Скопјанката Јасмина е мајка на 9 деца, а од неодамна и сопственичка на „Шаренли Ан“

„Мило ми е што сите ме поддржаа во оваа нова страница во мојот живот. Ова ми е прва работа надвор од домот и желба на сите околу мене беше да направам нешто за себе, да се најдам себеси во некоја професија и да престанам да бидам мајка 24/7“, вели 45-годишната Јасмина Зафировска, мајка на 9 деца и сопственичка на Шаренли Ан, салон за исцелителни масажи и третмани, меѓу кои најинтересна е капинг терапијата, односно, хиџамата.

3.774

Скопјанката Јасмина Зафировска е мајка на 9 деца, во декември ќе полни 45 години, а нејзиното најстаро дете, ќерката Анастасија, има 25 години. Најмалото дете има 11. Од нив, шест машки и три девојчиња, родени отприлика на две години.

Од пред една година, Јасмина која целиот живот им го посветила на сопругот и на децата, но никогаш не работела некоја професија, односно, немала платен ангажман, конечно, под притисок на најблиските решила да излезе од сигурноста на својот дом и да направи нешто со себе и за себе, без притоа да се грижи за тоа дали сите јаделе, пиеле, спиеле, дали се садовите измиени, креветите наместени, а куќата средена.

Вели дека никогаш претходно немало потреба таа да заработува затоа што нејзиниот сопруг работел вредно за сите. Таа пак се занимавала со децата, со нивното одгледување и воспитување и со домот, а работа, претпоставувате, имала преку глава. Иако преовладува мислењето дека најчесто се разгалуваат децата кои се единци, Јасмина успеала да ги разгали сите 9.

„Секое утро ги будев со подготвен појадок, им ги местев креветите, чистев зад сите нив, а кога наеднаш, за време на короната сите почнаа да готват по нешто, а сѐ уште никој од нив не миеше садови, се случуваше јас да не излезам од кујна цел ден миејќи по 30 тавчиња и еден куп чинии и чаши. Дневно пуштав по 20 машини за перење, а бидејќи сум ќерка на воено лице и внука на генерал, сакав сѐ да е средено и чисто“, раскажува Јасмина.

 Нејзиниот сопруг работи како преведувач и, како што вели таа, сите овие години го правел тоа навистина вредно и напорно, за да обезбеди сѐ што му треба на семејството. Пред 11 години успеале да купат плац во Соње каде што направиле куќа од 300 квадрати во која сите деца си имаат свое катче, живеат на чист воздух, пијат чиста вода и се многу поздрави отколку што биле порано, додека живееле во скопската населба Кисела Вода.

„Постојано бев ангажирана со децата, учествував во родителските совети во нивните училишта, во правењето претстави, проекти, постојано имаше нешто да се прави со и околу нив, но кога сите ќе заминеа во училиште, ми остануваше простор и време да ја средам куќата. Кога почна короната, наеднаш сите се најдовме дома, никој не одеше никаде и сите почнавме некако да се преиспитуваме себеси, да се менуваме. Најпрвин направивме сите заедно промени во исхраната  и престанавме да јадеме месо и шеќер, па освен што ни се намалија трошоците и ние станавме поздрави. Јас, почнувајќи од тој период па досега, ослабнав 25 килограми. На децата им требаше сѐ повеќе простор за себе и како да почна да им пречи да сум им постојано на располагање, а секако сакаа конечно и јас да се посветам на себе и да почнам да правам нешто друго во животот.

Во текот на животот и веројатно заради тоа што телото заради бременостите многу пати ми се менуваше, имав болки во телото, па така барајќи помош од физиотерапевти за себе и за мои блиски и самата се определив да се занимавам со масажа, како начин за исцелување на телото. Зимоска бев кај мајка ми во Сараево, каде што и самата живеев до осмо одделение. Таа имаше тешка операција па отидов да ѝ помогнам и имав можност првпат после 25 години да поминам време со неа, но истовремено и да завршам неколку курсеви. Се вратив во март, го најдов ова убаво место во старата скопска чаршија, го средив и го дотерав по мој вкус и така бидна Шаренли Ан.

