Колку чини твојот аутфит? Нов тип на врсничко насилство во соседството

„Колку чини твојот аутфит“ е новиот тренд кој ги преплави социјалните мрежи. Од Интернет, се пресели во училишните дворови и стана подлога за нов вид врсничко насилство. Станува збор за тренд во соседна Србија на кој, се надеваме, нема да подлегнат и македонските тинејџери. Го прифатија турбофолкот, па надежта ни е помала од стравувањата

227

Колку чини твојот аутфит? Ова е името на новиот тренд кај учениците, кои со мобилен телефон и апликација со неколку кликања откриваат колку пари некој потрошил за гардероба.
Оние кои немаат оригинални брендирани предмети се изложени на понижување и потсмев во друштвото и на социјалните мрежи.

Со телефонот се скенира QR-кодот на облеката. Доколку не покаже дека се работи за оригинален производ или копија од некоја посебна серија, детето е изложено на јавен потсмев. Со помош на Инстаграм или ТикТок, потсмевањето брзо ги надминува границите на класот и училиштето и често се претвора во психичко, вербално, па дури и физичко насилство.

Скенирањето на шифрите за гардероба, проверката на оригиналноста на брендот и собирањето на износите се нови трендови, кои се случуваат во соседна Србија. Се надеваме дека на овој нов тренд нема да подлегнат и македонските тинејџери. Го прифатија турбофолкот, па надежта ни е помала од стравувањата.

А прашањето за тоа дали облеката го прави човекот е старо прашање кое сега повторно се актуелизира во нова, искривена форма и со молскавична брзина стигнува до училишните клупи. Во нарушениот систем на вредности, некои ученици денес на потешкиот начин го наоѓаат одговорот на ова прашање.

„Имаме млади луѓе кои носат брендирани артикли и поради тоа мислат дека се во одредена предност, а од друга страна ги имаме оние кои ги немаат овие услови и тие се таканаречените „фушери“. Тоа е форма на насилство што доведува до многу различни последици“, вели српскиот социолог Јована Шкориќ.

Експертите сметаат дека е најважно родителот да биде пример за своето дете, модел, како детето ќе гледа на луѓето околу него и дали ќе им даде приоритет на материјалните или на духовните вредности. Сето тоа зависи од погледот на родителите за тие аспекти.

Улогата на семејството е од клучно значење за формирањето на личноста, а експертите апелираат до родителите да влијаат на создавањето на соодветен систем на вредности кај децата.

Повеќе