Кога родителот ќе заборави кој бил претходно…
Кога ќе станеме родители, толку сме преокупирани со грижата за своето дете, што забораваме на она што бил нашиот свет претходно, па така полека забораваме и на себе и на тоа што сме биле пред да станеме родители. Но запомнете дека грижата за себе е и грижа за вашето дете
Во процесот на родителствување и одржување на семејство, кога толку многу внимание бара грижата за растот и развојот на детето, улогата на мајката/таткото, активностите во домот, улогата на партнер, кај многумина се појавува чувство на вина кога ќе ја почувствуваат потребата да си посветат време само на себе. Понесени од овие големи промени, многумина забораваат на индивидуалниот свет, или го ставаат во позадина до мерка која веќе ги прави анксиозни, исцрпени или неисполнети. Полека но сигурно забележуваме дека почнуваме да имаме тешкотии да се идентификуваме со било која друга улога освен со улогата на родител. Какви последици има тоа за нашето ментално здравје и на нашето живеење? Како тоа влијае врз развојот на нашите деца?
Грижата за себе го намалува стресот и носи растеретување
Грижата за себе го намалува нивото на стрес, ја намалува исцрпеноста од улогата на родител и носи растеретување и релаксација. Мајката со високо ниво на анксиозност и преголема загриженост честопати е несвесно насочена на своите стравови, на своите грижи околу детето, наместо да е насочена на воспоставување на квалитетна поврзаност со детето како со посебна индивидуа. Претераната загриженост и посветеност може да е бариера детето да ги развива своите потенцијали и кај детето пак во текот на созревањето се развива несигурност во своите способности дека може да се избори со животните непријатности, се намалува самодовербата и самопочитувањето.
Што сме наследиле од нашите родители ?
Одвојте кратко време да се навратите наназад и да ги разгледате животите на вашите родители. Дали уживале во својот индивидуален свет и во свои активности кои не ги вклучувале членовите од семејството? Дали некој се воздржувал од своите интереси и своите потреби до мерка да се изгубил себе си и му е тешко да се види во друга улога освен родителска? Дали грижата за себе ја разбирале како себична, имале осуда спрема другите / себе си дека не се добри родители доколку си посветувале време само за себе? Доколку сте биле сведок и на двата примери, размислете како тоа влијаело на вас како дете? Кои се пораките што сте ги добивале од вашите родители во врска со оваа тема? Како влијаат на вас? Кои сакате да ги задржите, а од кои да се ослободите? Да ја освестиме и општествената глорификација на мајката “жртва” која е комплетно посветенa на своите деца и за да ја заслужи титулата добра мајка, со текот на времето таа ја осиромашува својата личност од другите улоги. Често пати може да се забележи претерана загриженост кај родителите, но и да се биде “загрижен” родител кај нас е очекувано и посакувано однесување. Свесноста за правилата на однесување на еден родител што сме ги наследиле од нашите родители и од општеството е прв чекор да можеме да ги ревидираме, дел да задржиме, дел да модифицираме и дел да отфрлиме.
Грижата за себе како модел на однесување
Возрасните се моделите од кои децата учат и без разлика што им зборуваме, тие гледаат што всушност правиме и како се однесуваме. Секако дека намерата на родителите е добра и сакаат нивните деца да израснат во самостојни и независни млади луѓе кои знаат да се грижат за себе си. За децата главни модели на однесување од кои што учат се родителите и за детето е од исклучителна важност да го види родителот како се грижи за себе си. Детето ќе научи што значи грижа за себе од родител кој се грижи за себе си, преку моделите на однесување кои ги сведочи, кои ги набљудува секој ден, детето ќе научи многу полесно од она што гледа, отколку од она што му се кажува. Децата се одлична мотивација и инспирација да одржуваме и креираме здрави навики, кои ќе станат дел од нашите дневни, неделни или месечни рутини. Да си дадеме дозвола грижата за себе си да бидат дел од нашето секојдневно живеење.
Што значи грижата за себе?
Во даден период на живеењето за секого грижата за себе ќе носи различно значење. Добро е да си ги поставиме овие прашања и да видиме за кој дел од нашето живеење би сакале да се погрижиме. Што подразбира грижата за себе си за мене, сега ? Што правам кога се грижам за себе? Како се чувствувам кога се запоставувам или кога се грижам за своите потреби? Што грешам кога се запоставувам себе си? Дали детето ја чувствува мојата емотивна, психичка добросостојба или исцрпеност, раздразливост? Што можам да направам сега што ќе ми помогне да се чувствувам барем малку подобро? Можеби тоа ќе биде и 10 минутно растегнување или само 10 мин. без телефонот, или слушање на музика која не тера да поиграме, кратка медитација или краток разговор со некој кој има благопријатно влијание врз нас.
За некого грижата за себе ќе значи да се врати на физичката активност ( јога, точак,планина, 15 мин- растегнување со youtube ), за некој друг приоритет ќе има негување на индивидуалните пријателства, за некој друг работа на себе ( освестување на себекомуникацијата, себе говорот, себе-спознавање ) за некој можеби практикување на запоставеното хоби кои носи чувство на исполнетост и задоволство, или дополнителна едукација, читање на книга, итн. Со одвојување на време за себе, со грижата за вашето ментално здравје и добросостојба, всушност се грижите за сопственото дете, и на овој начин поставувате одлична основа за да изградите однос полн со меѓусебно почитување и разбирање, како и развивање на самодовербата и самопочитувањето кај детето.
Пишува: Ирена Жунгулова, супервизор на линијата за родители, психолог и гешталт психотерапевт