Мило ми е што сите, а особено моите деца, ме поддржаа во оваа нова страница во мојот живот. Ова ми е прва работа надвор од домот и желба на сите околу мене беше да направам нешто за себе, да се најдам себеси во некоја професија и да престанам да бидам мајка 24/7“, вели нашата соговорничка.

Јасмина објаснува дека масажата кај нас, но и генерално во светот, а особено во оваа средина каде што се претежно Муслимани, е табу и се сфаќа како нешто нечисто, но мило ѝ е затоа што ја стекнала довербата на нејзините соседи во чаршијата и тие се увериле дека тоа што го работи е нешто чисто што им помага на луѓето да се ослободат од болките.

„Тие ме почитуваат заради тоа и сега нивните деца и внуци се секојдневно во мојот салон, а јас им давам да цртаат, да бојат, им давам вежби, ги учам на сѐ што знам, па им станав дел од секојдневјето“, раскажува таа.

Јасмина завршила во Сараево три различни курсеви, но најпозната е по нејзината масажа која е збир од сите што ги научила. Затоа и третманите кај неа траат по час ипол, па дури и до два часа, а таа вели дека тоа не ѝ е воопшто исцрпувачко.

Најинтересна во нејзината понуда е терапијата со чашки или попозната во светот како капинг терапија, односно, вакум терапија со вендузи, а во муслиманскиот свет како хиџама.

„Додека посетував курсеви во Сараево видов како се прави хиџама, ми беше чудно, па на крај ја пробав на себе и сфатив дека е многу корисна.

Јас правам три вида на капинг терапија. Сув капинг кога само ги поставувам чашките на одредени точки на телото и не ги мрдам, потоа, масажен капинг и на крај, мокар, кој претставува метод со локално испуштање на крв. Секако последнава се прави со чашки за еднократна употреба. Инаку, овој метод постои од многу одамна, а последниве години е актуелизиран и го применуваат многу познати личности и спортисти, па затоа е популарен и кај младите.

Се изведува со засекување на кожата со стерилни инструменти за еднократна употреба, како и вакуум сукција на одредени регии на телото. Се смета дека крвта која лежи под кожата е полна со токсини и тоа предизвикува болка. Токму со помош на овој метод се елиминираат токсините во телото, а современите медицински студии кои се спроведуваат во светот покажуваат дека постои евидентна разлика во составот на капиларната крв која се зема од прст за анализа на крвната слика, со онаа која се зема со хиџамата. Лабораториските анализи покажуваат дека крвта која се елиминира со хиџамата содржи 80-90% биолошки и хемиски отпад, а само 10-20% крвни елементи.

Овој метод е сличен на оној што се правел порано со помош на пијавици, а раничките се помали отколку маче да ве гребне. Единствено што треба да се внимава потоа е два дена да се биде на пост, да не се јадат месо, шеќер и млечни производи и да се пие многу вода“, објаснува Јасмина.

Нашата соговорничка вели дека редовни корисници на нејзините масажи се и нејзините деца кои или ѝ плаќаат за нив, секако, со попуст, или ѝ се оддолжуваат на друг начин, а и самите понекогаш знаат да ја измасираат неа, особено кога сакаат да ѝ покажат како делува нешто што тие сами го откриле истражувајќи на интернет. Сега сите освен двете најмали деца, веќе заработуваат така што му помагаат на татко им во преведувањето на филмови и серии. Ако ја прашате да ви каже по нешто накусо за секое од нејзините девет деца, Јасмина вели дека дури и за тоа ќе ѝ треба да напише цела книга.

Сепак, вели дека заедничко за сите е тоа што се сите креативни, цртаат, изработуваат нешто, се занимаваат со уметност и се големи мечтатели.

