Од модна ревија, на фудбалски натпревар

Денес во Кавадарци, во организација на Фудбалскиот клуб Карпошово од Скопје и општина Кавадарци, децата со Даунов синдром од повеќе градови ќе го одбележат Светскиот ден на лицата со Даунов синдром со пријателски фудбалски натпревари. Вчера тие беа дел од манифестацијата „Убави сме, свои сме“ во Струмица

241

Сузана Стојановска од здружението „Доза среќа“ од Скопје вели дека денес Светскиот ден на лицата со Даунов синдром, наместо во Скопје, ќе го прослават во Кавадарци, и тоа, во духот на спортот.

Таа и десетина деца со Даунов синдром од Скопје сабајлево тргнаа за Кавадарци каде што ќе бидат дел од спортските настани во организација на Фудбалскиот клуб Карпошово од Скопје и општина Кавадарци.

Таму децата ќе одиграат неколку фудбалски пријателски натпревари, а ќе има и атлетика.

Значи, сѐ ќе биде во духот на спортот, откако вчера, во Струмица, децата со Даунов синдром прошетаа на модна писта како дел од настанот „Убави сме, свои сме“, кој годинава го прослави своето петто јубилејно издание во организација на здружението „Вера“.

Во меѓувреме, 18-годишната Илина Георгиева, девојка која обожува да спортува и да танцува ќе биде една од говорниците на конференцијата во Обединетите Нации во Женева по повод 21-ви Март – Светскиот Ден на лицата со Даунов синдром. Таа во своето кратко претходно снимено видео, ќе зборува за тоа како изгледа инклузијата во нејзиното училиште. Повеќе информации за настанот и линк за регистрација овде: https://www.ds-int.org/…/inclusionmeans-at-united…

Во Скопје пак, посебното основно училиште „Иднина“ – Скопје, кое е трансформирано во Основно училиште со ресурсен центар, преку низа активности и работилници се приклучува на одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со Даунов синдром и на Денот на пролетта и екологијата – 21 Март. Училиштето истовремено одбележува и патронат, односно 50 години постоење и вршење воспитно-образовна дејност со ученици со посебни образовни потреби, како и една година основно училиште со ресурсен центар за поддршка на инклузивното образование.

Деновиве, во насока на зголемување на свесноста за учениците со попреченост и нивна поголема вклученост во општеството, реализирана е креативна работилница под мотото „Нашето виножито“, во која учествуваа учениците вклучени во редовна настава со образовни асистенти во вкупно 78 основни училишта од скопскиот и североисточниот регион. Исто така, учениците учествуваа и во изработка на уметнички дела како дел од проектот „Students with special needs are smiling with art therapy“, финансиски поддржан од Турската национална агенција за спроведување Еразмус проекти.

Овој проект се спроведува во партнерство со три основни училишта од Романија, Португалија и Турција и едно посебно училиште од Литванија.

Од училиштето информираат дека се организира и Отворен ден со изложба од изработките од креативните работилници под мотото „Разбери…прифати…сакај…“

Повеќе