Татко ти е кретен, мајка ти е психопатка! Психолозите откриваат што родителите никогаш не треба да им кажуваат на децата за време на разводот
Кога се разведуваат, родителите обично прават грешки во однос на децата. Меѓудругото, ги ставаат во ситуација детето да мисли дека е принудено да избере страна.
Разводот е многу тежок период во животот и за сопружниците и за децата. Бројни истражувања покажуваат дека децата често страдаат поради процесот на развод и дека тој обликува многу области од нивниот живот. Без оглед на тоа кои други фактори се вклучени, кога има деца во бракот, заштитата од најлошите аспекти на разводот треба да биде главен приоритет за двајцата родители.
Психолозите објаснуваат дека тоа значи и грижа за работите кои родителите никогаш не треба да му ги кажат на своето дете за време на разводот. Како прво, родителите никогаш не треба да му кажат на своето дете дека тoa е виновнo или одговорнo за разводот. Иако повеќето родители разбираат дека децата не треба да се обвинуваат за развод, малкумина знаат дека повеќето деца ја преземаат вината на себе.
Имено, кога нивните родители се разделуваат, децата автоматски мислат дека тоа мора да биде затоа што токму тие направиле нешто лошо. Како што предупредуваат психолозите, за разводот никогаш не треба да се обвинува детето. Тие советуваат родителите никогаш да не кажуваат нешто околу децата што на кој било начин може да се протолкува како тие да се на каков и да е начин виновни за ситуацијата.
Исто така, психолозите советуваат родителите никогаш да не го распрашуваат своето дете за поранешниот партнер. „Никогаш не го ставајте детето во оваа позиција. Дури и ако има одредени работи за кои му замерувате на вашиот поранешен партнер, сепак вашите деца треба да имаат добар однос со двајцата родители“, објаснуваат тие. Станува збор за тоа дека родителите никогаш не треба да го ставаат детето во ситуација да мисли дека е принудено да избере страна.
Друга работа што многу родители ја прават за време на разводот, а која може лошо да влијае на нивните деца е озборувањето на поранешниот партнер. Имено, јасно е дека има одредени негодувања, особено ако разводот се случил неодамна, но сите лоши зборови за другиот родител негативно се одразуваат на детето.