Пример кој ретко се среќава: готвач и наставник во угостителското училиште за лица со попреченост

Денес ја имам таа привилегија во исто време да ги извршувам двете работи што најмногу ме исполнуваат – да готвам и да работам со една прекрасна категорија дечиња, кои му се радуваат на животот како никој друг и за кои е само малку потребно за денот да им биде посебен, како од приказните, вели нашиот соговорник Александар Пановски, наставник во ДСУ за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“.

543

Неодамна, на средба со Ребека (Јанковска-Ристески) и нејзиниот веќе пораснат син-првенец Маркијан, на која дојдоа после часовите на Маркијан во ДСУ за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“, зборувавме главно за оние познати и нерешени проблеми со непостоење дневни центри за децата со попреченост во повеќето општини, но и за една убава вест. Таа вест беше онаа дека Маркијан има навистина прекрасен и редок класен раководител кој вистински се грижи за децата и прави за нив работи кои не мора, но сепак ги прави, онака, од срце. Станува збор за наставникот Александар Пановски-Пуцко.

Недолго потоа на ѕидот на Ребека на Фејсбук се појави уште една објава поврзана со Александар: „Наставникот Александар повторно нѐ изненади со прекрасно подготвена храна за роденденот на Маркијан. Добивме вип кетеринг сработен од срце! Тортата беше исто така негова изработка. Навистина немаме зборови за твоите заложби Александар. Пример кој ретко се среќава! Во животот на Маркијан малкумина, всушност беа само 3-4 луѓе (едукатори) кои можам да ги одвојам како човечки суштества кои сакаа да внесат сонце, радост и без да го побараме тоа од нив“.

Излезе дека станува збор за истиот Александар со кој некако не успеавме да се видиме за да направиме интервју кога тој беше дел од еден убав проект наречен „Амбрела“. Станува збор за ресторанот во ГТЦ-Скопје кој вработуваше лица со попреченост.

Го прашаме како тој, како човек од кулинарскиот свет се најде во образовниот процес и како се снаоѓа во него.

„Прво, би сакал да кажам дека „Амбрела“ беше повеќе како проект, во кој имаше поголема застапеност на лица со попреченост, а јас бев повикан во истиот како професионалец кој добро ги познава овие лица, да помогнам во целата таа приказна, за која искрено жалам што не успеа онака како што беше планирана.

Сепак, денес ја имам таа привилегија во исто време да ги извршувам двете работи што најмногу ме исполнуваат – да готвам и да работам со една прекрасна категорија дечиња, кои му се радуваат на животот како никој друг и за кои е само малку потребно за денот да им биде посебен, како од приказните“, вели нашиот соговорник.

Инаку, објаснува дека сите тие дечиња се различни и според степенот на попреченост различно се вклучуваат во процесите на работа, но дека заедничко за сите нив е дека она што го сакаат, го сакаат со сето свое срце, а тоа најдобро се забележува по нивната искрена насмевка и радост.

Александар вели дека сите дечиња покажуваат афинитети кон готвењето, а многу често кога подготвуваат некое јадење, знаат да „заталкаат“ и ученици од некоја друга струка, кои демек случајно поминале, а всушност биле привлечени од мирисот на храната која се проширила низ училиштето.

„Покрај сите јадења што ни се за реализација во годинешниот план и програма за работа, во зависност од приликите и мотивите знаеме да бидеме креативни и при изработка на разни фигури од овошје и зеленчук (училишен Фестивал „Сочни фигури“), новогодишни колачиња, десерти за 8. Март, подготовка на храна по други поводи (отворени креативни работилници) и слично. Во договор со родителите на учениците и со директорот на училиштето, јас сум секогаш отворен за каква било прослава на сите дечиња, која не би го нарушила наставниот процес. Среќата на нашите ученици и можноста истата да биде споделена со други претставува моја примарна цел“, вели Александар.

Кога ќе го прашаат како тој станал готвач, вели дека е неблагодарно ако ја прескокне неговата мајка, во чие мени, вели, и ден денес се вметнати неколку негови омилени јадења.

