Нероден фетус близнак живеел како паразит во стомакот на бебе

Кога д-р Муштак Ахмед го оперирал десетмесечното бебе Шазија за да го отстрани она што се сомневал дека е циста, бил запрепастен кога видел пар полуформирани стапала во нејзиниот стомак.

408

„Мојот тим очекуваше да најде циста или абдоминална маса кај ова бебе кое со месеци плачело од болки, но кога го отворивме стомакот на бебето и ги видовме ножните прсти и кичмата, за момент останав без зборови. Не сум сретнал ваков случај во 15-те години колку што работам како детски хирург“, вели д-р Муштак Ахмед по операцијата на десетмесечната Шазија во Пакистан, во Универзитетската болница Шеик Зајед во Рахим Јар Кан, во јужниот регион Пенџаб.

Докторот го опишал неверојатното откритие, кога неговиот тим отварајќи го стомакот на бебето сфатил дека го гледа фетусот на нероденото бебе близначка на Шазија кој веројатно имал осум до девет недели кога престанал да се развива.

„Можевме јасно да ги видиме почетоците на сите четири екстремитети со јасно видливи прсти, па дури можевме да забележиме и облици што личат на очи“, вели тој.

„Fetus in fetu“
Во медицинскиот свет, оваа ретка состојба каде што неформиран паразитски фетус престојува во телото на неговиот близнак се нарекува „Fetus in fetu“.

Не е познато што ја предизвикува, но оваа состојба се јавува во раните фази на развојот, кога еден фетус ќе се обвитка околу другиот.

Обвиениот фетус не се развива целосно, туку станува „паразит“, потпирајќи се на близнакот домаќин за да преживее.

Таквите близнаци обично умираат пред раѓањето.

Се проценува дека оваа аномалија се јавува еднаш на секои 500.000 раѓања, според извештајот на Американската академија за педијатрија од 2000 година.

Досега во светот се пријавени само 200 случаи на оваа аномалија.

Претерано плачење
Стомакот на бебето Шазија почнал да отекува еден месец по раѓањето.

Нејзините родители велат дека плачела од болка и дека тоа траело долго.

„Не знаевме што е проблемот, но нејзиниот стомак беше тврд на допир“, вели Мухамед Асиф, таткото на Шазија.

Фармерот Асиф и неговата сопруга, заедно со другите две деца, ја однеле Шазија кај неколку лекари во нивниот роден град Садикбад.

Но, поради недостигот на медицински установи и тоа што оваа состојба е толку ретка, на Шазија не ѝ била поставена дијагноза.

Кога состојбата на бебето се влошила, тие решиле да патуваат 30 километри до подобро опремената болница Шеик Зајед во Рахим Јар Кан на 25 август.

Неколку часа подоцна се сретнале со доктор Муштак.

„Кога го прегледав бебето почувствував некаков тумор.

„Направив ултразвук и дијагностицирав некаква циста во абдоменот.

„Јас дури и не ја разгледав можноста дека може да биде нешто друго“, вели тој.

Родителите не можеа да си дозволат магнетна резонанца, што ќе овозможи попрецизна дијагноза.

Доктор Муштак советуваше дека хируршкото отстранување на цистата е најдобрата опција.

„Тоа ги исплаши, не разбраа зошто на толку мало бебе му треба операција и се загрижија“, вели докторот.

Родителите на Шазија ја одбиле операцијата и заминале дома.

Но, неколку дена подоцна се вратиле, очајни да направат се за да му го олеснат животот на своето дете.

„Семејството е многу сиромашно и едвај врзува крај со крај, па нашата клиника им даде голем попуст за да можат да ја платат операцијата“, објасни д-р Муштак.

Но, кога тим од лекари дошле до запрепастувачко откритие за нероденото близначе на Шазија за време на операцијата на 29 август, сфатиле дека мора да направат деликатна процедура за да го отстранат фетусот.

„Бевме зачудени кога откривме дека ова неухрането бебе го носи плодот на сопствениот близнак“, истакнува докторката.

Фетусот делуваше како паразит, прицврстувајќи се за тенкото црево на бебето, вадејќи крв и лишувајќи ја Шазија од виталните хранливи материи.

Доктор Муштак вели дека Шазија закрепнала речиси веднаш по операцијата и сега нормално расте.

„Таа престана да плаче и забележавме дека нејзината состојба е подобрена по операцијата“, вели тој.

Шазија била пуштена од болница на 4 септември, четири дена по процедурата.

Тимот за педијатриска нега ќе ја следи нејзината состојба во наредните месеци и ќе ги објави деталите за овој случај во научно списание.

Гласини за „бременоста“ на бебето
Поради реткоста на случајот, имало огромен медиумски интерес за приказната на Шазија.

Нејзиниот татко го исклучил мобилниот телефон за да избегне да одговори на вознемирувачките прашања.

„Весниците и ТВ станиците се јавија да прашаат како се справуваме со бременоста на бебето и ни поставуваа секакви непријатни прашања“, вели тој.
Д-р Надим Актар, раководител на одделот за детска хирургија на пакистанскиот институт за медицински науки (PIMS) во главниот град Исламабад, нагласува дека оваа состојба нема никаква врска со бременоста.

„Многу новинари погрешно известуваат за оваа тема и поради незнаење овој случај го поврзуваат со бременост, што го вознемирува семејството на пациентката
„Оваа маса слична на фетус не мора секогаш да има способност да расте или да се шири во телото, како што би било случај со бременост или тумор.

„Обично останува таму каде што е формиран, најмногу во долниот дел на стомакот“, вели професорот Актар.

Други случаи на „fetus in fetu“
Нашироко пријавен случај беше оној на триесет и шестгодишен маж од Индија чиј наводен тумор пораснал толку голем што имал тешкотии со дишењето.

Лекарите го оперирале откако се пожалил на силни болки во стомакот.

Тие очекувале да најдат голем тумор, но наместо тоа пронашле огромна маса составена од полуформираното тело на неговиот нероден брат близнак.

Фетусот успеал да преживее толку долго затоа што се однесувал како паразит, формирајќи структура слична на папочната врвца за црпење крв од крвта на човекот.

Лекарите велат дека е можно некој да не знае дека има фетус во себе ако живее во села или помали градови, каде што е ограничен пристапот до здравствените установи, јавува Би-Би-Си.

Повеќе