Научете го детето да се справува со предизвиците и стресните ситуации

Поддржувајте го вашето дете, но обидете се да не му го решавате секој помал проблем или разочарување. На пример, дозволете му на вашето дете да ја предаде домашната задача која знаете дека е погрешна. Надминувањето на малите предизвици, ја гради неговата резилиентност за поголеми неуспеси.

757

Резилиентноста е капацитет за справување со различни видови на стрес, справување со предизвиците и опоравување од траума. За децата, предизвиците и тешките времиња вклучуваат искуства, како на пример, започнување во ново училиште или градинка, преселба во нов дом, доаѓање на ново дете во семејството, итн. Стресот за детето, исто така, може да вклучува сериозни искуства, на кои би можело да биде присутно, како што се, семејно насилство, развод, болест, смрт итн.

Децата, со текот на времето резилиентноста ја градат и преку искуство. Можете да му помогнете на вашето дете да научи нови вештини и да ја развива резилиентноста со тоа што ќе имате топол и поддржувачки однос кон него. Децата кои се резилиентни, можат да се опорават од неуспесите и побрзо да се вратат на секојдневјето. Кога децата ги надминуваат неуспесите и проблемите, тоа ја гради нивната самодоверба и им помага да се чувствуваат повеќе подготвени кога ќе се појави нов проблем.

Резилиентните деца, честопати се добри во решавањето на проблемите и учењето нови вештини. Тоа е така, затоа што тие се повеќе подготвени да се обидат повторно, дури и ако работите не одат како што планирале. И кога работите не одат добро, а децата се чувствуваат вознемирено, тажно, разочарано или исплашено, резилиентноста им помага да разберат дека овие непријатни емоции нема да траат засекогаш.

Помалку е веројатно дека резилиентните деца ќе ги избегнуваат проблемите или ќе се справуваат со нив на нездрави начини, како што е агресијата кон другите, или агресија свртена кон себе во форма на самоповредување.

Начини на кои можете да ја градите резилиентноста кај вашето дете:

Поддржувајте го вашето дете, но обидете се да не му го решавате секој помал проблем или разочарување. Избегнувајте предвидувања со цел да ги спречите проблемите на вашето дете. Ова може да значи да му дозволите на вашето дете да ја предаде домашната задача која знаете дека е погрешна. Надминувањето на малите предизвици, ја гради резилиентноста на вашето дете за поголеми неуспеси.

Помогнете му на вашето дете да ги идентификува и да управува со силните емоции.

На пример, вашето дете може да биде загрижено за член на семејството кој е болен. Можете да му кажете: „Можам да видам дека си навистина загрижен. Во ред е да бидеш загрижен и тажен, но, запомни дека правиме сè што можеме за да помогнеме.“

Охрабрете го вашето дете да се обиде повторно кога работите не успеваат на првиот обид. Пофалете го за обидот без разлика на резултатот и научете го да биде љубезно кон себе.

На тој начин, разочарувањата, неуспесите или грешките, нема да ги доживува како стрес за кој нема решение и нешто кое ќе го избегнува.

Помогнете му да препознава кога работите одат добро и да ги уважува. На пример, за време на семејните оброци, секој од вас може да сподели по една позитивна работа од вашиот ден. На овој начин, детето ќе учи да се мотивира себеси во моментите кога ќе биде соочено со предизвици.

Помогнете му на вашето дете да развие вештини за решавање проблеми на начин соодветен на возраста. Не очекувајте дека тоа ќе успее да се справи на начин на кој вие го правите тоа. Во ситуација во која на вашето дете ќе му биде потребен совет, размислете како е најсоодветно да одговори следниот пат.

Најдете позитивен модел кој доживеал слични предизвици како вашето дете. На пример, вашето дете може да најде поддршка кај постар пријател или роднина со слично искуство, а начинот на кој се справил може да послужи како позитивен пример.

Запомнете, вашето дете е присутно и постојано го гледа начинот на кој вие се справувате со проблемите. На тој начин, детето учи од вас и ги презема вашите вештини преку пример.

Развивањето на резилиентноста е лично патување, и треба да го искористите вашето знаење за да ги водите децата низ нивниот процес. Пристапот за градење резилиентност кој функционирал за вас, можеби нема да функционира за вашето дете. Доколку вашето дете изгледа заглавено во процесот и не може да ги искористи советите кои му ги давате, разговорот со искусен психолог или психотерапевт, е секогаш искуство кое може да ви помогне.

Пишува: М-р Давид Тасевски, психолог, семеен и системски советник

Повеќе