Микропластика пронајдена во мајчиното млеко – колку е опасна?

Претходно објавена студија покажа дека микропластиката дури може да навлезе во плацентата. Со помош на методот на микроспектроскопија, беше утврдено дека дури четири од шесте анализирани плаценти содржат микропластика. Микропластиката се наоѓа во воздухот, водата и почвата, но за прв пат е најдена и во мајчиното млеко.

983

Речиси 20 години, научниците ги истражуваат потенцијалните штетни ефекти на микропластиката. Повеќето истражувања досега се фокусирани на опасностите за морските организми, меѓутоа, научниците се повеќе се загрижени за ефектите врз луѓето.

Новото истражување објавено во списанието Polymers за прв пат откри дека микропластиката се наоѓа дури и во мајчиното млеко. Од земените 34 примероци, во 26 е пронајдена микропластика, а станува збор за полиетилен, поливинил хлорид и полипропилен со величина од 2 до 12 µg. Ова загрижувачко откритие го проширува спектарот на потенцијални опасности за новороденчињата.

Претходно објавена студија покажа дека микропластиката дури може да навлезе во плацентата. Со помош на методот на микроспектроскопија, беше утврдено дека дури четири од шесте анализирани плаценти содржат микропластика. Микропластиката се наоѓа во воздухот, водата и почвата, но за прв пат е најдена и во мајчиното млеко.

Научниците, сакајќи на секој можен начин да избегнат можна контаминација на примероците, побарале од доилките да не користат пластични пумпи, туку млекото да го пумпаат природно, во садови кои исто така не се направени од пластика. Во примероците се пронајдени од една до пет пластични микрочестички, велат авторите на студијата објавена во списанието „Polymers“. Честичките биле направени од ПВЦ, полиетилен и полипропилен, чести облици на пластика кои се наоѓаат во шишиња, синтетичка кожа, материјали кои се користат за мебел, разни пакувања… Ги открил тим италијански научници одговорни и за наоѓањето микропластика во човечката плацента пред две години.

„Присуството на микропластика во мајчиното млеко ја зголемува нашата веќе значајна грижа за здравјето на исклучително ранливата популација, нашите новороденчиња. Од витално значење е да одредиме како да се заштитиме за време на бременоста и доењето. Студиите како нашите не се насочени кон намалување на доењето, туку на притисок врз политичарите да донесат закони кои ќе го намалат ваквото загадување“, најави д-р Валентина Нотарстефано од Политехничкиот универзитет во Анкона.

Како микропластиката влијае на здравјето?
Досега не е утврдено директното влијание на микропластиката врз здравјето на луѓето, но научниците имаат неколку теории за тоа како пластиката ни штети. Малите парчиња пластика кои можат да навлезат во ткивата и клетките може да претставуваат туѓо тело и да предизвикаат иритација во телото, како азбестот кој предизвикува воспаление на ткивото на белите дробови и предизвикува рак.

Пластиката може да се спореди со загадувачи на воздухот од индустриско потекло или од моторни возила кои можат да се населат во белите дробови и да го оштетат респираторниот систем. Исто така, поголемите молекули како пластификатори, стабилизатори и пигменти кои се користат во производството на пластични предмети предизвикуваат хемиска токсичност во нашето тело и, на пример, ја попречуваат работата на хормоните. Исто така, постои теорија дека микропластиката би можела да ги врзе штетните материи и, како носач, да го олесни нивното влегување во нашето тело. Најзагрижувачки се нанопластиките помали од 1 µm, невидливи со голо око, но доволно мали за да влезат во клетките и потенцијално да влијаат на функционирањето на клетките.

Како да се намали количината на пластика во храната?
Еден од начините да се намали количината на микропластика во средината е да се рециклира и да се избегнува користење пластични садови за еднократна употреба за храна. Топлината е главниот фактор што предизвикува „протекување“ на пластиката во храната, затоа треба да избегнувате да ја загревате храната во пластични садови, да јадете топла храна и пијалаци од пластични садови, да вриете вода во пластични бокали или да подготвувате формула за доенчиња во пластични шишиња.

Повеќе