Нашата Јасна Апостолски Николов е меѓународен консултант за доење: Наместо да се откажете и да кажете „немам млеко“, побарајте помош!

Јасна Апостолски Николов е една од околу 32 000 сертифицирани консултанти за доење во светот. Таа смета дека, иако доењето е нормален физиолошки процес, секоја доилка на почетокот се соочува со предизвици и има потреба од стручна помош. Наместо едноставно да се откажеме и да речеме „немам млеко“, треба да побараме стручна помош, вели нашата соговорничка

1.624

IBCLC е акроним кој значи Меѓународен сертифициран консултант за доење и претставува највисок степен на специјализирана едукација во полето на лактацијата.
Организацијата која ја спроведува оваа едукација е основана во 1985 година и нејзината мисија е унапредување на професионалната пракса на полето на лактацијата преку акредитација на консултанти за доење.
Станува збор за специјализација која постојано се надоградува преку едукации, обуки, семинари и на секои 5 години повторно мора да се обновува сертификатот кој овозможува да се работи како консултант за доење во здравствена установа или приватна пракса (во оние земји во светот каде е ова признаено како професија).

Нашата соговорничка Јасна Апостолски Николов е една од околу 32 000 (IBCLC/International Board Certified Lactation Consultant) консултанти за доење во светот.

„Бидејќи работам во ординација по педијатрија ПЗУ ЈУНИОР МЕД секојдневно сум во контакт со мајки. Меѓу нив има и мајки кои не дојат, а причините за тоа се различни, од желба на мајката која еднoставно не сака да дои, здравствен проблем заради кој не може да дои или мајка која едноставно немала помош и поддршка од стручно лице за правилна стимулација на лактацијата. Тука би спомнала дека пренаталната едукација на ова поле е еден голем чекор за секоја идна мајка затоа што реалноста за првите денови после породувањето е сосема спротивна од очекувањата“, вели Апостолски Николов.
Според неа, иако доењето е нормален физиолошки процес, во последните години речиси секоја доилка на почетокот се соочува со предизивици и има потреба од стручна помош од консултант за лактација.
„Лактацијата се развива првите шест недели, градата постепено го зголемува производството на мајчино млеко, како што расте бебето и како што се зголемуваат неговите потреби. И многу млеко и малку млеко е проблем па треба консултација за да се надмине овој проблем и да се продолжи со доењето. Исто така, има одредени состојби кога развојот на лактацијата почнува подоцна и во овој период е потребна соодветна стимулација, па повторно има потреба од стручна помош, наместо едноставно да се откажеме и да речеме „немам млеко“. Имам мајки со кои сум работела по шест недели и сме успеале во доењето“, вели таа.

Меѓудругото, со цел да се доближат повеќе информации до идните мајки и доилките нашата соговорничка одлучила да го основа и Центарот за мајки „Здраво бебе“ во кој еднаш месечно, заедно со д-р Драгана Емел Маркоска, спец.педијатар, одржуваат бесплатни работилници за доење. Исто така, во центарот се одржуваат и часовите за психофизичка подготовка на трудници за породување, а на дел дел од часовите се обработува и темата доење.


„Веќе три години има голем интерес за работилниците и часовите па на некој начин сметам дека придонесувам за зголемување на стапката на доење“, вели Јасна, која по професија веќе 20 години е медицинска сестра, а од нив, 15 години работи во ординацијата по педијатрија.
Идејата за да се доедуцира на ова поле потекнала од нејзината секојдневна работа.
„Веќе девет години одржувам часови за психофизичка подготовка на трудници (за кои исто така имам сертификат за едукатор), а секојдневно низ мојата работа во ординацијата по педијатрија почувствував дека имам недостаток да им помогнам на мајките кои сакаат да дојат. Пред 7 години на еден од часовите за психофизичка подготовка за трудници разговарајќи на тема доење, трудниците споделуваа приказни од нивни блиски со неуспешни доенечки приказни. Размислувајќи како нашите мајки и баби не доеле порано и дека не постоел друг начин на исхрана на новороденчето, иако и тие споделуваат некои искуства за одредени проблеми со кои се соочувале при доењето, почнав да истражувам и така видов дека постои специјализација на полето на лактацијата.
Сега после 4 годишна работа како консултант за доење разбирам многу недостатоци на некои мајки кои имале проблем со доењето. Веќе се надминуваат бројни предизвици со кои се соочуваат и имаме успешни доенечки приказни“, вели таа.

