Родители испробале одвикнување од пелени за три дена, а ова се нивните совети

Утрото започна со незгода, а како што одминуваше денот, работите се влошуваа – на каучот, речиси на креветот, клечејќи неколку сантиметри од тоалетот… Се прашувавме дали правиме сѐ како што треба….

454

Керолин Стар и нејзиниот сопруг го тестирале одвикнувањето од пелени за само три дена, метод што детално го опишала Лора Џенсен во нејзината книга 3 Day Potty Training и го споделила своето искуство. Ако сте еден од родителите кои наскоро имаат план да го навикнат детето на користење на нокшир или тоалет, ова искуство би можело да ви биде многу корисно.

„Како и многу други родители, имавме идеја нашиот син сам ќе се одвикне од пелени. Ќе дојде до тој природен напредок, додека еден ден не ни каже дека е готово и дека сака да седне на нокшир. Ќе се радуваме, ќе одиме на сладолед и ќе биде супер. Но, не беше ниту приближно така!

Кога наполни две и пол години, повремено успевавме да го убедиме да врши нужда надвор од пелената, односно на места што му беа интригантни – на пример, покрај патот, во паркот, на трева и во најинтересните тоалети во рестораните што можевме да ги најдеме. Од негова страна никогаш немаше никаков интерес. Го прашувавме и секој пат добивавме цврсто, но учтиво „Не благодарам“.

Метод кој гарантира успех за само три дена

Неговиот трет роденден се ближеше, а немаше никаков напредок на ова поле. Почнавме да гугламе и откривме дека сме ја пропуштиле шансата да успееме кога тој имаше околу две и пол години. Настана паника затоа што слушнавме за жена на која ѝ е забрането да го носи своето дете во градинка затоа што на три години сѐ уште носи пелени. Нашите рационални умови знаеја дека тој дефинитивно нема да оди на факултет со пелени, но ние исто така го чувствувавме притисокот и решивме дека е време да го решиме ова.

Откако добивме неколку книги од пријатели во кои тие ја минимизираа инволвираноста на сопругот и се фокусираа исклучиво на улогата на мајката во целата приказна, се одлучивме за тридневниот тренинг „3 Day Potty Training“ од Лора Џенсен. Иако нема медицинско или професионално искуство во грижата за децата, таа има шест деца и неколку вдомени деца, а нејзината книга често се споменува во родителските групи и на интернет. Методот што го застапува Лора ветуваше неверојатни и брзи резултати, дури и преку ноќ.

Авторот советува вашето дете да го облечете во долна облека и постојано да го потсетувате да ви каже кога треба да оди на нокшир или во тоалет, пред сѐ, за да научи да ја препознава потребата за нужда. Овој метод имплицира дека пелената повеќе ја нема, како и пелената-гаќички.

Некои од предложените методи ни изгледаа малку сомнителни, на пример често да му нудиме да пие сок, како и употребата на негативни термини кога ќе се случи незгода, како што се изјавите „фуј“ или „бљак“. Но, дефинитивно решивме да пробаме.

Првиот ден на одвикнување

Додека нашето дете зачудено гледаше што се случува, ги собравме сите пелени и ги спакувавме за да ги подариме. Утрото започна со незгода, а како што одминуваше денот, работите се влошуваа – на каучот, речиси на креветот, клечејќи неколку сантиметри од тоалетот… Се прашувавме дали правиме сѐ како што треба. До пладне тој ги потроши сите резерви на долна облека, а јас немав идеја како да го спасам тепихот што го намокри.

Кога успеавме да го убедиме да се измочка малку во тоалетот, направивме славенички танц во долна облека. Ова беше прва поголема победа, но тензиите не беа помали. Понатаму, избегнуваше да оди во тоалет, се спротивставуваше и протестираше секогаш кога го носевме во тоалет. Доживеавме неколку полу-победи пред спиење кога среде мокрење не информираше што прави и бевме целосно исцрпени. На неговиот кревет ставивме заштита за душекот и се надевавме на најдоброто.
Следниот ден решивме малку да ги смениме правилата. Му понудивме помалку сок бидејќи беше предизвик да му дадеме нешто што само ќе му го подигне нивото на енергија. Ги отфрливме и термините предложени во книгата за тоа дека мочкањето или какањето во панталони се „фуј“ и „бљак“ затоа што се чувствуваше неприродно и не ни се допаѓаше тој вид на засрамување.

Втор ден на одвикнување

Сите спиевме до 7:30. Тоа значеше дека се разбудивме и бевме „воодушевени“ од сознанието дека неговиот кревет повторно е мокар. Исправ уште една рунда алишта и ја фрлив долната облека која не можеше да се испере. До пладне син ми изјави дека му е доста од слатките што би му ги давале како награда, а јас отидов да земам уште ситници за да го расположам.

На вториот ден од одвикнувањето од пелени, почнавме да забележуваме знаци на напредок и самосвест, а до вечерта тој издржа три часа без да ја извалка долната облека. Сфативме и дека тој ја претпочита тоалетната шолја пред нокширот, па целото внимание го насочивме кон тоа да врши нужда таму.

Третиот (и последен) ден на одвикнување

Тоа утро се разбуди целосно сув и сите буквално танцувавме од среќа. Оттогаш, сѐ си дојде на свое место. Помалку стрес за нас родителите, помалку незгоди, повеќе успех. Кога го легнавме таа вечер, бевме убедени дека добро ќе се снајде и во градинка со поддршка од неговите наставнички.

Кога го зедов на крајот од денот, тој со задоволство ми покажа како го користи детскиот тоалет и дека во текот на целиот ден само еднаш ги измочкал панталоните.

Сега поминаа неколку месеци откако одвикнувањето е зад нас, а нашиот син е добро. Имавме неколку незгоди, кои обично се случуваат кога е уморен или лут поради нешто, но сѐ на сѐ, тридневниот метод беше успешен“, објаснува мајката.

Патем споделила и неколку совети за сите родители кои се на пат да се впуштат во авантурата наречена одвикнување од пелени.

Без оглед на методот што го користите, набавете многу долна облека и обидете се да останете позитивни или барем правете сè со насмевка затоа што вашето дете ве набљудува. Поминете ја вечерта на полнење на батерии како што сакате и, признајте дека користењето на тоалетот е голема животна вештина и дека сите сте во ова заедно“, додала таа.

Повеќе