Петте јазици на љубовта кај децата: Kако да го откриете „љубовниот јазик“ на вашето дете

Секој родител го сака своето дете. Нема сомнение за тоа. Но, треба да се запрашаме дали нашето дете навистина ја чувствува таа љубов? Понекогаш родителите искрено даваат многу, но детето сепак не ја доживува таа љубов на начинот на кој најмногу му е потребна. Причината може да биде едноставна: не зборувате на истиот „јазик на љубовта“.

131

Секој родител го сака своето дете. Нема сомнение за тоа. Но, треба да се запрашаме и дали нашето дете навистина ја чувствува таа љубов? Понекогаш родителите искрено даваат многу – тие се грижат, работат, го организираат својот живот околу своето дете – но детето сепак не ја доживува таа љубов на начинот на кој најмногу му е потребна. Причината може да биде едноставна: не зборувате на истиот „јазик на љубовта“.

Концептот го разви Гери Чепмен, а идејата е едноставна: секое дете има свој доминантен начин на кој ја прима љубовта. Ако го препознаете, вашиот однос ќе стане потопол и подлабок.

Петте јазици на љубовта:

  1. Физички допир
  2. Зборови на поддршка (охрабрување)
  3. Квалитетно поминато време
  4. Подароци
  5. Помош и грижа

Иако на секое дете му се потребни сите пет, обично еден или два имаат најсилно влијание.

Физички допир

За многу деца, допирот е најдиректниот пат до срцето. Гушкање, држење за рака или нежно галење се сигнали кои му порачуваат: „Тука сум и те сакам.“ Тоа не се само бакнежи, може да биде и „фрлање петка“, борење со тато или масажа кога детето ќе се повреди. Емоционалната топлина им е еднакво потребна и на момчињата и на девојчињата.

Зборови на поддршка и охрабрување

Некои деца се чувствуваат најсакани кога ќе слушнат позитивни зборови. Важно е пофалбата да биде конкретна. Наместо „Ти си добро девојче“, кажете: „Видов колку убаво ги намести чевлите.“ Така детето знае дека го забележувате неговиот труд. Бидете внимателни со критиките и викањето бидејќи тие се болни за овие деца.

Квалитетно време

Овие деца го сакаат вашето целосно внимание. Тоа не значи само да бидете во иста просторија, туку навистина да бидете присутни низ игра, разговор или заедничко готвење. Вечерните ритуали пред спиење се најскапоцените моменти за поврзување бидејќи тогаш децата спонтано ги споделуваат своите грижи и радости.

Подароци

Подарокот овде не е награда за добро однесување, туку симбол на љубов. За детето чиј јазик е овој, важни се гестот и мислата, а не вредноста. Тоа може да биде школка од плажа, интересен камен од прошетка или рачно изработена честитка. Сепак, подароците никогаш не смеат да ги заменат времето и вниманието.

Помош и грижа

Подготовката на оброкот, помошта околу домашните задачи или средувањето на алиштата за некои деца се најголем доказ за љубов. Целта не е да го направите детето зависно од вас, туку преку сопствен пример да му покажете како се презема одговорност и како треба да се грижи за другите.

Како да го откриете јазикот на вашето дете?

Набљудувајте како детето ви покажува љубов: Ако постојано ве гушка, веројатно му е важен допирот. Ако постојано ви дава комплименти, му значат зборовите.

Слушајте ги неговите поплаки: Ако вели „Ти само работиш“, му недостига квалитетно време со вас.

Понудете избор: Прашајте го: „Сакаш да одиме во парк (време) или да ти го направам омилениот колач (грижа)?“ Изборот ќе ви го каже одговорот.

Зошто е ова важно?

Кога детето се чувствува сакано на својот јазик, неговиот емоционален резервоар е полн. Тоа гради самодоверба и подобра соработка. Кај децата помали од 4 години важно е да ги практикувате сите пет јазици бидејќи нивните потреби сè уште се развиваат.

Целта не е само да го погодите јазикот, туку да изградите богат емотивен однос со вашето дете.

Повеќе