Измислена емотивна врска, нов тренд на Tик-Tок! Што е delusionship и каква е опасноста од заблудата?

Delusionship е новиот тренд на Тик-Ток, „заблуда“ што се јавува кај личност која е вљубена во некој со кој немала никаква интеракција.

179

Покрај бројните трендови кои кружат на социјалните мрежи, неодамна на Тик-Ток се појави и нов тренд поврзан со меѓучовечките односи. Станува збор за delusionship, односно „заблуда“ што се јавува кај личност која е вљубена во некој со кој немала никаква интеракција. Со други зборови, поради дејството на идеализација и романтично сонување за друга личност, личноста замислува дека е во врска со некој со кој воопшто немала контакт, ниту остварила каква било врска.

Delusionship – дали е опасно?

Трендовите во светот на социјалните мрежи можат да бидат безопасни, но и опасни доколку им пристапиме без критичко размислување. Изразот „delusionship“ брои милиони прегледи на Tik-Tok секој ден од летото оваа година, а овој факт секако налага на овој термин да му се пристапи од експертска страна, односно да се процени колку е потенцијално опасна неговата појава во општеството. Интересно е што многу млади луѓе го користат овој израз во позитивен аспект, иако опишуваат нешто што всушност не постои во реалноста.

Се поставува прашањето зошто овие типови на заблуди би можеле да бидат опасни ако не можат да ни наштетат – кога во реалноста не постојат?! Она што го создаваме во нашиот ум влијае на нашите емоции, како и на нашето однесување. Ваквата навидум безопасна заблуда може да достигне нездраво ниво, а за некои дури и да стане опсесија. Постоењето во реалност која е само ваша и која нема врска со другите може да доведе до неможност да раздвоиме нешто што навистина се случува од она што сме го замислиле.

Delusionship во коренот на зборот го крие терминот заблуда – лажни и необјасниви верувања кои не треба значително да го нарушат функционирањето, туку да влијаат на мислите и чувствата. Некои тврдат дека им е забавно да создаваат такви верувања и дека не гледаат проблем во безопасното мечтаење. Меѓутоа, за време на таквото мечтаење, мозокот произведува допамин, невротрансмитер кој ни дава чувство на пријатност и награда преку зајакнување на нашата желба за друга личност.

Сепак, ние сè уште не се зближуваме со личноста во реалноста, туку се затвораме во нашиот ум полн со илузии кој само привидно не штитат од изразување на сопствените чувства, покажување ранливост и страв од отфрлање.

Поради ваквите загуби на контакт со реалноста, многу луѓе во одреден момент почнуваат да се отуѓуваат, што им го отежнува воспоставувањето значајни меѓучовечки односи, кои се еден од најважните фактори за одржување на менталното здравје.

Со текот на времето, нивното потопување во романтични соништа и замислување сценарија со посакуваната личност се претвора во секојдневна потреба во која губат чувство за времето и вистинските врски во својата околина.

Идеализација на друга личност – илузија на љубов
Заблудата е измислена емотивна врска која влече корени во несвесен психолошки процес – идеализација. Станува збор за проекција на идеална претстава на блиска врска врз личноста која е предмет на идеализација. Зад ваквото однесување стојат бројни психолошки механизми, но главната карактеристика на идеализацијата е искривувањето и разубавувањето на реалноста и припишувањето на квалитети и доблести на саканата личност кои таа не ги поседува (до тој степен или воопшто) и кои другите луѓето во околината не ги гледаат (дури и забележуваат спротивности)

Повеќето луѓе во фазата на вљубување поминуваат низ процес на идеализирање на друга личност до првото разочарување, односно сфаќање на нелогичноста помеѓу идеалната и реалната слика на таа личност и постигнатата врска. Идеализацијата поминува со времето и со запознавањето на личноста со која се гради врската.

Воочувањето на мааните и недостатоците не мора нужно да биде разочарувачко, особено ако се гледа како простор за напредок каде двете страни, колку и да се различни и несовршени, растат и работат на себе заедно и не се откажуваат една од друга.

Како да се стави крај на delusionship?
Delusionship е специфична по тоа што може да создаде лажно чувство на емоционална поврзаност со друга личност, иако никогаш не сте се сретнале или комуницирале со неа. Може да се појави и ако се работи за личност со која штотуку сте почнале да излегувате, а веќе по првиот состанок сте создале идеја во главата за заеднички живот, брак, деца итн. Проблемот настанува кога не се откажувате од таа идеја и кога ќе почнете да верувате дека тоа е вистината, а не она што навистина се случува во врската.

Delusionship е тип на врска доста слична на парасоцијалните односи, односно вљубување во познати личности кои никогаш нема да ги сретнете. Опасноста од таквите врски е негирање на реалноста и поистоветување со илузијата на другата личност, што може да прерасне во опсесии и обиди за насилно воспоставување врска. За жал, многу познати личности имале искуства со оние кои слепо ги следеле нивните идеи и ја загрозиле нивната благосостојба преку непријатно следење и нарушување на приватноста.

Прекинувањето на delusionship може да биде исто толку болно како да е вистинска врска. Повеќето луѓе чувствуваат чувство на загуба, иако „само“ се одвојуваат од нивната идеализирана претстава и идеја за друга личност која не постоела во реалноста. Прифаќањето на реалноста не е секогаш лесно, особено кога работите не одат онака како што би сакале.

Ако имате проблем да се одвоите од сопствените илузии и идеи кои живеат само во вашата глава, проверете кај доверливи луѓе за да видите дали постојат вистински индикатори кои ги поддржуваат таквите мисли или целосно погрешно сте ги разбрале и побарајте стручна помош за да научите објективно да ја анализирате реалноста и она што ви се случува.

Повеќе