Повеќето семејства во ЕУ се без деца, а од тие што имаат, најбројни се оние со едно дете

Нешто помалку од една четвртина од речиси 198,5-те милиони домаќинства во ЕУ или 24,3 отсто во 2022 година вклучувале и деца, при што најбројни се семејствата со по едно дете, соопшти Европската статистичка агенција – Евростат по повод Светскиот ден на детето – 20 Ноември.

166

Според податоците на Европската статистичка агенција – Евростат, соопштени по повод Светскиот ден на детето – 20 Ноември, 12,1 отсто од домаќинствата во ЕУ биле со по едно дете, 9,3 проценти со по две деца и три отсто со три или повеќе деца. 

Во однос на вкупниот број на домаќинства во ЕУ, тој лани се зголемил за 6,9 отсто во споредба со 2012 година, додека во истиот период процентот на семејствата со деца се намалил за 2,4 процентни поени.

Имено, нешто помалку од една четвртина од речиси 198,5-те милиони домаќинства во ЕУ или 24,3 отсто во 2022 година вклучувале и деца, при што најбројни се семејствата со по едно дете. 

Најголем удел на домаќинства со деца во вкупниот број има во Словачка од 33,9 проценти, по што следуваат Ирска со 32,2 и Кипар со 30,6 отсто. Од друга страна, најмал удел на домаќинства со деца имало во Финска – 18,4 проценти, пред Германија од 20,1 и Холандија од 21,8 отсто. 

Од вкупниот број семејства со деца во ЕУ, речиси половина или 49,5 проценти во текот на 2022 година имале само по едно дете, 38,1 отсто по две деца, а 12,4 проценти било со најмалку три деца. 

Семејствата со едно дете биле најбројни во сите земји на ЕУ, освен во Холандија, каде најголем процент отпаѓа на семејствата со две деца. Од вкупниот број семејствата со деца во Португалија, Бугарија, Романија, Малта, Литванија, Летонија, Италија, Шпанија и Унгарија над 50 отсто имале само по едно дете. 

Кога станува збор пак за семејствата со три или повеќе деца, кои биле најмалубројни во сите членки на ЕУ, нивниот проценти е најголем во Ирска од 22,3 отсто, пред Шведска со 21,2 и Финска со 19,0 проценти. Овие семејства биле најмалубројни во Португалија со 6,3 отсто, пред Бугарија со 6,5 и Италија со 7,4 проценти. 

Целта на Светскиот ден на детето е да се подигне свеста за заштита и за зголемување на благосостојбата на децата ширум светот.

Повеќе