Националната здравствена служба на Велика Британија ја прекина политиката на поттикнување „нормално породување“, поради стравувања за безбедноста на мајките и бебињата, пишува Тајмс.
По серијата скандали кои се припишуваат на инсистирањето на природно породување на сметка на безбедноста, на породилиштата им беше наредено да престанат да ја проценуваат сопствената работа врз основа на уделот на царски рез во вкупниот број раѓања.
Во претходниот период породилиштата беа „казнети“ доколку имаа високи стапки на царски рез. Има индиции дека тоа доведе до најголемиот скандал во историјата на Националната здравствена служба и до смрт на десетици новороденчиња во некои болници. Во моментов се истражуваат 1.862 случаи во кои акушерките и акушерите се осомничени за невнимание и притисок врз мајките да се породат природно по секоја цена.
Болницата Шрусбери и Телфорд, која беше во центарот на овој скандал, пет пати имала најголем процент на природни породувања во Англија во периодот од 2010 до 2018 година.
Природното породување по секоја цена беше цел на многу други породилишта кои во моментов се под истрага.
Кралскиот колеџ за акушерки (RCM) официјално ја суспендираше кампањата за природно породување во 2017 година, бидејќи се покажа дека има негативно влијание врз правилните одлуки на бабиците и акушерите. Меѓутоа, Националната здравствена служба дури сега престана да ги казнува породилиштата кои имаат повисоки стапки на царски рез од дадените.