Семејство во Скопје ја доби шестата ќерка: Децата се најголемото богатство

Уживаме во улогата на родители, со сите свои убави и стресни моменти што ги носи детството. Моја препорака за сите парови што сакаат и можат е да го зголемат семејството, прекрасно е, порачува Маја Трчевиќ која пред 4 дена ја роди шестата ќерка

1.583

Маја и нејзиниот сопруг Предраг Трпчевиќ на 14 август ја добија својата шеста ќеркичка. Објаснуваат дека децата се нивната најголема радост и мотив за сè во животот. Отсекогаш сакале да имаат големо семејство со многу дечиња. Тие се горди родители на Мила (11,5 години) Лина (9,5), Ева (7,5), Ника (4,5), Нина (3) и новиот член за кого сите заеднички ќе се договорат за името.

„Секое дете се сака еднакво, се сака премногу. Кога бројот на деца во семејството се зголемува, тогаш љубовта се множи. Секој од нас на среќата гледа со свои очи, ја доживува на свој начин, за мене овие деца се среќата. Нив ги гледам како разубавување на животот и стресното и динамично секојдневје. Најбитно од сè ми е да ги гледам како растат и да ги советувам и учам. Уживаме во улогата на родители, со сите свои убави и стресни моменти што ги носи детството. Моја препорака за сите парови што сакаат и можат е да го зголемат семејството, прекрасно е. И покрај кариерата, може да се изгледаат две, па и три дечиња. Правете го она што ве прави среќни“ – вели Маја.

Со сопругот Предраг, со кого се во брак 14 години, се поделени во домашните обврски. Секој си има свои задачи и задолженија, но тука се еден за друг и си се најголема поддршка.

„Поделени сме во обврските, а најголемата поддршка ја имам од мојот сопруг, кој е задолжен за голем дел од обврските на децата. Мама подготвува оброци за на училиште, облека, а тато е тој што е задолжен за превоз до училиште и активности по училиштето. Викендите и слободното време ги користиме за прошетки и уживање сите заедно“ – објаснува Маја.

Почнувајќи од првото породување пред 11 и пол години, кога се родила Мила, Маја не ја менува „Аџибадем Систина“. Вели дека главната улога за изборот ја има нејзиниот најдобар доктор Никола Панчевски, за кого ги има само најдобрите зборови.

„Ова е болница што би ѝ ја препорачала на секоја мајка што може да си го дозволи тоа. Го одбрав д-р Панчевски по 6. пат и истиот доктор би го избрала и уште 100 пати. Д-р Панчевски не само што е гинеколог, тој е и одличен психолог, интернист, пријател… Не кажува многу, но секој збор што ќе го каже е на место, и тоа вистинскиот. Еден збор му е вистински алтан. Неговата стручност ми дава сила и полет. Му благодарам што е со мене во најсреќните мигови. Сестра Радица и д-р Панчевски се вистински тандем, благодарна сум што се дел од мојот живот. Прекрасни се и сестрите од родилните сали, од Одделот за неонатологија“ – вели Маја.

Децата се најголемото богатство и најголем предизвик. Со нив секогаш е радосно и забавно, понекогаш и напорно, но никогаш здодевно. Тимот на Клиничка болница „Аџибадем Систина“ е среќен што по 6. пат ја оправда довербата. 

Повеќе