Од скопски средношколец, преку будистички свештеник, до професор на американски универзитет: Возбудливиот пат на скопјанецот Марио Поцески

Како едно момче од Скопје, родено во 60-тите години, во времето на Југославија, на крајот стана изучувач на будизмот и професор на голем истражувачки универзитет во САД? Ова е скратената приказна за возбудливиот живот на нашиот соговорник која почнува од Скопје, па пеш преку грчката граница, до Турција, Пакистан, Шри Ланка и уште многу пократки и подолги престои во многу земји на три континенти.

1.030

Марио Поцески го паметам повеќе како приказна отколку како лик, иако, обидувајќи се да се сетам на нешто повеќе во врска со него, ми се појави во меморијата и неговата слика во облека на будистички монах со избричена глава како се појавува на вратата од мојата куќа во Тафталиџе 1, кадешто го чека или неговиот пријател Тони или неговиот братучед Златко, инаку двајца мои пријатели кои веќе долго (но не подолго од Марио), живеат во Америка.
Не сум сигурна ниту дека тоа навистина се случило, а и тој нема такво сеќавање но секако ја паметам приказната за тоа како овој интересен лик од Скопје, на 18 години си замина од средношколската клупа во „Георги Димитров“, од градот и од Македонија за да се врати накратко после речиси пет години со, за наши тогашни, па и сегашни услови, необичен изглед, во портокалова будистичка одора, ишишан до кожа.

Марио Поцески како будистички монах

По нешто повеќе од 40 години надвор од Македонија, со ретки посети на родната земја, Марио, после 10 дена во Скопје може да се пофали дека сѐ уште добро го владее мајчиниот јазик кој инаку, во Америка, нема можност да го зборува речиси со никого. Имено, со сопругата која е Јапонка, зборува на кинески, а со сите останати, на англиски јазик.
Сепак, нашиот разговор течеше на македонски без никаков проблем, освен неколку спрепнувања на одредени зборови.

За будизмот и замонашувањето

„Не сум сигурен што навистина се крие зад мојот првичен импулс да го проучувам будизмот. Растејќи во Југославија, никогаш не сум видел будисти, ниту сум знаел нешто за религијата. Не само што никогаш не сум бил на служба во црква, традиционално, моето семејство беше православно христијанство, но религијата никогаш не била тема за дискусија во нашето семејство, со моите родители или со пријателите. Религијата исто така беше табу тема на училиште, во согласност со тогашната социјалистичка идеологија. Будистите би можеле да ја припишат таквата рана наклонетост или афинитет на минатите кармички врски, претпоставувам, но исто така можеше да биде младешка желба да се проба нешто сосема ново и различно. Едноставно, не сакав мојот живот да личи на здодевен филм исполнет со клишеа, со предвидлив крај, па барав алтернатива. Откако решив дека сакам да научам за будизмот, се соочив со проблемот да најдам соодветна литература на оваа тема. За среќа, мојот наставничка по марксизам ми даде една книга која беше повеќе за индиската филозофија, но имаше и поглавје за будизмот, која ја прочитав за време на распустот во прва година средно“, раскажува Поцески.

На седумнаесетгодишна возраст, сериозно размислувал да замине на мистериозниот Исток, далеку од татковината што ја сметал за ограничувачка и неинспиративна. Сепак, неговите идеи за азиската земја и источната духовност биле многу наивни па вели дека во тоа време баш и не знаел во што се впушта.

„Бев полн со младешки ентузијазам и храброст, решен да тргнам во сосема нов правец, колку што можам подалеку од очекувањата на моето семејство и околината, кон патување на духовно откритие. Откако едвај го завршив средното училиште, бидејќи во последната година немав апсолутна никаков интерес за училиштето и дури и не купив ниту еден учебник, само што наполнив осумнаесет години, засекогаш ги напуштив домот и земјата. Дестинација ми беше Индија, но прво отидов во Грција, минувајќи ја границата пеш. По два месеци таму ми продадоа билет за автобус кој наивно поверував дека ќе ме однесе право во Индија, а всушност, ме однесе во Турција, па оттаму, во Иран и Пакистан. Најегзотичниот и најнапорниот дел од патувањето беше 24-часовниот пат низ пустината во југоисточен Пакистан, и тоа, на врвот на автобусот под силното пустинско сонце, заедно со еден млад јапонски патник што го сретнав патем. После некои перипетии и пред и откако ја преминав границата со Индија, дознав дека Ришикеш е важно свето место во северна Индија, па решив да одам таму да барам ашрам каде што можам да учам за јогата и да се занимавам со сериозна медитација. По четири месеци во Индија што вклучуваше една недела медитација во примитивна колиба на плажа во околината на Пондичери (Тамил Наду), заминав во Шри Ланка со брод. Таму за прв пат се сретнав со будистички монаси и манастири“, објаснува нашиот соговорник.
Набргу, и самиот станал монах, поточно, бидејќи за ова треба да се имаат минимум 20 години, а тој имал само 18, прво станал новис, што е еден вид на искушеничка хиротонија.

