Кога мултиплекс склерозата ќе ви земе сѐ, освен волјата за живот: Роберт има 49 години, целосно е беспомошен и веќе 3 години живее во дом за стари

Замислете да ве чеша носот, а не можете да се почешате, да сте жедни, а водата пред вас ви е недостижна како фатаморгана, да сте гладни, а мора да чекате некој да ве нахрани. Да ви ѕвони телефонот и додека вие посакувате да е тоа една од вашите ќерки чиј глас копнеете да го слушнете, ѕвонењето да престане затоа што не можете да се јавите ако некој друг не го направи тоа. Роберт Блажевски верува дека има надеж за него во роботската рехабилитација, витаминската терапија и правилната исхрана. Не треба да кренеме раце од него, нели?

1.833

Кога пред неколку дена се сретнав со Игорче (Игор Поповски), пријател со кој најмногу не поврзува она „че“ во нашите имиња кое ни го залепија нашите постари брат и сестра, неговиот Сашо и мојата Маца (инаку, најдобри другари уште од средношколските денови), не ни сонував дека во следните денови нема да можам да мислам на ништо друго освен на некојси Роберт.

„Почнав да работам во Црвен Крст, во службата Итно копче“ ми вели Игорче.
Ми раскажува дека неговата работа се состои во тоа што обезбедува транспорт до соодветната установа/институција на возрасни лица кои живеат сами и имаат потреба од помош, но и на други корисници, каков што е на пример споменатиот Роберт.
Станува збор за скопјанецот Роберт Блажевски, чија приказна накусо ми ја раскажа Игорче. Очигледно, неговата емпатичност го доведува во ситуација, дури и откако ќе му заврши смената на работа, да не му завршува грижата за корисниците со кои му поминува работното време.
А како му поминува, си знае само тој.


Но да се вратиме на Роберт со кој Игорче реши да ме запознае за да ја пренесам преку нашите портали неговата приказна и да се обидеме да му помогнеме.

И така, откако го одредивме денот, со службеното возило на Црвениот крст отидовме по Роберт во неговото живеалиште, домот за стари „Хармонија“ во Скопје.
Нашиот нов пријател нема ниту 50 години (роден е во 1975), а веќе 3 години живее во дом за стари лица.
Беспомошен е и целосно зависен од други, а иако има семејство, односно, сопруга и две ќерки, не сакајќи да им биде товар, самиот одлучил да се пресели во дом.
Сепак, додека седевме паркирани во комбето на Црвениот крст пред неговата барака во скопската населба Влае и се обидувавме да ја добиеме на телефон неговата сопруга за да ни подаде некој документ кој му беше потребен, очите на Роберт се наполнија со солзи.
„Тука живеев од мојата четиригодишна возраст, откако со мајка ми се вративме од Шведска по разводот на моите родители. Бараката е на мајка ми и на моите тетки, но откако таа почина, јас останав таму и до пред три години, тоа беше домот во кој живеев со жена ми и двете ќерки, едвај чујно и со напор почна да ни раскажува Роберт.

Како мултиплекс склерозата му ги одземала сите телесни функции

На свои неполни 50 години, кога треба да е најмногу активен и да живее исполнет живот со своето семејство Роберт е сега само некој кој се чувствува себеси како голем товар за сите и во својот дом и во домот во кој тој е најмладиот жител.
Дијагностициран е со мултиплекс склероза пред околу 16 години, болест која во последните години толку напреднала што откако му ги одзела прво нозете, а потоа десната, па левата рака и целото тело, сега се обидува да му го земе и последното – неговиот глас, единственото нешто со кое може да побара помош од луѓето.
Замислете да ве чеша носот, а не можете да се почешате, да сте жедни, а водата пред вас ви е недостижна како фатаморгана, да сте гладни, а мора да чекате некој да ве нахрани.

Да ви ѕвони телефонот и додека вие посакувате да е тоа една од вашите ќерки чиј глас копнеете да го слушнете, ѕвонењето да престане затоа што не можете да се јавите ако некој друг не го направи тоа.

Државата ви го укинала додатокот за мобилност кој не ви стасувал цели 6 месеци, а вие не можете да реагирате, знаете дека треба да се храните поинаку, но нема кој да ви ја одреди диетата, а дури и ако најдете некој, нема кој да ви ја спреми, знаете дека постои некаде некаква терапија, но ако не ве однесат, не можете ниту да се распрашате за неа. И конечно, немате средства за да си дозволите барем нешто од сето тоа.
Роберт го живее ова веќе неколку години.

За среќа или за жал, којзнае што е подобро кога е човек во ваква ситуација, но неговиот мозок беспрекорно функционира, а тој сѐ уште сонува за барем малку подобар живот – барем малку, да може да се служи барем со едната рака.
Затоа, најголемата желба му е да најде средства за таканаречената роботизирана рехабилитација, терапија за која слушнал и за која веќе отишол да се распраша заедно со Игор и Никола, неговиот физиотерапевт од домот, во ПЗУ „Превентива 99“ во Скопје.

Понатаму, се надева дека можеби ќе може да собере средства и за да оди на лекување во Москва, но засега, вели, со оглед на тоа што Русија е прескапа опција, најмногу би сакал да може да си ја дозволи оваа терапија кај нас и да добие можност за соодветна исхрана која би му ја препорачал некој експерт.
„Мислам дека може да се надмине оваа моја состојба, имам силна желба и волја за тоа, дали со роботика, дали во Русија, со матични клетки, со витаминска терапија, со листа за исхрана од нутриционист, незнам како, но знам дека можам и морам“, вели тој.

