Од социјално претприемништво до социјална инклузија

Под мотото „Сите сме еднакви“, во организација на АРНО, во село Опила, Ранковце, поточно, во „Кантрисајт Ритрит“, беше одбележан Светскиот ден на лицата со попреченост. Во рамки на настанот се одржа и панел дискусија за социјалното претприемништво како алатка за инклузија и мини саем на социјални претпријатија, а се доделија и благодарници на чинителите од сите сектори кои со својата работа прават добро во заедниците.

211

Вчера (4 декември), во село Опила, Ранковце, во социјалното претпријатие „Кантрисајт Ритрит“ се случи убав настан со кој АРНО, организација за социјални иновации го одбележа Светскиот ден на лицата со попреченост.

Под мотото „Сите сме еднакви“, на настанот, покрај музичката програма и дружењето се одржа и панел дискусија за социјалното претприемништво како алатка за инклузија и мини саем на социјални претпријатија, а се доделија и благодарници на чинителите од сите сектори кои со својата работа прават добро во заедниците.    

Присутните имаа можност да ги слушнат искуствата и размислувањата на панелистите Давид Неделковски од „Кози млеко планина“ (Одгледувач на кози и производител  на козји млечни производи од село Раштак) и Предраг Стошиќ (Директор на социјалното претпријатие Раданска Ружа од Србија) и воедно да постават прашања кои би им помогнале да ги зајакнат своите социјални претпријатија, дознаат повеќе за можностите за пласман на производи, соработка, извори на финансирање или пак да се инспирираат за нови идеи за бизниси со општествен импакт.

„Тоа што е заедничко за српскиот ајвар и македонското сиренце, не е само тоа што тие заедно одат најдобро (исто како и прекуграничната соработка на нашите две соседски земји), туку што тие се примери на бизниси кои се локални, кои прават добро за луѓето, и се приказни кои можат да се најдат на европските пазари и да раскажат за потенцијалот на солидарната економија. Сите ние мора да најдеме начини да ги поддржиме социјалните претпријатија, кои пак можат да поддржат различни групи на граѓани преку работна инклузија. Ова е една од пораките на нашиот прекуграничен проект кој го спроведуваме со Траг Фондација и Оптимист од Србија“ изјави Јасмина Саид, координаторка на проектот во АРНО.

Настанот беше организиран од страна на Кантрисајд ретрит,  Europe House Крива Паланка и здружение „Хендикеп плус“ со поддршка од општина Крива Паланка, општина Ранковце, и прекуграничниот европски проект „Социјални претпријатија за економски развој и социјална инклузија“ кој го имплементира здружението “АРНО”. За вегетаријанска закуска се погрижија учениците од средното угостителско училиште „Митко Пенџуклиски“  од Кратово, муралот со еко-порака (ReUse-Reduce-Recycle) го изработија ученици од средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ од Скопје, додека за музичката програма беше задолжена Наталија Данаилова со бендот.

„Уште сум под импресии од вчерашниот настан и целиот адреналин. Преблагодарна сум на сите што дојдоа и си поминавме преубаво. Имаше дружење, имаше идеи за соработки, познанства. Јас сум преблагодарна на министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, кој вчера соопшти дека ќе продолжи да ги донира патните трошоци од целата година и оваа година тие средства ќе ги донира на нашиот ранч, а ние ќе ги распределиме каде е најпотребно. Без зборови сум, благодарам на довербата и почитта на сите“, изјави Мариа Дуда, основачката на Кантрисајд Ретрит.

На настанот присуствуваа претставници на делегацијата на Европската Унија во Скопје, учесниците од Академијата за социјално претприемништво, претставници на локалната самоуправа, донаторската заедница, претставници од граѓанскиот сектор, социјални претпријатија (Кико од Лице в Лице продаваше новогодишни честитки) и посетители.

Проектот „Социјални претпријатија за економски развој и социјална инклузија“ е финансиран од Европската унија преку Секторот за договарање и финансирање на програми од средства на ЕУ на Министерството за финансии на Република Србија (ИПА 2 програма за прекугранична соработка Република Србија-Северна Македонија 2016-2020), а се имплементира во партнерство на здруженијата “АРНО” од Северна Македонија, Оптимист и Tраг фондација (координатор) од Република Србија.

Повеќе