Нов тренд за позирање пред камера: Нема веќе паткини усни, генерацијата З има нова поза
Селена Гомез, Дуа Липа, Хејли Бибер, Мили Боби Браун и Зендаја се меѓу ѕвездите кои сè почесто позираат со едната или двете раце врз градите, а новата поза веќе се споредува со некогашниот „duck face“.
Генерацијата Z има нова препознатлива поза за фотографирање – наместо паткини усни, девојките сè почесто едната или двете раце ги ставаат врз градите.
Милениумците имаа своја препознатлива „поза на чајник“, при која едната рака се става на колкот, а лактот се исфрла настрана. Сега генерацијата Z има нов тренд – таканаречениот „boob rest“, односно лежерно потпирање на раката врз градите.
Младите ѕвезди како Селена Гомез, Дуа Липа, Хејли Бибер, Мили Боби Браун и Зендаја сè почесто се фотографираат на црвените теписи со едната или со двете раце поставени преку градите.
Понекогаш позата изгледа разиграно и малку кокетно, како ѕвездата случајно да е фатена од фотографите. Во други случаи е понагласена и потсетува на таканаречениот „boob grab“, односно држење или фаќање за градите.
Трендот од црвените теписи брзо се пресели и на социјалните мрежи. Креаторката на содржини и фотографка Лизи Клоеун (25) смета дека позата станала популарна затоа што решава еден од најголемите проблеми при фотографирањето – што да правите со рацете.
– Мислам дека позата стана популарна затоа што изгледа многу природно, не е вкочанета и лесно се прави кога некој одеднаш ќе насочи камера кон вас – објаснила таа.
Може да изгледа елегантно, но и провокативно
Правилно поставената рака на градите може да изгледа елегантно и да потсетува на старите аристократски портрети или на модните едиторијали. Освен тоа, може да го насочи вниманието кон маникирот, прстените или ѓерданот.
Иако фокусот често е на деколтето, некои сметаат дека самата поза испраќа порака за самодоверба.
– Можете да привлечете внимание и суптилно да ја поставите раката, со што порачувате: Природно сум грациозна. Или можете да бидете похрабри и да покажете: Го допирам сопственото тело затоа што се чувствувам удобно во него – вели 22-годишната Нерија Перез од Остин.
Сепак, фотографката Мариела Кембел од Јужна Калифорнија смета дека во најголем број случаи целта е токму истакнување на деколтето.
– Кога раката оди директно на градите, мојот впечаток е дека ретко станува збор само за накит или маникир, дури и ако така се претставува. Станува збор за деколтето и позата служи токму за тоа – вели таа.
Секоја генерација има своја препознатлива поза
Според Кембел, секоја генерација има начини на позирање кои во одреден момент стануваат заштитен знак на времето.
Кај генерацијата Z, „boob rest“ е само една од бројните популарни пози. Меѓу младите се проширија и „shmile“ – насмевка со затворени очи – како и „Gen Z pout“, поза со отсутен поглед и благо подигната горна усна.
Можно е и „boob rest“ еден ден да биде заборавена, исто како и фотографирањето од висок агол со спуштена брада и паткини усни или популарното позирање со рака на колк.
– Секој период има поза за која се смета дека изгледа добро и која се шири сè додека луѓето не почнат автоматски да ја повторуваат – вели Кембел.
А што со свадбените фотографии?
Иако позата стана популарна на социјалните мрежи и црвените теписи, се отвори и дебата дали е соодветна за секоја пригода.
На интернет се разви дискусија околу тоа дали невестите треба да ја избегнуваат на свадбените фотографии. Стратегот за брендови Линдзи Хајат неодамна напишала на Threads дека видела невеста која ја правела истата поза на секоја фотографија и смета дека можеби ќе зажали поради тоа по години.
Фотографката Кембел се согласува.
– Не им дозволувам на клиентите да го прават тоа додека ги фотографирам на свадба. Точка – вели таа, додавајќи дека ги насочува кон поприродни пози во текот на денот.
Сепак, фотографката Ким Маркез од Колорадо има поинаков став. Таа смета дека една поза нема да ги расипе свадбените спомени доколку невестата се чувствува добро во неа.
– Мислам дека тоа е ласкава поза ако личноста сама ја сака и ако поради неа се чувствува самоуверено – вели Маркез.