Mајка објави видео од бебе со фебрилни конвулзии за да можат другите да ги препознаат

Ако вашето дете има фебрилен напад, треба да се постави на страна. Останете до детето и обидете се да забележите колку долго трае нападот. Лекарите предупредуваат дека ни случајно не треба да му ставате ништо во уста.

1.237

Според анкетата на едукативната страница Tiny Hearts Education, само 31 процент од родителите би знаеле што да прават во случај на фебрилни конвулзии, кои се јавуваат кај едно од 30 деца. Ова е загрижувачки факт бидејќи оваа состојба може да биде страшна и вознемирувачка кога ќе се види.

Затоа една мајка сподели видео од нејзиното бебе како има напад. Како што вели, тоа им се случило првпат, а за 12 часа детето имало две епизоди на фебрилни конвулзии.
„Знаев точно што треба да направиме и останав смирена. Му реков на мојот сопруг да се јави на 911 и го ставив детето во положба за опоравување. Лекарите рекоа дека никогаш не виделе мајка која е толку мирна кога го гледа првиот фебрилен напад на своето дете”, напишала таа.

Фебрилен напад може да се случи кога детето има висока температура и телото не може да се справи со тоа.

Знаци на фебрилни конвулзии
Фебрилните конвулзии обично траат помалку од пет минути, а за време на нападот, децата губат свест, стануваат вкочанети, а рацете и нозете може да почнат да се грчат. Некои имаат и пена во устата. По напад, вашето дете може да биде поспано до еден час, а директен фебрилен напад како овој обично се случува само еднаш.

Во нешто поретки случаи, фебрилните конвулзии може да траат подолго од 15 минути, а симптомите можат да зафатат само еден дел од телото на детето. Ваквите напади се познати како сложени фебрилни напади.

Што да се прави за време на фебрилни конвулзии?
Ако вашето дете има фебрилен напад, треба да се постави на страна. Останете до детето и обидете се да забележите колку долго трае нападот. Лекарите предупредуваат дека ни случајно не треба да му ставате ништо во уста.

Однесете го вашето дете во најблиската болница ако:

првпат добива напад
нападот трае подолго од 5 минути и не покажува знаци на запирање
се сомневате дека нападот е предизвикан од друга сериозна болест, на пример менингитис
има потешкотии со дишењето
Иако е малку веројатно дека нешто сериозно не е во ред, важно е да го однесете вашето дете на преглед. Ако детето веќе имало фебрилни напади или нападот трае помалку од 5 минути, повикајте го педијатарот за совет. Треба да го контактирате и ако мислите дека вашето дете покажува знаци на дехидрација.

Повеќе