Сите тестирани деца од 7 до 15 години, имаат проблем со концентрацијата и вниманието: Поразителни резултати од психолошко истражување во земјава

Сите деца кои учествувале во истражувањето на проф. д-р Слаѓана Анѓелкоска, имале проблем со вниманието, концентрацијата, брзината на реакција, визуопросторната ориентација, егзекутивните функции кои претставуваат ментален капацитет значаен за дефинирање на цели, планирање на начинот за доаѓање до целта и успешно извршување на дадениот план.

3.596

Децата во земјава на возраст од 7 до 15 години најчесто имаат проблем со вниманието, концетрацијата и брзината на реакција, покажува истражувањето „Когнитивно функционирање на децата на возраст од 7 до 15 години“ на проф. д-р. Слаѓана Анѓелкоска, универзитетска професорка, психолог и психотерапевтка.

Истражувањето е спроведено од февруари 2023 година до декември 2023 година на територијата на целата наша држава, во сите осум региони (Вардарски, Источен, Југозападен, Југоисточен, Пелагониски, Полошки, Североисточен и Скопски), а се опфатени 2032 ученици по случаен избор, на возраст 7 до 15 години.

Истражувањето има за цел да ги согледа когнитивните постигнувања на децата во делот на вниманието, концентрацијата, помнењето, работната меморија, нивниот фокус, брзина на реакција, визуопросторна ориентација, развој на фина моторика, егзекутивни функции и да ја утврди фактичката состојба наспроти зачестеното алармирање од страна на наставниците, психолозите, педагозите, родителите дека децата имаат сè поголеми тешкотии во совладувањето на наставните содржини, како на часовите, така и дома.

Резултатите покажале дека во сите возрасни групи најголем процент на деца имаат намалена одржливост на когнитивното функционирање при решавање на задача.

„Кај децата на возраст од 14 и 15 години се очекуваше да нема деца кои нема да можат да ја решат задачата и најголем процент да бидат деца кои ќе влезат во сината зона. Сепак, за жал и тука имаме 4 отсто деца кои не успеале да ја решат задачата, а 50 отсто од децата се во портокаловата зона, што е особено загрижувачки податок, кој е потребно да се анализира подлабоко со понатамошни истражувања за откривање на причините“, покажува истражувањето.

Во втората задача што им била зададена да ја решат, забележани се значајни поразителни резултати, велат истражувачите.

„Кај децата на возраст од 12 до 15 години, во периодот кога се очекува да имаат развиена способност да ја одржат постојаноста на вниманието во насока на поставената цел и следење на чекори за постигнување на целта, добиваме резултат во кој е голема процентуалната разлика на деца коишто тоа можат да го следат и деца коишто имаат значајни потешкотии да ги следат чекорите за постигнување на целта. Деветнаест отсто, 11 проценти и 6 отсто на деца коишто не успеваат да ја завршат задачата се поразителни проценти коишто ни укажуваат на потешкотиите на децата во совладување на наставниот материјал и постигнувањето на успех во учењето“, покажуваат резултатите од истражувањењето.

Резултатите добиени во однос на направените грешки, додаваат истражувачите, се уште поголем аларм за присуство на одреден проблем.

„Од децата се бараше поврзувањето во двете задачи да го направат без да ги креваат раката и моливот од листот. Потребно беше додека ги извршуваат задачите во исто време да запомнат две инструкции: да поврзуваат по даден редослед и да не го креваат моливот од листот додека ги поврзуваат точките“, стои во истражувањето.

Процентите прикажани во двата графикона, додаваат истражувачите, покажуваат дека голем процент на деца се оние кои направиле повеќе од 4, односно 5 грешки, што покажува дека децата имаат потешкотија ментално да задржат две различни и неповрзани информации и да ги следат.

„Она што се бараше од децата е за одредено време да извршат две задачи: во првата задача да поврзат последователни броеви од 1 до 25, а во втората задача да направат нaизменично поврзување број-буква-број-буква. Се тргна од претпоставка и очекување дека првата задача без никаков проблем ќе ја решат сите деца во определеното време предвидено за нејзино решавање, а втората задача дека ќе биде потешка за децата од 7 години, но не и за повозрасните ученици“, велат истражувачите.

Додаваат дека по анализата на резултатите, било утврдено дека, генерално, сите деца кои учествувале во истражувањето имале проблем со вниманието, концентрацијата, брзината на реакција, визуопросторната ориентација, егзекутивните функции кои претставуваат ментален капацитет значаен за дефинирање на цели, планирање на начинот за доаѓање до целта и успешно извршување на дадениот план.

Појаснуваат дека причините за вака добиените резултати се препишуваат на различни фактори – од недоволна рана стимулација на децата, препуштеност на децата самите да го структурираат своето време од најмала возраст, недоволна посветеност на родителите во раниот развој на децата со отсуство на активности коишто поттикнуваат когнитивно созревање на децата. Сите овие фактори може да се земат како причинители за оваа појава, но не смееме да генерализираме, се вели во истражувањето.

Истражувањето беше спроведено со стандардизиран психолошки тест (прв тест од ваков тип на нашите простори) којшто ги задоволува сите критериуми за истражување и е наменет за проценка на одредени когнитивни домени: внимание, концентрација, помнење, работна меморија, фокус, брзина на реакција, визуопросторна ориентација, развој на фина моторика, егзекутивни функции. 

Повеќе