Светската недела на доењето која традиционално се одбележува од 1 до 7 август, е глобален настан што се одржува во над 120 земји секоја година, организиран од Светската федерација за доење, Светската здравствена организација и УНИЦЕФ. Главната цел на овој настан е всушност промовирање на доењето со цел да се подобри здравјето на децата и жените.
Имено, има многу предности кои доењето ги има за детето, но и за неговата мајка. Според американскиот Центар за контрола и превенција на болести, мајчиното млеко е најдобар извор на исхрана за повеќето бебиња. Како што расте бебето, мајчиното млеко ќе се менува за да ги задоволи нутритивните потреби на бебето.
Истражувањата покажуваат дека доењето може да помогне во заштитата на бебињата од некои краткорочни и долгорочни болести. Имено, педијатрите објаснуваат дека доените бебиња имаат значително помал ризик од развој на астма, дебелина, дијабетес тип 1 и синдром на ненадејна смрт на доенчиња (SIDS).
Доените бебиња исто така имаат помала веројатност да имаат чести инфекции на увото и цревни вируси. Исто така, мајчиното млеко ги дели мајчините антитела со бебето, а токму тие антитела ефикасно им помагаат на бебињата да развијат силен имунолошки систем и да ги заштитат од потенцијални болести.
Покрај големите придобивки за детето, доењето е позитивно и кога зборуваме за здравјето на мајката. Имено, бројни студии покажуваат дека доењето може кај мајката да го намали ризикот од рак на дојка и јајници, дијабетес тип 2 и висок крвен притисок.
Мотото на годинешната светска недела на доењето е доењето на работното место.
Експертите апелираат доењето да биде овозможено и на сите други јавни места без присуство на предрасуди од околината.