Што е тоа менструална сиромаштија? Кога не можеш да си купиш влошки, па ставаш крпи

Мрежата за родово одговорно буџетирање, поддржана од Платформата за родова еднаквост и Period Movement Скопје најавуваат мирен собир кој ќе се одржи на 30.мај во 13 часот пред зградата на Министерството за финансии. Целта е намалување на т.н.менструална сиромаштија

232

Студијата „Менструална правда: проценка на состојбите со менструалната сиромаштија и препораки за унапредување на политиките“, изработена од Здружението на граѓани за промоција на женската активност „Тииииит! Инк.“ и „Реактор – истражување во акција“ која беше презентирана минатата година, содржи три нивоа на истражувања кои ги отворија прашањата за менструална правда.

Станува збор за анализа на искуствата, практиките и социјалните перцепции на жените, девојките и другите лица кои менструираат, како и преку пресметки за трошоците за менструалното здравје и добри практики од регионот и пошироко.

За таа цел е направено онлајн-истражување, во кое учествувале 2.696 полнолетни жени, девојки и други лица кои менструираат (од кои 91% живеат во урбана средина и повеќе од половината се вработени – 56%), потоа онлајн-истражување на 307 ученички од 20 случајно избрани средни училиште од сите осум региони во Македонија, а направени се и пресметки со проценки за трошоците за менструалното здравје.

Студијата покажа дека 71% од учесниците во истражувањата не слушнале за менструална сиромаштија. Притоа, речиси секоја трета учесничка одговорила дека барем еднаш во животот, а половина од учесничките и повеќепати, се нашле во ситуација да немаат пари да купат влошки и да мора да импровизираат со крпи, тоалетна хартија…

Во понеделник (30.мај), на Меѓународниот ден на менструалната хигиена, мрежата за родово одговорно буџетирање, поддржана од Платформата за родова еднаквост и Period Movement Скопје најавуваат мирен пред зградата на Министерството за финансии.

Целта на собирот е да се побара од надлежните во ресорното министерство намалување на ДДВ-то за менструалните производи од 18 на 5% со цел намалување на т.н. менструална сиромаштија, субвенционирање на цената на менструалните чашки, како и бесплатни и достапни производи за менструација во основните и средните училишта и во јавните тоалети на територија на нашата држава, на товар на Буџетот.

За време на собирот ќе бидат прочитан проглас, заеднички усвоен од Платформата за родова еднаквост при што ќе бидат претставени дел од податоците и анализите за стапката на менструална сиромаштија во земјава, подготвени од страна на Реактор, Тииит Инк, Period Movement Скопје и Новинари за човекови права.

Повеќе