„Вистинската желба за готвење кај мене се роди пред многу години, уште како студент на ФТУ Охрид. Живеејќи во друг град за првпат во мојот живот целосно требаше да се грижам за самиот себе и да подготвувам храна за свои потреби. Готвев секој ден, како и секој друг студент, кој живее далеку од „кујната на мама“. Колку повеќе готвев, толку повеќе растеше мојата фантазија за креирање на нешто ново, поразлично. Едноставно, подготовката на храна стана моја животна пасија, да планирам, експериментирам и создавам нови вкусни залчиња“, вели тој.

За Александар постојат многу креатори на храна, на кои сите им се воодушевуваме, но за него најголем инспиратор е британскиот шеф Хестон Блументал.

„Човек не може да остане рамнодушен на неговиот пристап кон храната и секако, на неговите ремек-дела. Инаку, учам од секого, но и сум отворена книга кон секој оној што има желба да научи нешто повеќе.

Сум имал многу прилики и отворени соработки со разни угостителски профили (готвачи, пекари, слаткари и сл.), со кои и ден денес се консултирам и инспирирам во мојата секојдневна работа“, раскажува Александар.

Што се однесува до другата негова професија која е тесно испреплетена со кулинарството, наставник во средното стручно училиште „Св. Наум Охридски“ – Скопје (угостителска струка, за лица со попреченост), вели дека е особено горд.

„Работата со лица со попреченост не бара од нас да бидеме врвни уметници или докажани професионалци во одредена област. Од нас се бара да бидеме пред сѐ, луѓе кои шират топлина и љубов, а верувајте дека кај овие дечиња тоа е најважно.

Тоа што најмногу ме прави горд на мојата работа се бесконечните топли прегратки при влезот во училишната зграда, од страна на моите ученици. Кога некое од нив ќе ми пријде и ќе рече: „професоре, може ли да те гушнам“, зарем може да не се чувствувам посебно горд?“, вели тој.

Секако, горд е и на својата умешност, бидејќи неговата пасија кон готвењето и креирањето модерна храна ги задоволува вкусовите и на оние консументи со најпрефинети вкусови.

„Тука би ги додал и сите воздишки и позитивни критики од страна на љубителите на мојата храна, која секогаш се трудам да ја подготвам онака како што најдобро знам и умеам. Посебно горд ме прави и моето потесно семејство, каде ја имам комплетната поддршка во сето она што го правам изминативе години, семејство без чија поддршка денес не би го напишал и споделил сето ова со вас.

Како фамилијарен човек, татко на Лана (7) и сопруг на Елена, би рекол дека целото слободно време уживам да го поминам заедно со семејството. Од тука ја црпам сета инспирација и енергија потребна во мојот живот.

Лана сака повеќе да растура низ кујната додека тато готви, но како што расте, така интересот за кујната ѝ станува сѐ поинтензивен, а посебно ме воодушевува нејзиниот уметнички пристап кон животот, па и кон храната.

Сопругата е мојот најдобар и најреален критичар, од кој и ден денес учам како да бидам поуспешен во она што го работам. Сите добронамерни критики се секогаш добредојдени и истите успешно ги применувам во моето секојдневие“, признава тој.

Омилена кујна му е нашата домашна кујна, а од странските, фаворити му се  француската и италијанската кујна.

„Како што веќе напоменав љубител сум на многу јадења од домашната кујна (полнети пиперки, турлитава, сарма и сл.), но кога лично подготвувам храна за друг, сакам да биде тоа моето омилено залче, модерно презентирано и максимално прецизно доловено до консументот. Целата моја емоција и страст кон готвењето да ја пренесам во едно солидно и оригинално спакувано залче.

Дел од она што го работам најчесто го споделувам на мојот Инстаграм профил @aleksandarpucko и со помош на професионален фотограф имам за цел да прикажам повеќе модерни процеси и техники на работа со храна и да заинтересирам и привлечам повеќе наши познати брендови на заедничка соработка. Надвор од наставниот процес себеси се доживувам како „слободен уметник“, односно креатор на храна“, вели Александар.

Тој е постојано во контакт и со свои колеги-готвачи со кои споделува разни мислења, идеи и планови.

„Мојата природа како тимски играч, ми дава за право да кажам дека одлично се вклопувам во сите активности поврзани со работата што ја работам, а сите знаеме дека сам човек, колку и да биде вешт и способен, не би постигнал ништо на овој свет. Тимската работа нѐ гради и надополнува, а доколку ја нема, ќе нема успех за никого“, завршува овој човек со благородна професија и широко срце.

Повеќе