Вака се слави 90-ти роденден! Лани Софија Лорен, годинава – Марија Радованац

Иако не живее во ниту една од т.н. „сини зони“ туку во центарот на загаденото Скопје, ѕвездата на нашата приказна е енергична 90-годишна жена која само неколку месеци откако скршениот колк ѝ бил заменет со нов, го прослави својот јубилеен роденден со оро, танго, пура и виски

238

Ѕвездата на оваа приказна е Марија Радованац. Таа не е ниту актерка, ниту пејачка, ниту пак е позната надвор од кругот на своето семејство, пријателите и соседството, но е наша сограѓанка и жив доказ дека и на 90 години животот може да биде убав, а роденденската забава – луда и незаборавна. Дури и после скршен колк и неколку тешки месеци поминати во друштво со помагало за одење и физиоптерапевт.

Оваа натурализирана скопјанка, инаку, родена битолчанка, не може да се откаже од една своја лоша и од една своја добра навика. Првата се цигарите, иако не пуши којзнае колку, туку само за ќеф, а другата, онаа добрата, од која, вели, нема да се откаже сè додека ја држат нозете, е еднаш неделно да оди на фризер.

Што се однесува до првата навика, имала желба да запали пура, онака како што го правеле тоа на времето Кастро и Тито и тоа и го направи кога за својот 90-ти роденден доби пура од помладиот зетко.

Иако го скршила колкот пред само неколку месеци и тој ѝ бил заменет со нов, оваа енергична жена, која речиси цела година го планирала својот јубилеен 90-ти роденден и сакала да ги пречека на нозе своите најмили, ја исполнила целта. Го прослави 90-тиот на нозе, сврте и оро и танго и остана расположена и будна додека не го испрати и последниот гостин.

Госпоѓа Марија е родена во 1935 година во семејство со пет деца, тројца браќа и две сестри. Шестото починало уште како бебе, раскажува таа. Иако е последна од своите браќа и сестри, а повеќе и нема многу пријателки на нејзина возраст, таа има големо семејство составено од нејзините деца и внуци, како и од децата и децата на децата на нејзините браќа и сестра.

И сите се собраа за 90-тиот роденден. Некои од Германија, некои од Италија, некои од Брисел и секако, сите кои живеат во истиот град.

А баба Маре или тетка Мери, како што ја викаат најблиските, ги пречека на нозе и сите, оние кои веќе длабоко загазиле во седмата деценија, како и оние помладите, со нејзиното: Ој на нана, убав/а тој/таа!!!

Минатата година 90-тиот роденден го прослави и славната Софија Лорен, една од ретките познати личности кои останале во брак со истиот човек (Карло Понти) речиси 50 години, сè до неговата смрт во 2007-мата. Токму од тогаш е вдовица и госпоѓа Марија која потполно се согласува со една од најпознатите изјави на Софија, онаа дека е невозможно да се сака двапати во животот.

Госпоѓа Марија била во брак со својот сакан Миле, цели 44 години, сè до неговата смрт пред 18 години.

Сепак, со својата смисла за хумор, прераскажува сон кој го сонувала по неговата смрт:

„Го сонував Миле. Беше качен на автобус и стоеше на вратата со подадена рака кон мене. Се израдував во сонот дека го видов, ама знаев дека има нешто што ме спречува да му ја подадам раката. Ми текна дека е умрен, па му реков: Извини Миле, ама мене уште ми се живее!“
Да, токму така, планот ѝ е да не си оди од овој свет додека не дочека правнуци од своите најсакани четири внуци, оние, од ќерките.

Ние ѝ посакуваме да си дочека стотка и згора, иако не живее во ниту една земја од т.н. сини зони, туку во самиот центар на загаденото Скопје.

Повеќе