Родителски фрази кои прават повеќе штета отколку корист: Не им велете „не“ и „смири се“

Експерт за родителство ги издвојува петте најчести реченици кои мајките и татковците им ги кажуваат на своите деца, а кои малечките не ги разбираат од објективни причини.

1.465

Нема родител кој на своето дете не му кажал „не“ или „смири се“ барем еднаш во животот кога е тоа бесно. Но, како што објаснува експертот за родителство Аманда Џенер, ова се фрази кои секогаш прават повеќе штета отколку корист.

„Децата не ги разбираат овие фрази, па мораме да се спуштиме на нивното ниво, да ги разбереме нивните чувства и да ги читаме нивните емоции“, објаснува Џенер.

Таа открива пет од најчестите фрази кои родителите ги користат, а децата не ги разбираат, како и пет заменски реченици кои малите лесно ќе ги разберат.

„Не“

Има ситуации во кои зборот „не“ е единствениот можен, но во повеќето случаи родителите автоматски го кажуваат овој збор дури и кога не мораат, смета Џенер.

За некои деца зборот „не“ е поттик за напад на гнев, а забраната ја гледаат како казна. Клучот е што децата не разбираат за што ги казнуваат – истакнува Џенер.

Што да се каже наместо „не“?

Секогаш е важно да се обидете да ја објасните ситуацијата на позитивен начин, за детето да разбере зошто сте одбиле да му излете во пресрет за нешто.

Ако, на пример, сте побарале од детето да си ги собере играчките, а тоа не го направило ова и набргу потоа ве праша дали може да гледа ТВ, не го користете зборот „не“. Наместо тоа, кажете му дека ќе може да гледа телевизија кога ќе си ги среди играчките, советува експертот за родителство.

„Смири се“
Секој од нас бил во ситуација кога ја слушнал истата реченица од партнерот и сите знаеме како се чувствувавме кога добивме таква порака.

„Кога ќе му кажете на детето да се смири, во повеќето случаи нема да разбере што точно значи тоа“, вели Џенер.

„Рецептот“ кој носи резултати е да го прегрнете детето и да го утешите. Или, советува експертот за родителство, нежно фатете го детето за рака и однесете го на прошетка.

„Биди внимателен“

Детето не ја разбира ваквата порака, бидејќи не добило точни упатства како треба да се однесува.

Наместо да му кажете на детето да внимава, кажете му „чекор по чекор“ што треба да прави. На пример, ако сакате заедно да ја поминете улицата, кажете му: „Дај ми ја раката и заедно ќе преминеме на другата страна на улицата“. Колите се многу брзи и возачот можеби нема да те види“.

Џенер истакнува дека е особено важно родителите да не реагираат претерано и да не им кажуваат на децата „да бидат внимателни“ пред да почнат да прават нешто.

Во спротивно, постои ризик детето никогаш да не ја напушти „зоната на удобност“ и да се плаши од се што е ново.

„Остави, јас ќе…“
Ова е фраза која често ја користат родителите, а која нема поддржувачки карактер кога се во прашање способностите на детето и развојот на неговата самодоверба.

Кога детето ќе почне да прави нешто, а вие го спречувате да го направи тоа и му велите дека вие ќе го завршите тоа, всушност сте му испратиле порака дека е неспособно, предупредува Џенер.

Ако, на пример, детето се обидува да си ги врзе врвките од чевлите и не може да го направи тоа, прашајте го дали сака мама или тато да му покажат како полесно да ја заврши работата. Исто така, ако не може да направи нешто, потсетете го дека секогаш може да побара помош од мама или тато. Ваквите реченици ги ослободуваат, ги учат да не се плашат и да побараат помош.

„Престани да плачеш“
Не постои родител на планетава кој барем еднаш не го изнервирале детските солзи. Фразата „престани да плачеш“ е слична на фразата „смири се“.

„Понекогаш децата не знаат зошто плачат, но родителите треба да бидат свесни за фактот дека децата не се способни само така да ги контролираат своите емоции“, потсетува Џенер.

Воедно дава предлог како да се реши ситуација во која детето не може да престане да плаче:

Седнете до детето и прашајте го зошто плаче. Ве молиме бидете трпеливи додека чекате одговор. Прегрнете го детето и покажете му дека го има вашето разбирање и поддршка. Кажете му дека е во ред понекогаш да се биде тажен и дозволете му да ги изрази своите чувства.

Повеќе