното здравје, како што е семеен советник или психотерапевт со искуство, може да му помогне на детето, но и на целото семејство, да ја помине оваа ситуација без сериозни последици за детето. Ова ќе му овозможи на вашето дете да биде поуспешно, и ќе ги збогати вештините на целото семејство за идно решавање на проблемите.

Пишува: М-р Давид Тасевски, психолог, семеен и системски советник

Повеќе