Некои деца би биле среќни да имаат што да јадат! Зошто некои фрази кои им ги кажуваме на децата што одбиваат да јадат се штетни?

Нема да пораснеш, ќе останеш мал, гладните деца во Африка би дале сѐ за твојава чинија, штом не го јадеш ова, значи не ме сакаш…. Дали користите некоја од овие фрази?

127

Во многу семејства со мали деца, времето за оброк наликува на игра: има моменти на радост, драма, лутина и фрустрација. Меѓутоа, честопати во очајнички обид да стават крај на тензичните сцени, родителите се повикуваат на чувство на вина или уцена, не сфаќајќи дека прават грешка. Тие користат фрази кои се штетни или контрапродуктивни, па затоа е добро да се анализира нивната заднина и конечно да се елиминираат од примената.

„Има толку многу деца кои би биле среќни да имаат што да јадат“

Иако е точно дека има луѓе кои гладуваат, не е добро да се обидувате да го убедите детето да го изеде својот оброк заради чувство на вина. Всушност, користењето на оваа фраза може дополнително да го поттикне однесувањето што би сакале да го неутрализирате, така што детето ќе почне да развива негативен став кон храната.

„Ако не јадеш, нема да пораснеш и ќе останеш мал“

Од една страна, звучи како казна и има краткорочен ефект, бидејќи можеби ќе успее при првиот обид, но не делува како трајна лекција. Во исто време, исто така, стигматизира одредени типови на тело и физички карактеристики, како што е слаб или низок.

Знаеме дека на децата често им велат „ќе бидеш низок“, „ќе бидеш премногу слаб“ и слично“, како да не е нешто во ред со овие карактеристики. Важно е да ги научиме да бидат свесни за различноста на телата и да им ги објасниме вистинските причини за важноста на одржувањето на здрава и разновидна исхрана.

„Ако не го јадеш тоа што ти го подготвив, тоа е веројатно затоа што не ме сакаш“

Ова е форма на манипулација, како и да гледате вие на тоа. Тоа го става детето во ситуација кога за да ја докаже својата љубов, мора да направи нешто од обврска и против своја волја. Иако можеби не изгледа така, сублиминалната и многу опасна порака е дека љубовта оправдува сè, дури и постапките кои не ни се пријатни.

„Ако јадеш, ќе ти дадам…“

Тоа може да се смета и за форма на уцена. Кога го правиме ова, ризикуваме децата да ја поврзат храната со награда и да ѝ дадат важност само поради наградата што ја добиваат за возврат.

Наместо тоа, она што децата треба да го знаат е зошто е важно да се јаде добро и да се прави тоа без разлика дали за возврат ќе добие сладолед за десерт или неколку дополнителни минути за гледање телевизија. Во спротивно, кога ќе ја нема наградата, децата нема да јадат, а родителите ќе се најдат во ќорсокак.

„Не ти се допаѓа ова? Кажи ми што сакаш и јас ќе ти зготвам”

Ова е незгодна фраза и меч со две острици. Точно, постојат ситуации во кои целото семејство не се согласува околу изборот на јадења, па подготвуваат различни. Сепак, оваа ситуација треба да се избегнува колку што е можно повеќе.

Важно е да не посегнувате само по типични јадења што децата ги сакаат (како што се често тестенините) и да се обидете да ги поттикнете да пробаат широк спектар на храна. Важно е да се направи разлика помеѓу одбивање и допаѓање, бидејќи има фази во кои децата одбиваат јадење само за да го добијат она што најмногу им се допаѓа. Во ред е да се има омилено јадење, се разбира, но разновидната исхрана е клучна и родителите треба да го научат своето дете на тоа, пишува порталот You Are Mom.

Повеќе