Од „уметност заради уметност“ до „насилство заради насилство“: Публиката, телефонот и интернет-статусот се новата сцена

Од „happy slapping“ до новиот нихилистички екстремизам: како тепачките, нападите и шокантните снимки станаа средство за внимание, онлајн статус и препознатливост меѓу дел од младите

60

Некогаш идејата дека нешто може да постои само заради себе звучеше како естетска или филозофска теза. „Уметност заради уметноста“ беше став според кој делото не мора да има друга задача освен да биде уметност. Денес, во сосема поинаков и многу помрачен контекст, од Европа стигнува предупредување за појава што звучи како нејзина изопачена верзија: „насилство заради насилство“.

Во центарот на загриженоста е феноменот што европските власти го опишуваат како „нихилистички насилен екстремизам“ – насилство што се прави поради самото насилство, а понекогаш и со цел сторителот да стекне статус пред виртуелната публика. Европскиот координатор за борба против тероризмот Бартјан Вегтер предупредува дека кај дел од младите постои фасцинација со насилството, без јасна политичка или верска идеологија зад нападите.

Во истрага спроведена во јуни и јули од полициите на девет европски земји биле идентификувани околу 4.340 интернет-адреси поврзани со онлајн заедницата „The COM“. Европските власти ја следат поради содржини и комуникации поврзани со насилство, а особено загрижува фактот што во овие кругови има голем број млади луѓе.

Не станува збор за мрежа со една класична идеологија или јасна хиерархија, што на властите дополнително им го отежнува следењето. Младите можат да преминуваат од една онлајн заедница во друга, а дел од комуникацијата се одвива во затворени или шифрирани простори. Европските служби предупредуваат дека ваквите онлајн кругови можат да се прелеат во реалниот свет и да поттикнат вистински напади.

Еден од примерите што го наведуваат европските институции е нападот во Финска во 2025 година, кога 16-годишно момче со нож нападнало три соученички. Пред нападот споделил манифест во групи на „Ватсап“, а самиот напад го снимил со „Снепчет“. Потоа, според документите, на социјалните мрежи барал некој да ја зачува снимката и да му ја врати откако ќе биде пуштен. Во манифестот пишувало дека сакал да направи нешто „значајно“ и „возбудливо“, без наведена политичка причина.

Во Италија, пак, властите минатата година уапсиле 15-годишник кој, според истрагата, планирал убиство за да стекне статус во онлајн заедница. Во неговиот телефон биле пронајдени снимки и фотографии од напади, убиства и училишни пукања, како и друга екстремистичка содржина.

Но, ова отвора и пошироко прашање: зошто воопшто некој тинејџер би го вклучил телефонот да снима додека некого тепаат, наместо да помогне?

Снимањето насилство меѓу младите има многу постара историја од денешните онлајн екстремистички групи. Феноменот е познат како „happy slapping“ – намерно снимање физички напад, често врз врсник, за снимката потоа да се покаже или сподели. Терминот се појавил во Велика Британија околу 2005 година, во периодот кога мобилните телефони со камери станаа масовно достапни. Во првите случаи често се претставувал како „шега“, но многу брзо преминал во сериозно насилство.

Она што денес е различно не е самата идеја да се сними нападот, туку огромната публика што може да ја добие снимката.

Истражување објавено врз основа на анализа на 80 случаи на насилство снимени со паметни телефони покажало дека снимките можат да го прошират ефектот на нападот многу подалеку од местото каде што се случил. Откако ќе се сподели на социјалните мрежи или во апликации за пораки, насилниот чин може да стане вирален и да му донесе на сторителот внимание и препознатливост.

Токму тука се вклопува и идејата за статус. За дел од младите, особено во средини во кои популарноста се мери преку прегледи, реакции и број на следбеници, шокантната содржина може да стане начин да се привлече внимание.

Поново истражување за однесувањето на адолесцентите покажува дека стремежот кон популарност може да биде поврзан со агресивно однесување, вклучително и релациска и дигитална агресија. Желбата да се биде прифатен и забележан од врсниците може да влијае врз однесувањето, особено кога постои притисок да се стекне повисок социјален статус.

А потоа доаѓа и публиката.

Кога неколку тинејџери стојат околу тепачката, некои од нив можеби не учествуваат директно во нападот, но наместо да повикаат помош, го вадат телефонот. Во психологијата одамна е познат таканаречениот ефект на набљудувачот – кога има повеќе сведоци, секој може да очекува дека некој друг ќе реагира. Кај денешните тинејџери таа пасивност добива нова форма: телефонот станува алатка за „учество“ во настанот без физички да се вмешаат.

Со самото снимање нападот добива публика, а со објавувањето може да добие стотици или илјадници гледачи. На тој начин жртвата не е понижена само во моментот на нападот, туку и повторно секогаш кога снимката ќе биде споделена.

Социјалните мрежи дополнително го менуваат односот кон ваквата содржина. Алгоритмите не препознаваат нужно дали некој гледа видео затоа што го осудува насилството или затоа што му е забавно и шокантно – за системот, гледањето, коментирањето и споделувањето се сигнали дека содржината предизвикува интерес. Затоа снимката може да продолжи да се шири токму затоа што предизвикува силна реакција.

Европските власти сега се обидуваат да го фатат проблемот и од другата страна – преку самите платформи. Координаторот на ЕУ за борба против тероризмот вели дека сегашните европски правила за дигиталните платформи не ги покриваат сите начини на кои младите се радикализираат и повикува на поголем притисок врз технолошките компании.

Во исто време, Европската Унија повторно ја отвора и пошироката тема за возраста на која децата треба да имаат пристап до социјалните мрежи. Европската комисија разгледува модел според кој на деца под 13 години би им бил ограничен пристапот, додека Франција бара уште построга граница – забрана за социјални мрежи за сите под 15 години.

Проблемот не се однесува само на екстремистичките содржини. Ирскиот регулатор неодамна отвори формална истрага против „Икс“ поради сомнежи дека децата можат да пристапуваат до содржини со насилство и дека механизмите за родителска контрола и проверка на возраста не се доволно ефикасни.

Зад едно видео на кое група деца тепаат врсник може да стојат различни мотиви – желба да се биде популарен, притисок од групата, потреба за внимание, недостаток на емпатија, желба да се понижи жртвата пред публика.

Но, кога нападот се снима намерно, телефонот веќе не е само сведок на насилството. Тој станува дел од самиот настан.

Ова европските безбедносни служби сè повеќе го гледаат како проблем: во одредени онлајн средини насилството повеќе не е само нешто што се случува – туку нешто со кое млад човек може да се обиде да изгради репутација.

Повеќе