Децата од трето 3…Од училишна градина до училишна зимница

Училишната градина во ОУ „Крсте Мисирков“ во Скопје, инаку, проект на „Слоу фуд“, функционира веќе 5 години под раководство на наставничката Славица Зафировска. Со учениците ја одгледуваат градината, а со производите кои ги одгледале годинава направиле и жива туршија.

990

Славица Зафировска е наставничка која ја запознавме на традиционалниот словенечко-македонски меден појадок, каде што беше дојдена со неколку ученици од трето 3, нејзиното одделение во основното училиште „Крсте Мисирков“ во Скопје. Славица работи како одделенски наставник веќе 15 години и откако се вработила постојано е дел од колективот во истото училиште.

Поради односот на децата кои ја придружуваа, но и нејзиниот кон нив, да не беа баш сите на иста возраст, а сосема различни по изглед, ќе помислевме дека се нејзини. Оваа наставничка има прекрасен однос со своите ученици и вели дека е тоа само затоа што си ја сака работата што ја работи, а ги сака и децата, како и тие нејзе. Со многу разговор и љубов кон децата, вели таа, се стасува до посакуваната цел.

„Имаме воспоставено убав  однос наставник – ученик – родител. Комуникацијата и пристапот се многу важни за еден наставник да се чувствува како успешен наставник. Воспитувањето на децата и од дома има големо влијание за нивниот односот со наставниците и со другите ученици во училиште. Учениците се, пред сѐ, огледало на родителите, на домашното воспитување некого да почитуваш, да сакаш, да другаруваш, да правиш добри дела, сето тоа се стекнува дома, а се надоградува во училиштето. За жал, денес имаме и многу ситуации на кои не сакаме да бидеме сведоци и, дефинитивно, денешното општество е многу поразлично од пред петнаесетина години. И јас можам да направам споредба од почетокот на моето вработување како наставник – прилично млада и неискусна, со 23 години и сега, со поголемо искуство и работно (15 години) и животно (38 години) и не е исто“, вели наставничката.

Таа како наставник се труди да биде во тек со технологијата и со модерниот живот, но сака и се труди да ги научи децата и на оние основни вредности како што се љубов кон природата, здравата храна и здравиот начин на живот.

Истото го практикува и како мајка на двајца синови од 15 и од 6 години и како наставничка со своите ученици.

Во сето ова одлично се вклопува проектот ЕКО училишта кој го започнале во 2017 година, а нивната училишна градина почнала активно да функционира, секогаш  засадена со растенија од нашето поднебје, од 2018 година.

Кога во таа 2017 година се вратиле во училиште по годишните одмори, директорката им го прочитала дописот од здружението Слоу Фуд и за координатор на проектот ја одредила токму неа. Претпоставува затоа што сите во училиштето знаеле дека ги сака цвеќињата и природата, а веројатно и затоа што со своето семејство живее во скопското село Виниче, па веројатно претпоставувале и дека знае нешто и за земјоделските работи.

„Ние како семејство живееме на село и имаме своја куќа и двор, за кој се грижиме  и го уредуваме, а секако дека имаме и своја градина која самите ја одгледуваме . Од произведување на расадот па сѐ до крајниот резултат, собирање на производите и секако подготовка на некои вкусни рецепти, солени и благи, прави сами“, вели Славица која за земјоделството учи и знае од постарите во семејството кои се занимаваат со земјоделие за домашни потреби.

„Тие се главни и одговорни дома за домашната градина, тие ме научија како се произведува расадот на пиперот, доматот и другите растенија бидејќи го прават тоа секоја година. Прашував и научив, а ако нешто и понатаму не ми беше јасно, се информирав на Интернет“, се смее Славица.

Таа, во соработка со директорката на училиштето се договорила околу работата и започнувањето на овој проект „Училишна градина – училница на иднината“, а повеќе за проектот дознале од Василка Стефановска која е всушност и зачетник на проектот како претставник на Слоу Фуд.

„Василка Стефановска не запозна многу повеќе со проектот и со придобивките од училишните градини и ни даде поголем елан за работа. Потоа прашањето беше во кој дел од дворот да ја направиме градината. Нашето училиште располага со навистина голем двор и имавме можност да бираме на кое место ќе ја поставиме градината и одлучивме таа да биде на видливо место каде што може секој посетител, ученик или родител, да ја гледа“, вели таа.

Веќе во 2019 година нивното училиште било домаќин за одбележување на Светскиот ден на здрава храна – 16 Октомври, во соработка со ФАО и Слоу Фуд –Водно.

Генерацијата со која наставничката Славица ја започнала училишната градина, денес се осмоодделенци, а од трето одделение биле постојано со неа ангажирани околу градината и го правеле тоа со голем ќеф, како што го прават и децата од оваа генерација на нови ученици кои стигнале во трето одделение, кои многу сакаат да учествуваат во секоја активност поврзана со училишната градина.

„Активно продолживме со одгледување на градината, од производите во нашата училишна кујна направивме и зимница – жива туршија, секако, без хемиски додатоци, туку само со киселина и сол.

За време на пандемијата градината не беше празна, наставниците , техничкиот персонал на чело со директорката Наташа Тргачевска – Мојсовски заеднички ја одржувавме, па кога учениците ни се вратија во училиште имаа што да видат во градината.

И оваа година активно работиме најмногу со учениците. Тие со голема љубов и интерес излегуваат надвор и ја одржуваме онаква каква што е: убава, во сите бои и највкусна“, раскажува со мерак оваа наставничка.

И родителите на децата се среќни со градината и ја сметаат како едно убаво и  корисно искуство, кое е секако и здраво за нивните деца.

„Соработката со родителите околу градината е на високо ниво, не се жалат ако децата се извалкаат и ги стават рачињата во земја за да засадат нешто, да исплеват, да ископаат и сично. Нормално пак, меѓу децата секогаш постои и натпревар, па кога кога засадуваме некои билки во училница секој ден ги гледаат и кажуваат кое и чие растение е најмногу и најубаво пораснато, а на кое треба да му обрнат повеќе внимание“, вели Славица.

Вели дека би било убаво кога би можеле производите што ги произведуваат самите да ги вметнат во храната за децата во училиштето, но за жал, ова е засега невозможно. „Постојат правила и нормативи за тоа колку ќе тежат ужинките, колку калории  треба да имаат, колкава енергетска вредност, шеќери и какво брашно се користи. Во нашето училиште има училишна кујна но потребен ни е поголем простор и професионален готвач за да ја подготвува храната. Би било убаво да ги вметнеме и производите од нашата градина ама тоа сега не е возможно, иако како училиште секогаш се стремиме за доброто на учениците и нивното здравје“, вели таа. Засега, останува заедно со децата да продолжат да ја одгледуваат својата градина, да им се радуваат на намирниците и да си организираат повремено дегустации или да прават зимници. Којзнае, можеби еден ден ќе никнат училишни градини во сите училишта низ државата и којзнае, можеби некогаш и ќе можат храната што ја произведуваат да ја вклучат во секојдневните оброци на учениците. Дотогаш, само нека има повеќе наставнички како Славица, повеќе училишта како ова и повеќе деца како овие трудољубиви пчелички кои патем, на споменатиот настан со медениот појадок, едвај дочекаа да почнат да јадат. Леб, путер, мед и млеко за вкусен почеток на секој училишен ден.

Повеќе