Само едно дете имате?!

Без оглед на причината заради која имате само едно дете, запомнете – тоа е во ред. Не мора никому да се правдате. И не се грижете дека вашето дете ќе биде само, знаете ли колку браќа и сестри не зборуваат меѓусебе?

688


Знам како се чувствувате. Како мене, голтате кнедла секогаш кога ќе слушнете фрази како „тој е единец“ или „синдром на единец“. Знам како ви се превртува стомакот кога ќе почнат да ги набројуваат причините зошто ТРЕБА да имате уште едно дете. Некои одат дотаму што ве етикетираат како себични затоа што не сте му родиле брат или сестра на вашето дете.

Можеби имате само едно дете затоа што не можете да родите друго или затоа што сè уште чекате на ред за вештачко оплодување. Можеби сте поминале низ голем стрес обидувајќи се да го добиете вашиот прв ангел и можеби ви требало толку долго, што сè уште не сте во можност да го поминувате тоа повторно.

Можеби сте имале трауматично и тешко породување и сте поминале низ постпородилна депресија. Можеби не можете да си дозволите уште едно дете. Можеби… можеби само чувствувате дека едно дете е доволно за да бидете среќно семејство.

Без оглед на причината за само едно дете, запомнете – тоа е во ред. Не мора никому да се правдате.

Знам и дека е тешко да се биде љубезен кога ќе ве прашаат за друго дете и со насмевка ќе ја свртат темата на нешто друго. Не сте побарале од никого совет, но повторно, поради некоја причина, другите чувствуваат потреба да ви го кажат своето мислење:

Но, мора да ѝ родиш брат или сестра! Кој ќе ѝ помогне да се грижи за тебе кога ќе остариш?
Па зарем не гледаш дека е осамен? Кој ќе си игра со него додека да порасне?
Гледаш колку убави деца правите! Мора да направите уште едно…
О, ако чекате да се подобри вашата ситуација, никогаш нема да биде добро време. Кај едното, таму и другото.
Зарем не гледаш колку сака брат или сестра? Не ти е жал?
Со другите е полесно, ќе видиш.
И покрај популарното верување дека вашето дете е помалку среќно од децата кои имаат браќа и сестри, вистината е дека да се има брат или сестра не гарантира дека ќе имате доживотен пријател, исто како што да се биде единец не значи да се биде осамен во животот.

Впрочем, знаете ли колку браќа и сестри на светот воопшто и не зборуваат меѓусебе?

Никој не може да негира дека да се биде единец има свои лоши страни. Но, зошто сите се фокусираат само на нив? Зошто никој не ги спомнува добрите страни?

На пример, истражувањето покажало дека децата кои се единци се понезависни и посамостојни од оние кои имаат браќа и сестри.

Сите тие груби прашања и притисоци врз родителите кои имаат само едно дете повеќе зборуваат за луѓето кои ги поставуваат.

На крајот, без разлика дали имате едно дете затоа што сте сакале или затоа што не сте можеле поинаку, знајте дека тоа не значи дека вашето дете е само во светот, како што се обидуваат да ви го претстават тоа. Бројот на деца што сте ги донеле на овој свет не е мерка за вашата вредност како родител. Вие сте исто толку храбри и вредни како мајките кои имаат две, три, пет деца.

Исто како што вашето единствено дете не е помалку вредно од оние деца кои имаат браќа и сестри. И тоа секогаш треба да биде свесно за ова.



Повеќе