Ротавирус: Кои се симптомите и колку долго е заразен?

Ротавирусната инфекција е заразна гастроинтестинална (дигестивна) болест која предизвикува воспаление на желудникот и цревата (гастроентеритис), а причинител е вирус. Тоа може да доведе до тешка дијареа и повраќање, особено кај малите деца.

153

Децата лесно се инфицираат со ротавирус во зима и на пролет. Се шири по феко-орален пат, кога рацете ќе дојдат во контакт со столицата на некој што е заразен, а потоа ја допираат сопствената уста, со што се внесува вирусот во телото.

Откако детето ќе се зарази со ротавирус, потребни се околу 2-3 дена за да се појават симптомите (ротавирус – инкубација). Дијареата и повраќањето може да траат и до една недела. За да се спречи дехидрација, важно е детето да пие многу течности.

Не постои лек за ротавирус, а инфекцијата обично поминува сама по себе.
Сепак, некои деца можеби ќе треба да одат во болница за рехидратација.

Ротавирус – начин на пренесување
Ротавирусот е присутен во столицата на заразено лице два дена пред да се појават симптомите и до 10 дена по исчезнувањето на симптомите (толку долго ротавирусот е заразен).

Вирусот лесно се шири со контакт од рака на уста во тој период – дури и ако заразеното лице нема никакви симптоми.

Лице кое има ротавирус и не ги мие рацете по користење на тоалетот – или детето има ротавирус и лицето не ги мие рацете откако ќе му ја смени пелената на детето – лесно го шири вирусот на сè што ќе допре, вклучително и храна, играчки и прибор.

Ако друго лице допре неизмиени раце или контаминиран предмет, а потоа ја допре устата, може да следи инфекција. Вирусот може да остане заразен на површини кои не биле дезинфицирани со недели или месеци.

Можно е да се заразите со ротавирус повеќе од еднаш, дури и ако некое лице е вакцинирано. Сепак, повторените инфекции обично се придружени со поблаги симптоми.

Ротавирусни инфекции се чести кај децата на возраст од 3 до 35 месеци – особено кај децата кои поминуваат време во градинка. Постарите возрасни и возрасните кои се грижат за мали деца исто така се изложени на зголемен ризик од инфекција.

Ротавирус – симптоми кај возрасни и кај деца

Најчестите симптоми на ротавирус кај возрасни и деца вклучуваат:

тешка, водена дијареа
повраќање
треска
губење на апетит.

Ротавирус – симптоми кај деца

Повраќање и дијареа може да предизвикаат дехидрација кај бебињата и малите деца. Треба да се консултира лекар ако детето има симптоми на дехидрација, вклучувајќи:

помалку влажни пелени (помалку влажни од вообичаеното)
ладна, сува кожа
вртоглавица при стоење
сува уста и грло
малку солзи или без солзи за време на плачење
летаргија – повеќе спие и помалку игра или се однесува невообичаено нервозно
потонати очи или вдлабнати меки точки на врвот на главата.

Дехидрацијата е состојба во која детето изгубило премногу вода и сол за телото да функционира правилно. Бебињата под една година лесно може да се дехидрираат.

На дехидрираните деца често им се потребни дополнителни течности за орална рехидратација или раствори за рехидратација. Ако дехидрацијата стане тешка, детето може да почне да се грчи (да доживува ненадејни, непредвидливи движења на телото) или да дојде во состојба на шок. Овие состојби се опасни по живот.

Третман и превенција на ротавирус

Ротавирусот често се дијагностицира врз основа на симптомите и физички преглед, а анализата на примерок од столицата може да се користи за да се потврди дијагнозата.

Не постои специфичен третман за ротавирусната инфекција. Антибиотиците и антивирусните лекови нема да помогнат при оваа инфекција. Обично, инфекцијата поминува во рок од 3-7 дена.

Најголемата грижа е да се спречи дехидрација. Со цел да се спречи дехидрација додека трае вирусот, треба да се зема соодветна количина течност.

Ако вашето дете има тешка дијареа, разговарајте со вашиот педијатар за раствори за орална рехидратација, особено ако дијареата трае повеќе од неколку дена.

Кај децата, течностите за рехидратација можат да ги заменат изгубените минерали поефикасно од водата или другите течности. Тешка дехидрација може да бара интравенски течности во болница.

Антидијареалните лекови не се препорачуваат за ротавирусна инфекција.

Вакцинацијата против ротавирус е најдобриот начин да се заштити детето од ротавирусна болест. Добрата хигиена како миење раце и одржувањето на чистота се важни, но не и доволни за да се контролира ширењето на болеста.

Децата, дури и оние кои биле вакцинирани, може повторно да се инфицираат и да се разболат од ротавирус. Тоа е затоа што природната ротавирус инфекција и вакцинацијата не обезбедуваат целосна заштита од идни инфекции, но вакцинираните деца имаат помала веројатност да добијат ротавирус.

Повеќе