Неверојатната приказна доаѓа од Клиничкиот болнички центар Сплит, каде утрово 29-годишна спличанка со царски рез родила четири бебиња, две девојчиња и две момчиња. Тие не се идентични или двојајчани близнаци, бидејќи секој фетус имал своја постелка, што е реткост која спаѓа во медицински феномени.
Жената зачнала по природен пат и последните два месеци ги поминала во болница заради зачувување на нејзината бременост. Се родиле три бебиња долги 40 сантиметри и тешки 1.500 грама, додека едно девојче е два сантиметри помало од браќата и сестрата, но со иста родилна тежина. Мајката и нејзиниот сопруг веќе имаат постара ќерка.
Слободна Далмација пишува дека таткото е познат стопанственик во Сплит, па во семејството веќе наголемо се слави.
Во сплитската болница велат дека, колку што паметат, последната слична бременост се случила пред четврт век.