Како родителите можат да им помогнат на децата да се справат со анксиозноста пред поаѓањето на училиште

Вознемиреноста повторно ќе се појави кај многу деца оваа есен, а таа може да биде испреплетена со други чувства, како што се возбуда и срамежливост. Еве како да им помогнете

125

Анксиозноста е исклучително честа кај децата. За време на периодот на пандемијата, истражувачите забележале дека на дури 7% од децата им било дијагностицирано анксиозно растројство кое го попречувало нивното секојдневно функционирање. Освен тоа, 20% имале склоност да чувствуваат анксиозност која не достигнала ниво на клиничко нарушување, пишува The Conversation.

Вознемиреноста повторно ќе се појави кај многу деца оваа есен, а таа може да биде испреплетена со други чувства, како што се возбуда и срамежливост. Затоа професорките Елизабет Инглендер и Кетрин Ковино-Путасе ги наведуваат чекорите што родителите можат да ги преземат за да ја намалат вознемиреноста на нивните деца од враќањето на училиште и да поттикнат подобар почеток на новата учебна година.

Препознајте ги вообичаените симптоми на анксиозност
Прашајте ги децата како се чувствуваат кога ќе се вратат на училиште и внимавајте на главоболки, стомачни болки, проблеми со спиењето, упорни прашања од типот на „што ако“, мрзливост, претерана загриженост и проблеми со фокусирањето. Секое од овие однесувања може да укаже на анксиозност.

Поттикнете ги активностите кои ја намалуваат анксиозноста
Играњето на отворено, играњето со пријателите или само дружењето може да бидат корисни алатки за намалување на негативните чувства. На отворено, луѓето често се чувствуваат порелаксирано. Играњето на неструктуриран начин – т.е. без некој друг да им каже што или како да играат – им овозможува на децата да работат на своите чувства и да ја намалат анксиозноста.

Ограничете го времето кое децата го поминуваат пред екранот
Постои значителен број докази кои покажуваат врска помеѓу прекумерната употреба на дигитални уреди и анксиозноста. Така, прекумерната употреба на уредите може да придонесе за зголемени стапки на анксиозност кај децата.

Фокусирајте се на семејните активности
Во време на зголемен стрес и неизвесност, дружењето со семејството може да делува како противотров. Прошетајте или планинарете заедно, вечерајте заедно или играјте друштвени игри.

Прифатете дистракција
Дистракцијата не е лек за анксиозност, но може да го намали нејзиниот интензитет и да им помогне на децата појасно да размислуваат за изворот на нивните грижи. Кога децата се чувствуваат многу вознемирени, во ред е да разговарате со нив за тоа како гледањето телевизија или читањето забавна книга може да им помогне да се чувствуваат помирни.

Побарајте стручна помош кога е потребно
Ако анксиозноста на вашето дете му го попречува спиењето, јадењето, дружењето или одењето на училиштето и трае повеќе од неколку дена, добро е да се јавите кај вашиот педијатар или матичен лекар и да ги известите што се случува. Медицинските работници кои работат со деца знаат како да му ја дадат на детето потребната помош.

Повеќе