Наместо телефони, дајте им кукли: Играњето со кукли го поттикнува социјалниот и емоционалниот развој на детето

Утврдено е дека играта со кукла го активира делот од мозокот одговорен за емоционалниот развој и социјалните вештини (pSTS). Од друга страна, играњето на дигитални уреди не ги поттикнува децата да се „соживеат“ со улогите, ниту да развиваат социјални вештини, покажало истражувањето.

167

Родителите, под изговор дека технологијата во денешно време е начин на живот, многу лесно им попуштаат на своите деца и уште во рана возраст им ги даваат на користење апаратите за да си го олеснат секојдневието, што модерниот живот доста го искомплицирал. Сепак, новото истражување спроведено од Универзитетот во Кардиф открива дека децата кои си играат со кукли повеќе размислуваат за туѓите емоции, како и за нивните мисли, отколку децата кои повеќе користат дигитални уреди.

Авторот на студијата, д-р Сара Герсон, вели дека кога децата си играат со кукли, тие всушност играат улоги, онака како што ги гледаат во реалниот живот. Тие покажуваат повисоко ниво на социјално и емоционално созревање и градат емпатија која ја интернализираат и која им останува за цел живот.

Што се случува во мозокот на детето додека си игра со кукли?
Истражувачите набљудувале 33 девојчиња и момчиња на возраст од 4 до 8 години кои си играле со барбики или со таблети.

Д-р Герсон објасни дека играњето со кукли го поттикнува развојот на ISL (internal state language), кој всушност е единствен показател за социјалниот развој на детето, бидејќи оваа форма на игра ги поттикнува децата да кажат гласно што мислат и чувствуваат.

Таа додала дека развиениот ISL покажува дека децата размислуваат за емоциите, мислите и знаењето на другите луѓе. Тоа значи дека на овој начин тие всушност развиваат клучна социјална вештина која ќе им биде од голема корист во текот на нивниот живот.

За време на истражувањето, биле користени и технологии кои им овозможиле на истражувачите да ги набљудуваат мозоците на децата за време на играта (near-infrared spectroscopy) со кукли или гаџети. Утврдено е дека играта со кукла го активира делот од мозокот одговорен за емоционалниот развој и социјалните вештини (pSTS). Од друга страна, играњето на дигитални уреди не ги поттикнува децата да се „соживеат“ со улогите, ниту да развиваат социјални вештини, покажало истражувањето.

И колку време е дозволено пред екранот?
Екраните денес се насекаде околу нас, па затоа е многу тешко да се следи нивната употреба.

Сепак, експертите од клиниката Мајо велат дека премногу време пред екранот предизвикува неправилен и лош сон, проблеми во однесувањето, побавен јазичен и социјален развој, насилно однесување, потешкотии во учењето и проблеми со прејадување.

Тогаш, како да се ограничи времето пред екранот? И на колку?

Американската академија за педијатрија и клиниката Мајо велат дека на децата под 18 месеци не треба да им се дозволи пристап до екраните. Оние на возраст од 18 до 24 месеци не смеат да поминуваат време сами пред екранот, ниту пак да им се даваат телефони и таблети. За деца од 2 до пет години, апсолутен максимум пред екранот е еден час дневно исклучиво едукативна содржина.

Повеќе