Тафталиџанскиот крал на фанкот го отвори старото куферче со цедиња

Се отвори Пандорината кутија во Бифе Тафталиџе, ама за среќа, излезе само надежта. Па да се надеваме дека Ѕвонко Качурков или како што го викаат тука, Кралот на фанкот, само ја отвори сезоната и дека ќе следуваат уште многу вакви забави, кои ќе ги размрдаат сите, најмногу оние младите, замаскирани во тела на средовечни луѓе

1.426

После 10 години во „пензија“, со истото куферче полно со цедиња за кое неговиот син Димитар (26) вели дека го знае откако е роден, скопјанецот Ѕвонко Качурков – Качур „слета“ на терасата на едно од наједноставните, најнемодерните, а сепак, најпознатите места во градот – Бифе Тафталиџе.
За оние кои не знаат за кого станува збор, залудно е да раскажуваме, ама затоа оние кои пораснале на неговите журки во подрумското (а какво поинакво во тоа време) клупче, во Тафталиџе 1, како и оние кои до пред 10-15 години уште и имаа можност да ја слушаат музиката што ја пушташе во скопските локали (Интермецо, Тренд,…), се израдуваа на настанот кој таканаречениот менаџмент на Бифе Тафталиџе го најавуваше цела недела.

Саботен ден, музиката се слушаше уште пред да ја поминете Партизанска, за среќа, никому не му пречеше, а терасата на Бифе Тафталиџе, пополна од кога и да е.


Меѓу луѓето ги препознавате ликовите на некои луѓе кои одамна не сте ги виделе, некои сосема сте ги заборавиле, а некои не успевате да ги препознаете веднаш, но после првите неколку зборови полека ви испливуваат спомените и сеќавањата од минатото. Кое минато? Епа тоа од пред 40-тина години. Да, многу се, ама луѓето се тие. И сите дошле заради него, Ѕне, Качур, кралот на фанкот, како сакате наречете го, ама тоа е тој, истиот.
И тој веќе во сериозни години, ама со истата скромност и срамежливост, за луѓето што ги собра на терасата и на кои, верувам, им го разубави денот, само кратко вели: Епа тоа е Тафталиџе, памтат луѓето од порано, затоа дошле.

И ако некого и не сте виделе со децении, а сте се разминале неколку пати досега, сега наеднаш, само затоа што е тука, на настанот на кој пушта музика Качур, веднаш знаете кој е. Еден лик кој го задржал детскиот изглед само сега украсен со симпатични брчки, вели: Кога ќе им кажам на децата за нешто – „како што велат старите“, тие ми велат – „па кажи и ти, слободно, и ти си стар“. Се смее, а мене како од магла ми се појавува неговиот детски лик, оној без ниту една брчка и се потсетувам на дечкото некоја генерација после мене, со кој понекогаш се разминувам низ маало.

Како и да е, денес се отвори Пандорината кутија во Бифе Тафталиџе, ама за среќа, излезе само надежта. Па да се надеваме дека Качур само ја отвори сезоната и дека ќе следуваат уште многу вакви забави, кои ќе ги размрдаат сите, најмногу оние младите, замаскирани во тела на средовечни луѓе.
Инаку, кога сме кај Качур, всушност, се сеќавам дека не поминале баш толку многу години откако последен пат пуштал музика во јавност, иако со сигурност знам дека дома никогаш и не престанал (прашајте ги слободно жена му Марга и синот Димитар).

Додуша, тоа беше само за потесната јавност, за луѓето од неговата улица на кои овој тафталиџански крал на фанкот им го разубавуваше оној карантинскиот Велигден, во 2020-тата.
Тогаш, гласните звуци на музиката која доаѓаше од куќата на Качур, ги намамија соседите да излезат на „Нобелова“ и да се видат меѓусебе, блиски како некогаш, збунети како никогаш.

Токму на тоа се сетив денес, додека тој си стоеше во диџејскиот ќош и си ги пушташе омилените цедиња од старото куферче, онака, како што пуштаат луѓе на кои тоа им е љубов, хоби и страст, а не како денешниве „лаптоп диџеи“.

Повеќе