„Најголемата, Анастасија се занимава со детски илустрации. Само таа студираше на фармација, ама се откажа еден испит пред крајот и реши да се занимава со уметност. Има некои ангажмани со Етнолошки факултет за илустрации на македонските народни приказни и во своите илустрации многу користи елементи од народните носии. Таа е и единствената која пред една година го напушти семејниот дом и сега живее со нејзиното момче од Велс, Чарли, но сѐ уште има низа административни пречки заради кои не можат да се постојано заедно во Македонија, а Анастасија не сака да си замине оттука. Живее во станот од свекор ми, во населба Автокоманда.

По неа дојдоа Симон, Прохор и Иларион. Симон многу сака да чита, му одат јазици, прави многу преводи и е голем љубител на масажи. Прохор е од дете голем спортист, висок е, крупен и, иако јас не сум многу среќна заради тоа, професионално се занимава со бокс. Нему многу му значи мојата поддршка, па секако дека го поддржувам во тоа, иако покрај сѐ, тој е и извонреден јазичар, добар познавач на историјата, а добар е и во односите со луѓето, па целиот живот е вага во семејството. Иларион е вљубеник во природа и најмногу сака да шета по планини. Тој е и најмистериозен од сите и не сака многу да му влегуваме во неговиот интимен простор.

Никодим е типичен средношколец, сега ќе биде четврта година во гимназијата„Јосип Броз Тито“, Андријана ќе биде трета година во средно уметничко, а Марија ќе биде прва година во „Јосип Броз Тито“. Најмалите се Илија и Јован. Илија годинава ќе биде осмо одделение, а Јован петто. Значи, сега ќе имаме тројца средношколци. Никој од нив не продолжи на факултет иако јас го посакував тоа. Мислам дека сите доживеаја некое големо разочарување во општеството, а и како семејство имавме некои кризи, кога мораше секој да работи и да заработува. Сепак, уште се млади и можеби ќе се предомислат, а мене ми е важно само тоа што се сите тие добри деца и луѓе.

Мислам дека сега сите многу повеќе се гордеат и со мене и со тоа што го работам. Инаку, дома сите имаат свој простор, но се постојано заедно и нон-стоп прават некои приказни, а тие приказни само растат и растат.

Сега, откако јас повеќе не готвам, секој си јаде што и кога сака. Имаме огромна трпезариска  маса и секогаш имаат на располагање многу зеленчук, овошје, салати, има јајца, млеко сирења, кашкавали, сѐ освен месо и шеќер.

Сега прават сѐ сами, иако јас не сум задоволна од нивото на хигиена, сепак тие се ригорозни во тоа да ме држат на растојание од сите тие обврски кои си ги презедоа на себе и постојано ми велат: „Мамо стоп, остави, не е твое, терај си го животот, сконцентрирај се на нешто друго“. Кај нас дома сега речиси постојано се и девојките на двајца од синовите и многу е интересно кога тие, заедно со моите ќерки, ќе седнат да плетат. Сите ќерки и девојките на синовите ги научив да плетат, а кога видов што сѐ сплеле сфатив дека ме надминале“, се смее Јасмина.

Во својот салон таа има изложено и неколку свои оригинални плетени парчиња облека, односно, плетени летни маици и костими за плажа. Со своето шаренило и бои тие ја надополнуваат целокупната шарена атмосфера во Шаренли Ан.

„Местото е така замислено за да биде интересно и за децата кои доаѓаат со своите мајки. Често ги масирам и нив бидејќи масажата е добра за сите возрасти, а мене ми е особено задоволство кога масирам деца бидејќи се малечки, лесни па можам да им правам и вежби. Иако за некои ситници ми помогнаа децата, уредувањето на целиот простор беше моја психотерапија“, завршува Јасмина.

Таа веќе ја пречекуваше својата редовна клиентка за која веднаш почна да прави еден од убавите чаеви со кои ги послужува сите кои ќе влезат во Шаренли Ан, местото кое нашата домаќинка го нарекува „Моја црква, моја џамија“, место во кое се сите добредојдени, бидејќи за неа нема никакви поделби меѓу луѓето ниту по национална, ниту по верска определба, па секој човек што ќе дојде тука е само дел од нашиот еден и единствен свет.

Повеќе