Малата плетачка Илина најмногу се радува на конци и на книги

Илина е многу одговорно дете, умна во секоја смисла, до тој степен што нејзините родители признаваат дека некогаш дури посакуваат да прави малку „глупости“. Наместо тоа, пред 5 месеци таа почнала да плете и оттогаш, плете ли плете …

845

Десетгодишната Илина Гајтаноска живее со своите родители Ана Ашталковска Гајтаноска, вонреден професор на Институт за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет на УКИМ и Виктор Гајтаноски, дипломиран вајар и музичар, во скопската населба Тафталиџе. Со нив е и нивната кучка Стрелка која, како што вели Ана, има третман на второ дете во семејството. Илина е четврто одделение во ОУ „11 Октомври“ и нејзините две наставнички сесрдно го поддржуваат и го поттикнуваат нејзиното хоби – плетењето. Да, да, плетењето. Илина е веројатно единственото дете за кое знаеме, што поголемиот дел од времето го поминува плетејќи.

Иако, првата претпоставка ни беше дека научила да плете од мајка си или пак од бабите, Ана набргу ни разјасни дека Илина всушност научила да плете од Јутјуб. „Тоа е мислам многу популарно главно кај поголеми деца. Има видеа со целосен процес на изработка на сè што ќе ви падне на памет, со детални насоки за целата постапка, од плетењето на деловите, до шиењето, буквално од почеток до крај. Некако ги пронајде овие видеа и ѝ стана интересно па посака да проба. Купив игли и конци од Бит пазар, но не очекував дека ќе се „закачи“, раскажува Ана. Вели дека Илина на почетокот имала фрустрации зашто како и секое дете си мислела дека треба веднаш, од прва да успее да сплете нешто.

„Пробав и јас со неа да учам за да ја поттикнам, но додека јас го научив само тоа „правото“ и еве сега не знам дали можам да го повторам без насоки од Јутјуб и се откажав многу брзо, таа продолжи. Беше многу упорна и откако ја сплете првата мала печурка, тоа беше бум! Понатаму секој ден имаше нова идеја, секако, со поддршка на Јутјуб. Бабите и прабабите плетеле секакви техники некогаш, но таа немала контакт со тој период, а јас, иако можеби не е за фалење, не знам да сошијам ниту нешто што е отпарано на пример“, се смее мајката на Илина.

Деновиве, сакајќи да си го провери „плетачкиот стаж“, малата плетачка ги проверувала пораките со инструкции за тоа што ѝ треба, кои ѝ ги испраќала на Вибер на мајка ѝ додека таа шетала низ Бит пазар за да ѝ ги купи потребните работи и според датумите утврдила дека почнала да плете на 20. јануари оваа година.

За тој период од 5 месеци, таа сплела четириесетина играчки. Засега, плетењето играчки ѝ е најинтересно, а секоја следна е сè поголема, бидејќи во моментов тоа ѝ е предизвик. Така, од малата печурка која е првата играчка што ја сплела, стасала до тоа да сплете огромна медуза, а во моментов ја завршува кравата.

„Ги бара на Јутјуб, па сите термини за различните јазли, шеми и плетки што се прават таму, ги знае на англиски. Деновиве ги однесе сите свои сплетени играчки, им ги покажуваше на децата и наставничките и демонстрираше плетење на час. Училиштето всушност го препозна ова за 1 Април. Илина одлучи да се маскира во зоо-негувател и ги носеше сплетените животни (папагал, змија, желка, пчелка итн.) па за тоа доби признание од училиштето за најкреативна рачно изработена маска. Беше многу возбудена и среќна. Тоа беше голем мотив за неа, а ние сме многу среќни заради ваквата околина во која расте и се развива“, раскажува мајката на Илина.

Освен родителите и училиштето, се разбира, Илина ја има и поддршката на бабите и дедовците кои се фалат со нејзините изработки и финансираат во материјали. Исто така и семејните пријатели.

