Облека што расте со детето: Петит Пли, бренд на растеглива детска облека

Во периодот до 2 години од животот, детето во просек менува седум големини. Компанијата Петит Пли произведува парчиња кои се погодни за дете од третиот месец од животот до третата година.

118

Со години е познато дека текстилната индустрија е втор најголем загадувач на планетата. Врз основа на овој поразителен факт, многумина ги намалија потребите за гардероба, се свртеа кон купување облека од втора рака или почнаа да инвестираат во квалитетни и долготрајни парчиња од одржливи брендови. Сепак, од ова речиси секогаш се исклучени потребите за детска гардероба, кои природно бараат почесто купување поради брзиот раст на децата. Облекувањето на децата, од новороденчиња до ученици, освен што лошо влијае на околината, е и голем финансиски зафат.
Колку е изненадувачки за родителите колку брзо децата ја надраснуваат облеката и колку е мачно да му се купи подарок на дете поради стравот дека тоа парче облека можеби нема да му одговара!

Истиот проблем го имал Рајан Марио Јасин кога му купувал подарок на својот внук. Тогаш му се родила идејата да направи облека која ќе може да ја менува големината во зависност од растот на детето и на тој начин да ги реши проблемите на сите родители. Така е роден Петит Пли, бренд на детска облека која расте со детето.
Рајан, користејќи ја титулата аеронаутички инженер и инспириран од јапонските модни дизајнери и оригами техниката на виткање хартија, ја создал оваа извонредна облека.
Како што вели тој, „Petit Pli е создаден со намера да им служи на потребите на модната индустрија – потребата за иновации, одржливост, етика; како и да им биде од корист на децата, бидејќи тие заслужуваат облека што е создадена за нив, а не само намалена верзија на облека наменета за возрасни“.

Во периодот до 2 години од животот, детето во просек менува седум големини. Оваа компанија произведува парчиња кои се погодни за дете од третиот месец од животот до третата година.
Материјалот е отпорен и издржлив со годините, но дури и да се оштети, овие парчиња облека не треба да завршат во отпад, бидејќи материјалот е погоден за рециклирање. Сепак, многу родители му замериле на овој бренд поради овој тип на материјал. Имено, за да се постигне растегливост, што е суштината на овој патент, неопходно е да се користат синтетички материјали. Многу родители не сакаат пластиката да биде во директен контакт со кожата на нивните деца. Затоа Petit Pli се фокусирал на облека која не претставува прв слој на облека – јакни, мантили, панталони наменети за играње надвор, облека отпорна на дожд и ветер и слично.
Наборите на облеката се свртени кон земјата, така што капките дожд или трошките лесно може да се лизгаат, а овие парчиња облека може да се спакуваат до големина што може да се вклопи во џебот на родителите, па на пример, јакната може лесно да се извлече во случај на ненадејна промена на времето.

Овој патент на Рајан му ја донесе меѓународната награда „Џејмс Дајсон“ која се доделува на студентот кој го произведува најиновативниот производ кој во својата основна идеја се заснова на одржливост.

Оваа идеја е уште една во низата решенија за проблемот со претераното купување, но може да има и подлабоко, психолошко значење, бидејќи нејзиниот основач смета дека овој начин на облекување ги поставува темелите на штедењето и здравите навики кај децата, барем кога станува збор за купување облека. Рајан смета дека модната индустрија плаче за голема промена, а облеката, како што тврди, е „нашата втора кожа“.

Она што е јасно е дека ваквите мали чекори на посветени и амбициозни луѓе, заедно со нашата свест, водат кон почиста иднина.

Повеќе