Секоја консултација кога станува збор за доењето започнува со сослушување на мајката која е причината за консултацијата. Потоа се набљудува една доенечка сесија за да се детектира дали воопшто постои проблем или едноставно мајката е несигурна дека постапува како што треба, па сака протврда од стручно лице.


„Како консултант за доење мојата работа е да го детектирам проблемот и да ѝ дадам насоки и совети кои се во мојот домен. На пример: ако причина за посета се болни брадавици кај мајката, тоа е една од работите заради кои доилките размислуваат за престанок на доењето. При посетата се набљудува како мајката го поставува бебето на града, дали бебето има правилен длабок фат на града. Доколку ова е во ред, освен анамнестичките податоци за болката на мајката се проверува и бебето, дали има некоја орална рестрикција (подврзано јазиче или подврзана горна усна, вовлечена долна вилица). Доколку се детектира проблем кај мајката или кај бебето се дава конкретен совет. Понатаму во наредните денови се контактира со мајката за да се провери дали постои подобрување на состојбата.
Консултантите за доење ја пружаат целокупната стручна поддршка на мајките но, исто така е важна и психолошката поддршка. Секоја мајка сака да го прави најдоброто за своето бебе и колку и да е сигурна во себе во тој постпородилен период кога се соочуваат со ролеркостер од емоции некогаш им треба и стручно лице да им биде поддршка и да им потврди дека се на добар пат“, објаснува Јасна.
Ја прашавме за тоа дали кај нас функционира употреба на мајчино млеко од мајка-донор со оглед на тоа што немаме банка за мајчино млеко.
„Пред три години со една мајка со која работев и која сега се едуцира да биде консултант за доење, основавме страница на Фејсбук и се приклучивме во асоцијацијата „Human milk for human babies“. Ова е можност секоја мајка која има повеќе мајчино млеко да сподели дека сака да го донира и доколку друга мајка сака, може да го превземе. Ова се базира на доверба, а не како во банките за мајчино млеко кадешто млекото кое се донира подлежи на контроли и регулирање на тоа кој има предност да земе млеко од банката. Имено, од банките прво предност имаат родилиштата кои го користат за исхрана на предвреме родените деца додека нивните мајки стимулираат и развиваат лактација, потоа болните новороденчиња и доенчиња, а на крајот, останатите бебиња“, вели таа.
И додека користењето на мајчино млеко од мајка-донор е пракса во голем број држави ширум светот, според нашата соговорничка, кај нас мајките полесно се одлучуваат да поминат на исхрана со адаптирано млеко.
Сепак, наведува примери на мајки кои меѓусебе си ги дојат децата, но станува збор за мајки кои се во блиски роднински врски.
„Досега, нема пример каде што се продавало мајчино млеко, но имам примери каде што мајките споделуваат дека имаат повеќе и го нудат доколку сака некоја мајка да го земе. За ова имам неколку примери, но повторно мајките се во блиска роднинска врска, а ова подарување се базира на доверба.
Имам и примери каде што мајките имаат млеко, но не сакаат да ги дојат децата. Најчеста причина е некој здравствен проблем, психичката состојба на мајката, односно, таа едноставно не се чувствува убаво и пријатно кога го дои бебето. Имав и случај каде што мајката имаше премногу млеко, лактација која едноставно не можела да се регулира, па добила совет да не го дои бебето бидејќи би имала чести проблеми со преполнување на градите и честа појава на мастит. Ние консултантите за доење треба да ја почитуваме желбата на мајката, да ѝ помогнеме доколку се соочи со предизвици да ги надмине и да продолжи со доење или доколку не сака да дои, да ѝ помогнеме да го надмине и да работиме на постепен престанок на лактацијата“, вели Јасна која ги повикува сите оние кои се соочуваат со каков било проблем во врска со доењето и лактацијата, да не се обесхрабруваат.

Повеќе