„Од Илина (нејзина имењачка и наша пријателка) доби книга за изработка на „амигуруми играчки“. Оваа книга има шеми за изработка на играчките. На почетокот беше навистина фрустрирачки затоа што ѝ беше многу тешко да научи да ги чита шемите. Беше многу упорна и конечно ги совлада. По шемите во книгата сплете две играчки (желка и пиле). Мене тоа сè уште ми изгледа многу комплицирано и нејасно. А Илина веќе се чувствува посигурна, па сплете една капа и без да следи насоки на Јутјуб. Самата си ја мереше на главата и самата си ја дизајнираше. Тоа беше важен момент зашто значи дека веќе ѝ е јасен принципот“, вели Ана.

Таа додава дека Илина е многу одговорно дете, умна во секоја смисла, до тој степен што нејзините родители признаваат дека некогаш дури посакуваат да прави малку „глупости“.

„Затоа не ја тераме да прави што било, ја оставаме да одлучи сама што сака. Јас се обидував порано да ја насочам или да ја поттикнам да се вклучи во различни работи за кои мислев дека има потенцијал (базен, гимнастика, танци итн.), но тоа не функционираше. Ѝ треба време и простор да се најде себеси и тоа се надевам дека ѝ го овозможуваме. Има денови кога плете по цел ден и тогаш не ја тераме да престане (освен кога треба да се спрема за тест на пример). Од друга страна плетењето многу ја релаксира и во исто време многу ја возбудува особено кога ќе ѝ тргне работата. Мислам дека ова е одлична комбинација“, објаснува Ана.

А на другарчињата на Илина им се допаѓа нејзиното хоби и некои од нив дури посакале таа да ги подучува.

За роденденот на нејзината најдобра другарка од школо, Камелија, Илина сплела змија. Сака да подарува, но тоа мора да биде со таа намена. Од работите што ги плете за своја душа не се дели лесно, а интересно е што за нејзиниот роденден на 17 април, како роденденски подарок од другарчињата, меѓу другото, добила и неколку клопчиња конци.

„Тоа беше многу внимателно од нивна страна. Нашите пријатели и роднини исто така се многу ангажирани во оваа смисла и освен комплименти често добива подароци соодветни на нејзиниот интерес (книги и конец). Најсреќна е кога ќе добие нов прилив. На луѓето им е многу чудно и интересно кога ќе чујат дека некое дете се заинтересирало за плетење. За нас е особено важно овој интерес на Илина колку што може да остане неоптоварен од нашите идеи за врските со традицијата, од родовите стеги и стереотипи и да си тече спонтано според нејзините лични интереси и насоки“, вели Ана.

Засега Илина не помислува на продавање на своите ракотворби, а и родителите не ја поттикнуваат во таа насока затоа што не сакаат да се оптоварува, туку сакаат да ужива во ова што го прави. А десетгодишната Илина навистина многу ужива. Сепак, вели дека во иднина можеби ќе посака да има своја продавница за плетени ракотворби. Мајка ѝ претпоставува дека на ова веројатно ја поттикнала приказната за „Шила“ на Калиопи Трпчева и Јана Мишо, која неодамна ја добила на подарок.

Со оглед на тоа што сега прави сè поголеми играчки, а за тоа ѝ се потребни едни посебно дебели конци кои се секако и најскапи, месечно троши во просек околу 1500 – 2000 денари за материјалите.

Но ова, вели мајка ѝ, вреди за секоја пара.

Играчки за етно клубот на Институтот за етнологија и антропологија

За неодамнешното отворање на етно клубот на Институтот за етнологија и антропологија кој е замислен како место за дружба, предавања, работилници, промоции, Илина сплела 17 ракотворби, главно зајчиња (како амајлии за брзо совладување на испити – за студенти и за брзо завршување на обврските – за професори).

„Клубот е креиран со донации од поединци како резултат на долгогодишната потреба и желба за ваков простор за вработените и за студентите. На отворањето на клубот беше организирана донаторска акција за доопремување на клубот – беа изложени атрактивни ракотворби и други производи за кои посетителите оставаа пари во касички. Се продадоа и сите ракотворби на Илина, а парите се поделија – половина на Институтот, половина за Илина. Тоа беше првата заработка од нејзиниот занает. Со тие пари купивме многу материјал за следните предизвици“, завршува гордата мајка на малата креативна плетачка чии омилени предмети на училиште се, претпоставувате, ликовно и музичко.

Повеќе