Синдром на постара ќерка: Еве како да го препознаете

Во фазата на предвремен пубертет, девојчињата стануваат доволно ментално зрели за да се грижат за своите помали браќа и сестри.

137

Зад поимот синдром на постаро дете, кој му се припишува на австрискиот лекар и психоаналитичар Алфред Адлер, стои теорија за тоа како редоследот на раѓање влијае на личноста на детето. Така, првородените и најмалите деца доживуваат неврози врз основа на нивната потреба за успех и доминација во семејството, додека средното дете има понежна личност, но е повеќе склоно кон бунтовништво.

Џејл Волф, исто така, го доживеала искуството на постаро дете и честопати имала потешкотии да разбере кои се нејзините улоги во однос на нејзиниот помлад брат за време на нејзиниот период на растење.

„Кога се роди мојот најмлад брат, имав 11 години. Бев преплавена со чувства на одговорност за неговата благосостојба. Ќе седев покрај неговото креветче и ќе го гледав како спие само за да се уверам дека е добро. Со други зборови, се чувствував како втора мајка на моите браќа и сестри кога тие растеа“, вели Волф, најстара од четирите деца.

Синдром на најстарата ќерка

Слично на размислувањето на Адлер, синдромот на постарата ќерка, иако не постои официјална дијагноза за овој термин, добива сѐ поголемо внимание во научните кругови. Така, истражувачки тим предводен од Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес, открил дека првородените ќерки имаат тенденција да созреваат порано, што им овозможува да ѝ помогнат на својата мајка во воспитувањето на помалите браќа и сестри. Поточно, истражувачите откриле поврзаност помеѓу раните знаци на предвремен пубертет кај првородените ќерки и нивните мајки кои доживеале високи нивоа на пренатален стрес.

„Кога мајките се под стрес за време на бременоста, во нивен интерес е најстарата ќерка социјално побрзо да созрее“, изјавила Џенифер Хан-Холбрук, една од коавторките на студијата и доцент по психологија, додавајќи дека оваа појава ѝ дава на мајката асистент многу порано за да ѝ помогне да го одржи потомството живо во тешки животни опкружувања.

Имено, овој ран пубертет не вклучува развој на гради или почеток на менструацијата кај девојчињата или зголемување на тестисите, кај момчињата. Напротив, студијата тврди дека девојчињата стануваат доволно ментално зрели за да се грижат за своите помали браќа и сестри, додека физички не се способни да имаат свои деца. Истражувачите не го нашле истиот резултат кога станува збор за синовите.

„Една од причините зошто не го најдовме овој ефект кај првородените деца кои се синови може да биде тоа што машките деца имаат помала веројатност да помогнат во директна грижа за децата отколку женските деца, така што мајките имаат помалку адаптивни поттици за да го забрзаат нивниот општествен пубертетски развој“, објаснила Хан- Холбрук.

Оваа коавторка на студијата, исто така, истакнала дека претходните истражувања сугерираат дека времето на пубертетот кај жените е поподложно како одговор на раните животни искуства отколку кај мажите.

Спроведена студија

Неодамна објавените резултати од студијата се плод на 15-годишно истражување. Во овој период, истражувачите ги следеле семејствата од бременоста на мајката до тинејџерските години на бебињата. Жените биле во просек на 30 години и биле бремени со едно дете. За околу половина од учесниците тоа била нивната прва бременост. Нивното ниво на стрес, депресија и анксиозност било измерено во пет различни фази од бременоста. Во проценката на депресијата, од жените било побарано да ја оценат вистинитоста на изјавите како „Се чувствував осамено“, додека прашањето за анксиозноста се фокусирало на тоа колку често чувствуваат одредени симптоми, како што е нервоза.

Од децата родени од мајките кои биле меѓу испитаниците, 48 отсто биле женски, а 52 отсто машки деца. Како што децата старееле, посебно биле мерени карактеристиките на предвремениот пубертет; како што се влакната на телото, промените на кожата, скоковите во растот, развојот на градите и почетокот на менструацијата кај жените и промените на гласот и растот на влакната на лицето кај мажите.

Студијата земала предвид и други фактори за кои е познато дека се во корелација со раното созревање или знаците на пубертет кај децата, како што се смртта на родител или разводот на родителите пред детето да наполни пет години, или отсуството на татко и економската несигурност на возраст од седум до девет години.

Земајќи го предвид сето тоа, ТОКМУ најстарите девојчиња најбрзо созревале кога нивните мајки доживувале високи нивоа на пренатален стрес. Дополнително на ова, претходните студии покажале дека најстарите ќерки имаат најголема веројатност за успех во животот, па дури и веројатно ќе имаат лидерски улоги во одреден момент од нивниот живот.

Фетално програмирање

Студијата е интересна и од друга причина. Имено, го зголемува разбирањето на феталното програмирање, фасцинантно поле на студии кое истражува како стресот и другите емоционални, како и факторите од средината што ги доживуваат жените за време на бременоста влијаат на нивните деца долго по раѓањето.

„Ова е прво откритие од ваков вид. Една фасцинантна теорија е дека додека сè уште сте фетус во утробата на вашата мајка, добивате индиции за тоа каков ќе биде светот и вашето тело може флексибилно да го прилагоди обликот на вашиот животен циклус за да биде оптимално прилагодено на оние услови што ќе ве дочекаат, објаснила таа.

Моли Фокс, антрополог и една од коавторите на студијата, додала дека како најстара ќерка во нејзиното семејство, верува дека ова е посебна улога во секое семејство поради можноста за блискост со мајката и способноста да помогне во грижата за помладите браќа и сестри.

Повеќе