Трансплантираното срце е посебен подарок: „Ја замислувам личноста од која го добив срцето“!

По повод Светскиот ден на срцето (29.09), студентката Габриела Буљиќ (21) од Дуго Село, Хрватска, раскажа за „Јутарњи“ како живее со трансплантирано срце

92

Срцето е најсилниот мускул во нашето тело, но иако е импресивен и силен, може да стане многу ранлив.

Вчера (29.09) ширум светот се одбележа Светскиот ден на срцето под мотото „Користете го срцето за акција“, со кое се поттикнува на грижа за своето срце.

По овој повод, студентката Габриела Буљиќ (21) од Дуго Село, Хрватска, раскажа за „Јутарњи“ како живее со трансплантирано срце

Трансплантираното срце е посебен подарок.

На 18 ноември, пред четири години, додека ја возеле на трансплантација на срцето, кое ѝ пристигнало преку Еуротрансплант, Габриела Буљиќ ветила дека нема да се откаже и по осум часа буквално започнала нов живот со новото срце, пишува „Јутарњи“.

Оттогаш поминале четири години, а Габриела вели дека всушност ѝ е неверојатно што поминало толку многу.

Таа сега живее како што живее секоја млада девојка. Има 21 година, студентка е по економија и штотуку ја започнала третата година на Економскиот факултет во Загреб.

Покрај студирањето се дружи со пријателите и семејството и има четиригодишен брат, за кој вели дека е извор на бескрајна забава и радост.

„Благодарна сум на моето хипертрофично асиметрично срце што ми даде 17 години борба и учење за животот, но благодарна сум му и на моето ново срце што сега конечно го живеам“, сподели Габриела на социјалните мрежи, каде што ѝ се јавуваат многу родители и деца кои се борат со болести на срцето.

Габриела била многу болна, на седумгодишна возраст, хипертрофичната кардиомиопатија почнала да го зема својот данок. Доживеала чести напади во кои буквално се борела за живот.

Нејзиното срце било како темпирана бомба која може да произведе луд пулс кога срцето чука до 300 во минута. Не можела да трча како другите деца, морала да биде мирна, внимателна и секогаш одговорна.

Животот со дефибрилатор

Кога имала 13 години, таа веќе била подложена на шест операции и ѝ бил вграден трет дефибрилатор за да ја спасува побрзо од луѓето. Токму тоа и го правел, но се случувало да пукне електродата, па праќал електрошокови и кога не требало.

Воочи нејзиниот 17 роденден, тоа се случувало пет пати дома и уште 11 пати во болница.

Потоа следувала уште една во низата операции. Но, срцето откажувало, па лекарите ја ставиле на листата за трансплантација. После 20 дена ѝ пристигнало ново срце.

„Многу размислувам за се, не зборувам за тоа толку со луѓето, но тоа што во мене има туѓ орган се уште ми е нереално. Таквата несебичност на семејството на личноста од која го добив срцето, што беа спремни да дадат такво нешто за друг, верувам дека е многу тешко, но чувствувам неопислива благодарност. Се навикнав на моето ново срце, иако мислев дека никогаш нема“, вели Габриела во интервјуто за „Јутарњи“.

Весела е, ведра, неоптоварена, но крајно одговорна.

„Посебно се грижам за лековите, се пазам од вируси, бактерии и сè останато што може да биде фатално за срцето и за мене. Редовно земам имуносупресивни лекови.

Што се однесува до исхраната, јадам помалку маснотии и се трудам да се движам што е можно повеќе.

Не можам да кажам дека не сум како секоја млада девојка, но дозата на претпазливост е многу поголема отколку кај здравите луѓе.

Некогаш ме понесува животот, сакам сè веднаш и што е можно поскоро, како и сите млади девојки, па татко ми многу пати ме потсетува дека мојот животен ритам не е ист како и на сите други. После тоа забавувам, се заблагодарувам за можноста што ми се укажа и продолжувам со свое темпо“, вели Габриела.

Таа би сакала да знае сè за нејзиното срце

Признава дека би сакала да знае чие срце го добила. Понекогаш се обидувала да ги надмудри лекарите, но не стигнувала многу далеку.

„Навистина се професионални во сè така што ништо не знам. Би сакала да знам чие срце добив, но разбирам зошто правилото е дека не смее да се знае.

Во секој случај, ако некогаш дознаам, би сакала само да му се заблагодарам на семејството и да им кажам дека мојот живот е убав, убав како никогаш досега, дека сега можам лесно да се искачам на четвртиот кат од болницата без пауза, а пред тоа ова беше само фантазија.

Тоа ме прави особено среќна.

Ја замислував личноста од која го добив срцето, тажна сум затоа што и таа го имала своето семејство, веројатно некои големи цели во животот, а не ги постигнала, но верувам дека сè е со причина“, додава Габриела.

Многу истражувања покажаа дека луѓето кои имале трансплантација на срце откриваат некои нови квалитети кои ги немале порано.

Во една неодамнешна студија на Универзитетот во Колорадо, дури 89 проценти од сите приматели на трансплантирани органи (23 примачи на срце и 24 други примачи на органи) пријавиле промени во својата личност по операцијата.

