Кој Ви даде право да го оставите моето дете без татко при жив татко?

„Психички упропастено дете благодарение на неговата биолошка мајка со поддршка од вработените во ЦСР Скопје. Со моето двегодишно исклучување од животот на син ми и непостапувајќи навремено по законот, успеаја да ја уништат секоја поврзаност помеѓу мене и детето. Погледнете ги видеата, споредете ги, па сами донесете заклучок за што земаат плата во МТСП“, вели кавадарчанецот Бранко Брковиќ, разведен татко на петгодишно дете

653

Кавадарчанецот Бранко Брковиќ е разведен од сопругата, но и натаму се бори за своето природно право, да продолжи да му биде татко на нивното петиполгодишно синче кое последните две години е целосно оттуѓено од него.

Брковиќ неодамна на својот Фејсбук профил објави и две видеа на кои се гледа навистина фрапантната разлика во однесувањето на детето кон неговиот татко.

„Психички упропастено дете благодарение на неговата биолошка мајка со поддршката од вработените во ЦСР Скопје. Со моето двегодишно исклучување од животот на син ми и непостапувајќи навремено по законот, придонесоа за оттуѓувањето на син ми од мене. Успеаја да ја уништат секоја поврзаност помеѓу мене и детето. Погледнете ги видеата, споредете ги, па сами донесете заклучок за што земаат плата во МТСП. И процесот трае, трае и трае“, вели во описот на овие видеа овој татко кој сепак не се откажува и продолжува да се бори и да се обидува да ги врати наклонетоста и љубовта на своето дете.

Тој е огорчен заради постапките на поранешната сопруга и мајка на неговиот син затоа што, како што вели, континуирано и тенденциозно го оттуѓува детето од него, но уште повеќе ги обвинува надлежните служби кои ги споредува со Јозеф Менгеле, германски лекар кој бил познат по прекарот „Ангел на смртта“ поради неговите монструозни дела во Аушвиц и другите концентрациони логори каде што вршел експерименти врз луѓе и испратил во гасните комори околу 400.000 луѓе.

„Дали Вие дами и господа од ЦСР (центри за социјална работа) и сите останати надлежни и одговорни од МТСП (Министерство за труд и социјална политика) и останатите институции во државата, некогаш ќе се покаете за злосторствата што ги спроведувате над децата на разведени родители?“, прашува тој и додава дека, според него, нема поголемо злосторство од тоа да не се спречи „очигледно психичко малтретирање на едно петгодишно дете како што е тоа случај со мојот син од страна на неговата биолошка мајка“.

„Не гледам разлика помеѓу Вашето „работење“ и работата на „Ангелот на Смртта“. Вашиот начин е малку посовремен, но резултатите и последиците за децата се исти. Уништени деца во секој поглед.

Кој Ви даде право да го оставите моето дете без татко при жив татко? Кој Ви даде право психички да го уништите син ми и да ми го оттргнете син ми од мене? Кој Ви даде право да ја уништите родителската, психичката, емоционалната, социјалната и секаква врска и љубов помеѓу мене и мојот син? И сето тоа под превезот на „заштита на правата и интересите на детето“. Дали за тоа примате плата? Дали исто постапувате и со своите деца дома? Дали тоа Ви причинува задоволство и Ве исполнува? Дали воопшто знаете кои се правата и интересите на децата?

Пет години ве предупредувам на вашето неработење, непреземање мерки и пристрасност кон биолошката мајка на мојот син. Пет години ваше непреземање и неработење, пет години недоветност и нестручност, пет години небулозни решенија за средби, пет години непостапување по словото на законот… Резултат, мојот петгодишен син го посетува заводот за ментално здравје.

Дали сето ова воопшто допира до вас? Имате ли макар една трошка сомилост и човечност кон тоа невино суштество. Добро ја знаете вистината, но истата ја занемарувате од за мене несфатливи причини. Вие знаете зошто не постапувате по законот и пишувате лажни извештаи, а јас само претпоставувам. ДАЛИ НЕКОГАШ ЌЕ СЕ ПОКАЕТЕ?“, прашува Брковиќ.

Во меѓувреме, според она што може да се види од приложените видеа, средбите помеѓу таткото и синот кој некогаш биле исполнети со смеа, игра, бакнежи и многу љубов, детето сега воопшто не ги сака, а од таткото бега како од ѓавол.

Кога децата не се сакани од двајцата или од едниот родител, сите се исчудуваме како е можно некој да не сака да си го гледа сопственото дете, а кога некој сака и очајно се бори за тоа, општеството и некои застарени норми и правила, едноставно, не му дозволуваат.

Што мислите вие за оваа ситуација? Дали треба да се смени односот на центрите за социјални работи? Дали треба да се смени законот за семејство и да се воведе нов кој ќе подразбира еднакви права, но и одговорности на двајцата родители во однос на нивните деца и по разводот на бракот?

За да нема беспотребни коментари, нагласуваме дека предлогот на здружението на граѓани „Центар за рамноправно родителство – Децата пред сè“, за измени на законот за семејство и воведување на рамноправно родителство не се однесува на родителите кои не се подобни за остварување на родителските права или ако експлицитно се изјаснат дека не се во состојба или не сакаат да ги гледаат децата според овој принцип.

Повеќе