Живеел осаменички, на островот Ермитаж, во мала колиба без струја, вода и тоалет, а за сето ова многу поопширно и подетално пишува и во автобиографскиот есеј кој може да се најде ТУКА.
Во секој случај, во разговор од 2 часа е навистина тешко да се пофаќаат конците за тоа каде бил, што правел и како се развивал нашиот соговорник во текот на животот.

За натамошното образование и за животот по напуштањето на монаштвото
Иако си заминал од Македонија со лоши оценки и едвај завршено средно, Марио Поцески е денес многу почитуван и познат професор по будистички студии и кинески религии на Универзитетот во Флорида. Докторирал источноазиски јазици и култури (специјализација за будистички студии) на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес во 2000. година, но она што е интересно е тоа што претходно не завршил факултет туку, благодарение на тоа што професорот на кој му се обратил видел во него огромен потенцијал, прескокнал неколку скалила од вообичаениот образовен тек. Секако, благодарение и на тоа што на дваесет и некоја година веќе имал напишано и издадено две книги.
После многу патувања, талкања и збогатување на знаењата, патот го одвел и во еден голем манастир во Англија кадешто останал две години, а оттаму, иако бил во дилема дали да се врати во Шри Ланка или да оди во Калифорнија, сепак ја одбрал Америка и отишол таму за првпат во 1989 и оттогаш, иако не постојано, живее во САД.
Манастирот во кој отишол во Калифорнија не бил сериозен во смисол на филозофска медитација и рефлексија, а и бидејќи му се смачило од институционалната средина која не била во согласност со неговите очекувања, започнал со постдипломски студии на Калифорнискиот Универзитет во Лос Ангелес и конечно, после 12 години, на своја 30-годишна возраст, го напуштил монаштвото. Вели дека има пропуштено многу работи, но ниту ден денес не му е предизвик ниту пак чувствува потреба за таков вид на живот, кој би вклучувал одење по ресторани, по барови и слично. Живее комотен, но едноставен живот, заедно со својата сопруга со која, вели, „за разлика од повеќето што ги знам и за разлика од моите разведени родители, сме заедно веќе четврт век“.
Спомнува и дека неговата сопруга многу почесто доаѓа во Скопје отколку тој бидејќи ѝ се допаѓа и ѝ е поинтересно да дојде во Македонија, отколку, на пример, да оди на патување во Париз или во Шпанија.

За храната, ајварот и бурекот

Марио пак, секое доаѓање во Македонија, не пропушта да оди на бурек, а особено му е омилен оној со спанаќ и сирење. А единствената работа за која не чека да дојде во Македонија, туку ја има постојано во својот фрижидер, е тегла со ајвар.
Годинава, по преселбата во Орегон, за првпат и самиот посадил зеленчук и планира да продолжи со тоа и ако е можно да најде семе од кое ќе може да одгледа македонски пиперки. Ако го прашате за тоа која кујна му е омилена, а со оглед на тоа што живеел и по неколку години во многу држави на три континенти, освен што е вегетаријанец и најмногу ја сака храната што си ја подготвува самиот, сепак, ги издвојува турската и сириската кујна.
„Кога станува збор за јадење и пиење, според мене, треба да е само доволно добро, па така не може да стане збор за тоа дека ми недостасува некоја храна бидејќи има навистина многу поважни работи во животот. Ние јадеме секаква храна, главно да е вегетаријанска. Додека живеев во Германија, од 2013 до 2019. обично јадев во турски и сириски ресторани и иако не би сакал да избирам која кујна би ми била омилена, сепак, мислам дека ако баш мора, би ги одбрал овие“, вели Марио.

После интересниот разговор за дел од неговите физички и духовни патувања, го оставивме да си помуабети со соученичка од средношколските денови со која сосема случајно се сретнаа додека ние го правевме интервјуто. И, замислете, немаа проблем со препознавањето.

Повеќе