Како што е објавено во списанието Transplantology, тие изјавиле дека по трансплантацијата се чувствувале повеќе како нивниот донатор отколку како тие самите пред трансплантацијата.

Старата и новата Габриела

„Многу луѓе ме прашаа за тоа, па затоа и самата размислувам за таа можност.

Сепак, јас сум сè уште онаа старата јас и поверојатно е дека промените што дојдоа се нуспојави од имуносупресијата, самата животна ситуација и менталното созревање, бидејќи сето тоа ми се случи кога имав 17 години.

Се трудам да бидам најдобрата можна личност, на сите им кажувам што мислам и што чувствувам за да не се каам за ништо. Мислам дека луѓето на кои им е дадена таква шанса за нов живот се навистина многу посреќни и поблагодарни, се радуваат на малите нешта затоа што никогаш не знаеме кога ќе заврши.

Во 2020 година, се најдов во ситуација во која многу се каев затоа што не им покажав на моите најблиски за да знаат дека ги сакам и дека ги ценам што се таму, а можеше да биде предоцна.

Сега помалку се грижам за некои проблеми бидејќи свесна сум дека се ќе помине, се може некако да се реши, единствено што е важно е да сме среќни и здрави.

Максимално го користам времето и можностите што ги имам затоа што никогаш не можеме да знаеме дали ќе има утре“, истакнува Габриела.

Таа често ги упатува овие зборови до бројните пациенти, нивните семејства и до многумина кои ја прашуваат за совет и за нејзиното искуство со трансплантација на срце.

„Многу ми е драго што повеќе се зборува за кардиомиопатија. Исто така, мило ми е што можам да разговарам со луѓето за тоа со некои професионални термини на кои ме научија лекарите.

Знаев дури да разговарам и со родителите на децата кои мораа да ги направат операциите што ги направив јас, со помош на кардиохирургот Дражен, за подетално да го објаснам закрепнувањето од перспектива на пациентот.

Ме контактираат тинејџери кои имаат слични проблеми, кои ја следеа мојата приказна пред четири години, среќна сум што во мене гледаат некој што можат да го побараат за совет.

Ме прашуваат за терапијата по трансплантацијата, за отфрлање на органите и за целото мое искуство за да им помогнам да се подготват.

Иако секој случај е различен, зборувањето многу помага, што го знам од лично искуство, па мило ми е што некој наоѓа поддршка во мене“, вели Габриела.

Таа волонтира и дава поддршка

Ако ја сретнете во Ребро (Клиничкиот центар во Загреб), тоа е веројатно затоа што таму оди на контроли, кои ѝ се неопходни двапати годишно, и еднаш годишно за биопсија со која се проверува дали постои отфрлање на органот.

Прием во болница, земање крв, ЕКГ и ултразвук се задолжителни за секоја контрола.

Можеби ќе ја сретнете додека волонтира, бидејќи тоа го прави редовно во текот на годината.

Вели дека сака да ги охрабрува другите и сака да им раскажува за своето искуство.

„Неверојатно е колку разговорот помага, влева сигурност и мир.

Одев кај психолозите во Ребро, многу разговарав со нив, знаат многу за мене бидејќи беа со мене во текот на моето растење.

Кога доаѓам да волонтирам, често се среќаваме во болница.

Еднаш психологот Марина ме покани на предавање за студентите да ја раскажам мојата приказна за моето искуство со психолозите.

Мојата болест и состојба никогаш не ми биле голем проблем во животот затоа што уште од детството ме учеле дека не можам да правам одредени работи како моите врсници, ги знам своите граници и се придржувам до нив затоа што сакам да бидам добро.

Дозата на страв дека нешто може да се случи сè уште постои, но многу помалку од порано.

Сега знам дека не можам да влијаам на некои работи, верувам дека сè е веќе запишано некаде и дека единственото нешто што можам да го направам е да останам позитивна, да верувам во најдоброто и да оставам се на Бога“, вели Габриела.

Нејзиното срце е сега здраво

Денеска, вели, веќе нема никакви проблеми со срцето.

„Сега се е супер со срцето. Пијам лекови и ќе ги пијам засекогаш, но тоа не ми е проблем. Дефинитивно би земала лекови дури и да ми останеше старото срце, па веќе како дете научив дека тоа е нешто што морам да го правам за да живеам нормално“, објаснува таа.

Лузната ја потсетува на шансата што ја добила со ново срце.

Летово била на Вир, Паг и Шибеник, лани на Брач. Уживала, вели, пред есенските обврски на универзитетот.

„Сакам да бидам со пријателите, го најдов мојот круг на луѓе што ми одговара и уживам да го поминувам времето со нив. Шетаме, сакаме да излегуваме да јадеме, а понекогаш друштвото се собира и разговараме за животот.

Ме прави среќна и полна со енергија бидејќи ги имам вистинските луѓе околу мене.

А лузната е дел од мене, прифатена уште пред да се создаде.

Без неа немаше да постојам, затоа и ја обожавам. Секој пат ме потсетува на можноста за живот што ми е дадена и на тоа дека живеам со целото мое срце, бидејќи на крајот на краиштата, животот е само еден“, вели Габриела Буљиќ во интервјуто.

Повеќе