Кога бебето ќе зајде од плачење: Педијатар објаснува зошто се случува ова и што да се прави

Веројатно ви се случило вашето бебе силно да се расплаче и во еден момент да стивне, речиси да се изгуби, да престане да дише. Делува навистина застрашувачки, а еве и што значи и што треба да преземете

4.507

Застрашувачкото видео на ТикТок кое покажува бебе кое плаче и престанува да дише загрижи многумина. Дали ви се случило да го држите своето бебе кое плаче со отворена уста и наеднаш изгледа како да замрзнало, на момент престанува да дише?

„Вака изгледа задржувањето на здивот“, вели доктор Фајез Аџиб, кој го искористи видеото за да објасни зошто овој феномен е релативно чест кај децата на возраст од 6 до 18 месеци.

„Тоа е нешто како рефлекс, обично одговор на некој настан што го налутил или запрепастил детето“, вели тој.

Според д-р Аџиб, задржувањето здив не се случува намерно и епизодите обично траат една минута. Понекогаш бебето се онесвестува поради нив.

„Тоа е застрашувачко искуство, но задржувањето на здивот обично не предизвикува долгорочно оштетување или има какви било негативни ефекти врз мозокот“, додава тој.

Бидејќи советите на ТикТок и воопшто на Интернет понекогаш не се веродостојни, педијатарот Бети Чои потврдува за списанието Parents дека зборовите на овој лекар се точни.

„По една минута до две, децата се враќаат во нивната нормална состојба. Задржувањето на здивот е вообичаено кај децата на возраст од 6 до 18 месеци, го достигнува својот врв околу 2-годишна возраст и обично престанува по петтата година“, истакнала таа.

Според Чои, за време на епизоди како оваа, родителите треба да проверат дали има нешто во устата на нивните деца што може да предизвика да се задуши.

„Внимателно легнете го детето на рамна површина и обидете се да останете смирени. Понекогаш може да помогне и дувањето воздух во лицето или ставањето ладна крпа на челото. По епизодата треба да се извести педијатарот, кој ќе ви помогне да утврдите дали е потребна дополнителна евалуација на детето“, вели таа.

Повеќе