Микропластика е најдена во секој тестиран примерок од човечка плацента

Микропластиката е насекаде околу нас, а истражувањата сугерираат дека е со нас уште пред да се родиме

207

Во новото загрижувачко истражување, се наведува дека во речиси секој тестиран примерок од човечка постелка (плацента) се пронајдени микропластики, поради што научниците се крајно загрижени за потенцијалните последици по здравјето на плодот. Тие анализирале вкупно 62 примероци на плацента и откриле дека најчестиот вид пластика што е откриен е полиетилен – се користи за производство на пластични кеси и шишиња. Друга студија открила микропластика во сите 17 тестирани примероци на ткиво од артерии, а научниците сугерираат дека овие пластични честички се поврзани со затнувањето на крвните садови, пренесува The Guardian.

Сите примероци од плацентата собрани од 62 испитанички содржеле одредена количина микропластика, од 6,5 до 790 микрограми на грам ткиво. Во 54% ​​од мострите е откриено присуство на полиетилен од пластични шишиња и кеси. 10% од примероците содржеле ПВЦ, пишува стручното списание Toxicological Sciences.

Микропластиката се честички помали од пет милиметри, кои се создаваат со распаѓање на поголеми пластични предмети. Таа стана голема еколошка опасност во последните неколку децении, а присутна е во огромен број во океаните, во почвата и реките на сите седум континенти.

Микропластиката неодамна е откриена во човечката крв и мајчиното млеко. Какви последици тоа ќе има врз здравјето сѐ уште не е познато, но се покажа дека микропластичните честички предизвикуваат оштетување на човечките клетки во лабораторија. Микропластиката може да се акумулира во некое ткиво и да предизвика воспаление, слично како микрочестичките од загадениот воздух, или оштетување може да предизвикаат хемикалиите од пластиката.

Огромните количини пластичен отпад што секојдневно се фрлаат во животната средина ја загадија целата планета – од врвот на Монт Еверест до најдлабоките делови на океанот. Ние консумираме мали пластични честички преку храна или вода и ги вдишуваме со воздухот, а микропластика е пронајдена и во изметот на малите деца и возрасните.

Професорот Метју Кампен од Универзитетот во Ново Мексико во САД, кој го предводел истражувањето, вели: „Ако го видиме влијанието на микропластиката врз плацентата, тогаш апсолутно целиот живот на цицачите на планетата би можел да биде на удар. Тоа воопшто не е добро!’

Тој, исто така, вели дека зголемената концентрација на микропластика во човечките ткива може да го објасни невообичаеното зголемување на случаите на одредени здравствени проблеми, вклучително и воспалителна болест на цревата (IBD), рак на дебелото црево кај луѓе под 50 години и намалување на бројот на сперматозоиди кај мажите.

Микропластиката е откриена за прв пат во човечката плацента во 2020 година од примероците на четири здрави жени од Италија кои имале нормална бременост и породување. „Микропластиката содржи супстанции кои го нарушуваат нормалното функционирање на жлездите, што може да предизвика долгорочни ефекти врз здравјето на луѓето“, велат научниците.

Концентрацијата на микропластика во плацентата била особено загрижувачка, рекол Кампен. Имено, ткивото на плацентата расте само осум месеци, бидејќи почнува да се формира околу еден месец по почетокот на бременоста. „Другите органи на нашето тело собираат пластика во многу подолги временски периоди“, додал тој. Тоа значи дека микропластиката многу брзо се таложи во нашето тело.

Повеќе