Ова се четири родителски трендови што почесто ќе ги гледате во 2024-та

Еве неколку предвидувања за тоа кои ќе бидат главните трендови во родителството во новата година.

223

Вo последниве години, многу се зборува за хеликоптер-родителство, забавите за откривање на полот на неродените бебиња и натрупаните распореди на децата. Што ќе ни донесе 2024 година? Еве неколку предвидувања за тоа кои ќе бидат главните трендови во новата година.

Ситни пресвртници

Родителите ги слават првите насмевки, првите чекори и првите зборови на своите бебиња, но од оваа година би можеле да станат тренд помали пресвртници, како што е отфрлање на цуцлата или самостојно облекување чевли. Д-р Товах П. Клајн се согласува дека има смисла да се слават помали победи.

„Развојот на децата се случува сантиметар по сантиметар, и обично забележуваме големи скокови, но на децата им значи многу ако ги славиме малите нешта“, изјавила таа за Today.

Елиминациска комуникација
Во претходните години, педијатрите ги советуваа родителите да почекаат додека нивните деца да покажат знаци дека се подготвени да ги соблечат пелените и да одат во тоалет, што обично е на возраст од 2 до 3 години. Но, методот на рано одвикнување познат како елиминациска комуникација доживува вистински процут.

Станува збор за метод кој со години се применува во земји како Иран, Виетнам и Кенија, а вклучува подесување на знаците на бебето и ставање на нокшир веќе во првата година од животот.

„Тоа има смисла бидејќи бебињата даваат знаци дека треба да се олеснат, исто како што прават кога се гладни или поспани“, вели Андреа Олсон, основач на GoDiaperFree.com.

Нежно родителство
Речиси половина од мајките и една третина од татковците практикуваат нежно воспитување, според истражувањето на Универзитетот во Мичиген кое опфатило 2.044 родители. Дури 78 отсто од родителите велат дека посакуваат да имаат повеќе трпение, што е многу важно за нежното родителство.

Наместо да казнуваат, денешните родители поставуваат граници и ограничувања и им даваат на децата патоказ за однесување и нашите очекувања од нив.

Споделување фотографии од децата
Тешко е да се одолее на објавувањето фотографии од вашите деца на социјалните мрежи, но сѐ повеќе родители стануваат свесни дека на тој начин создаваат дигитален отпечаток на нивните малечки уште пред да можат тие да разберат што значи тоа.

Кејт Блокер, директор за истражување и програми во Children and Screens: Institute of Digital Media and Child Development, предлага да побарате дозвола од вашето дете пред да објавите нешто за него на интернет.

Професорката по право од Харвард, Леа Плукет, ги советува родителите да ги објавуваат само фотографии од кои не би се срамеле да ги видат на билбордите покрај патиштата.

Повеќе