Секој час се убиваат најмалку пет жени или девојчиња: Најголемата опасност ги демне таму каде што треба да се најбезбедни
Резултатите од извештајот на агенцијата на Обединетите нации UNODC и UN Women покажуваат дека околу 56 отсто од жените и девојчињата биле убиени од страна на интимните партнери или на други членови на семејството (45.000 од 81.000) во текот на минатата година. Податоците исто така покажуваат дека во текот на изминатата деценија, вкупниот број на фемициди, убиства на жени само затоа што се жени, остана главно непроменет.
Во пресрет на Меѓународниот ден против насилството врз жените (25 ноември), објавени се резултатите од истражувањето за 2021 година, кои не потсетуваат на најраспространетиот облик на кршење на човековите права во светот – насилството врз жените и девојчињата.
Резултатите од извештајот на агенцијата на Обединетите нации UNODC и UN Women покажуваат дека, во просек, повеќе од пет жени или девојчиња биле убивани секој час од нивните партнери или други членови на семејството во 2021 година.
Околу 56 отсто од жените и девојчињата биле убиени од интимни партнери или други членови на семејството (45.000 од 81.000), додека од сите убиства на мажи, 11 отсто биле убиени од членови на семејството во текот на минатата година. Податоците исто така покажуваат дека во текот на изминатата деценија, вкупниот број на фемициди, убиства на жени само затоа што се жени, остана во голема мера непроменет. Иако овие бројки се алармантно високи, бројот на фемициди е всушност многу поголем, бидејќи фемицидот често е тешко да се одреди поради многу причини.
Фемицидот е проблем кој ја засега секоја земја во светот. Во 2021 година, стапката на родово убиства во семејството е највисока во Африка со 2,5 на 100.000 жени или девојчиња, 1,4 во Америка, 1,2 во Океанија, 0,8 во Азија и 0,6 во Европа. Почетокот на пандемијата во 2020 година се совпадна со значително зголемување на домашните фемициди во Северна Америка и Европа.
На 25 ноември се обележува Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, со кој започнува светската кампања „16 дена активизам против насилството врз жените”, како една глобална, светска кампања која ја одбележуваат 1.700 организации во повеќе од 100 земји во светот. Кампањата почнува на 25 ноември со Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, а завршува на 10 декември со Меѓународниот ден на човековите права.
25 ноември е прогласен за Меѓународен ден на борба против насилството врз жените на првиот состанок на феминистките во Латинска Америка и Карибите (Feminist Encuentro), одржан во Богота во 1981 година. Денот 25 ноември бил избран како ден на сеќавање на сестрите Мирабел (Патриа, Минерва и Мариа Тереса), кои биле брутално убиени од страна на диктаторот Рафаел Трујило во Доминиканска Република во 1960 година.
Декларација на Обединетите нации (ОН), за елиминација на насилство врз жените 48/104, била усвоена на 20 декември 1993 година, а од 1999 година со резолуцијата на ОН 54/134, официјално за првпат, почнува да се одбележува 25 ноември како Меѓународен ден за елиминација на насилството врз жените.