Мажот мора да ѝ плати надомест на поранешната сопруга за сите неплатени домашни работи за време на бракот

„По разводот, јас и моите ќерки останавме буквално без ништо. Со години го вложував своето време, енергија и љубов во сопственото семејство, секогаш го поддржував мојот сопруг во работата, а на моите деца им бев мајка, а често и татко. Никогаш немав право на свои финансии, сѐ беше на име на мојот сопруг“, објаснила Ивана Морал, која одлучила да ја побара правдата на суд

279

Шпански суд му наредил на еден претприемач да ѝ плати на поранешната сопруга и мајка на неговите две деца 204.000 евра како компензација за 25 години неплатени домашни работи. Според правосилната пресуда објавена во Малага, покрај отштетата, на поранешната сопруга Ивана Морал, тој мора да ѝ и плаќа и пензија од 500 евра месечно и по 400 и 600 евра на двете ќерки, пренесува iNews.

Во оваа несекојдневна бракоразводна постапка, судијката Лаура Руиз Аламинос стигнала до бројката од 204.000 евра со пресметување на минималната месечна плата на професионална собарка за годините што парот ги поминал во брак.

„Многу е јасно дека се работи за злоупотреба и прекин на сите мои приходи по разводот. По разводот, јас и моите ќерки останавме буквално без ништо. Со години го вложував своето време, енергија и љубов во сопственото семејство, секогаш го поддржував мојот сопруг во работата, а на моите деца им бев мајка, а често и татко. Никогаш немав право на свои финансии, сѐ беше на име на мојот сопруг“, објаснила Ивана.

Парот се венчал во 1995 година, а 48-годишната жена поднела барање за развод во 2020 година. За време на нивниот брак, нејзиниот сега веќе поранешен сопруг изградил успешен бизнис што му овозможил да купи скапи автомобили и фарма за маслиново масло чија вкупна вредност се проценува на 4 милиони евра.

Меѓутоа, кога неговата постара ќерка наполнила 16 години, нејзиниот татко одбил да плати за продолжување на нејзиното образование, поради што таа морала да почне да работи за сама да ги плати трошоците за студиите. Морал потпишала предбрачен договор со кој нејзиниот сопруг обезбедувал задржување на стекнатото богатство и поделба на заедничкиот имот. По бараниот развод добила половина од куќата и ништо повеќе. Во еден момент решила дека тоа не е доволно.

„Причината поради која решив да им се обратам на медиумите беше тоа што сакав жените да знаат дека можеме да бараме отплата за домашните работи кога има договор за поделба на имотот“, објаснила Ивана, а нејзиниот адвокат додал:

„Оваа пресуда ја претставува работата на сите жени во сенка кои без сомнение претставуваат основна поддршка во лична, брачна и семејна смисла долги години, за да може поранешниот сопруг да ја развие својата професионална кариера и да го зголеми богатството кое во моментот на разделбата не сакал да ги подели“.

Повеќе