За добрите луѓе…

„Жив сум само поради Игор, поради Никола и малкуте луѓе како нив кои прават за мене и повеќе од тоа што треба и што им е во описот на работното место.

Ми помагаат од срце, а не затоа што така треба“, ни повторува Роберт по којзнае кој пат и додава: На Игор премногу му должам, фала му на Бога што ми го прати него“.
А Игор, кој тој ден работеше дупла смена, само во тие неколку часа додека бевме со Роберт, го креваше од количката за да го стави на седиште и го вадеше од комбето за да го стави пак во количка, вкупно десет пати.
Не знае човек кој повеќе се мачи, иако Роберт тврди дека маката на Игор додека го крева е поголема од неговата додека го креваат.
Впрочем, вели, „јас веќе се навикнав на тоа да бидам како дрвена кукла што ја преместуваат од едно место на друго, но барем знам дека Игор не ме мрази поради тоа“.
Игор пак, тој е еден од оние кои знаат да ја опуштат атмосферата дури и во вакви тешки околности – со шеги.

Тие му одат од рака дури и на Роберт кој е во ситуација во која верувам дека на ниту еден човек не би му било до шега.

Но не му се туѓи ниту солзите кои се трудеше да ги задржи, иако, во оние моменти кога зборуваше за соседите од неговата улица со кои живееле прекрасен маалски живот и особено кога зборуваше за своите две ќерки, едноставно не можеше да ги запре.

И знаете што? Тој не можеше сам ниту да си ги избрише солзите кои му се тркалаа по образот, ниту пак можеше да ја сврти главата за да ги скрие.

„Сакам да бидам тука, да ги гледам ќерките како успеваат во животот. Не дека сум којзнае каков родител, но моите деца ќе бидат мојот успех.
Сакам да можам да си го вратам барем малку здравјето затоа што имам уште цели што сакам да ги завршам во животот“, вели низ солзи тој додека раскажува за своите ќерки и за нивните амбиции.
„Сакам и почнав заедно со постарата ќерка да ја пишувам историјата на мојата фамилија во која имало многу борци поради кои и јас тргнав по тој пат, а почнав да пишувам и песни.

Јас ги диктирав, а постарата ќерка ми ги запишуваше, но не сакам да ги тормозам со моето бреме, не сакам да им бидам товар“, вели тој, но признава и дека најмногу од сѐ би сакал кога само би доаѓале малку почесто за да го гушнат кога веќе тој не може да го направи тоа.

За Македонија и за 2001-вата

Роберт учествувал и во одбраната на Македонија во 2001-вата, кога бил дел од заштитниот корпус на Ѓорче Петров.


„Скоро сите другари со кои јас се дружев, без оглед колку кој имаше или немаше, се пријавивме за да земеме учество во одбраната затоа што не влечеше македонското и патриотизмот, а многу луѓе кои дадоа свој придонес тогаш, денес се маргинализирани“, вели Роберт.
Тој бил на задача од 2001 до 2003 година, а бил и во Љубанци, па разбирливо, потоа поднел документи за да се вработи во војската.
„Имав поднесено документи за во војска, бев на кондициони подготовки и бев трет или четврт и во трчање, склекови, стомачни. Но, потоа симптомите на болеста за која сѐ уште не знаев дека ја имам почнаа да се зголемуваат и веќе чувствував замор, па побарав да бидам или во радарско набљудување или врска, но после година дена ми понудија да бидам војна полиција.

Некој од одговорните таму, налутен затоа што сум пребирал, ми ги фрлил документите и толку беше од моето вработување“, се потсетува Роберт.

Не му верувале ниту домашните кога почнал да криви со едната нога и кога почнал да чувствува неверојатен замор.


„Постарата ќерка имаше една година кога јас, после цела година откако почнав да кривам решив да дознаам што е со мене. Поубаво да не дознаев, зашто кога открив дека имам мултиплекс склероза, многу читав, а тоа што го читав беше многу лошо, се повлеков и цело време мислев на тоа. Мислам дека да бев поприземен, немаше да дојде до оваа ситуација, затоа што е многу важна и психичката состојба“, вели тој.
Извесно време Роберт примал некаква терапија со инјекции, но почнал да криви уште повеќе, па решил да ги прекине.
„Една девојка со истата дијагноза ми раскажа дека била во Русија и дека таму се чуделе кога слушнале дека кај нас оваа болест се третира со кортикостероиди.

Јас примав многу кортико и мислам дека и тоа, заедно со психата ме доведоа до оваа ситуација. Оваа болест се лечи со витамини и со добра позитивна мисла и јака волја, а сега, иако сум целосно беспомошен, имам навистина голема волја“, вели Роберт и додава дека не сака воопшто да се жали самиот себе, туку сака да се фокусира и да поврати барем дел од она што бил некогаш.

А бил, меѓудругото, голем љубител на велосипедите, па ако ви се види познат тоа е затоа што до пред 8 години сѐ уште циркулирал низ градот со велосипедот, претходно работел и најразлични работи, меѓудругото, како обезбедување, на шанк и што уште не.

Роберт има само 49 години и не треба да кренеме раце од него, нели? Бројот за донации за Роберт е: 070/143-126

Повеќе