Кинa планира нови рестрикции за децата: Малите Кинези и тинејџерите ќе користат смартфони од 40 минути до 2 часа дневно

Сè уште не е јасно кој ќе биде одговорен за имплементацијата на детскиот режим – производителите на опрема или развивачите на оперативни системи.

99

Кинеската влада продолжува да наметнува ограничувања за времето што го минуваат пред екранот децата и тинејџерите. Во 2021 година, Кина го ограничи времето за играње за млади до 18 години на само 3 часа неделно, а сега се предлага да се ограничи времето на користење на паметни телефони на 2 часа дневно, пишува Engadget.

Управата за кибернетски простор на Кина предложи нацрт регулатива, според која адолесцентите под 18-годишна возраст мора да го ограничат времето на користење на паметни телефони на два часа дневно. За деца од 8 до 15 години ограничувањето ќе биде еден час дневно, а за помлади од 8 години – 40 минути.

Новите правила, исто така, забрануваат било каква употреба на паметен телефон помеѓу 22 и 6 часот. Сите телефони треба да имаат режим за лесен пристап што ќе им овозможи на родителите да го ограничат она што децата можат да го видат и да им дозволат на интернет провајдерите да прикажуваат содржини соодветни на возраста. Децата под 3-годишна возраст ќе бидат ограничени на песни и други форми на аудио, додека децата на возраст од 12 и повеќе ќе можат да гледаат едукативни содржини и новости.

Проектот е отворен за јавна расправа и не е факт дека ќе биде прифатен, но ова е Кина, па најверојатно ќе биде. Има прашања и во врска со спроведувањето на новите ограничувања. Сè уште не е јасно кој ќе биде одговорен за имплементацијата на детскиот режим – производителите на опрема или развивачите на оперативни системи.

Доколку се имплементираат ограничувањата, кинеските развивачи на софтвер како ByteDance (TikTok и неговиот кинески колега Douyin) и Tencent (WeChat и многу популарни игри) ќе мора да ги приспособат своите апликации и нивната содржина на новите ограничувања.

Моментално во различни земји низ светот се прават обиди да се ограничи и во некои случаи да се забрани употребата на паметни телефони за деца. На пример, во Холандија се обидуваат да ги забранат паметните телефони, паметните часовници и таблетите во училиштата. Но, Кина е Кина, така што ограничувањето заради надминување на зависноста од екраните најверојатно има намера и да го контролира протокот на информации што ги опкружуваат децата.

Повеќе